Monday, September 29, 2008

Загубени во преводот (Lost in Translation)



Приказна за сопственото препознавање во другиот

Кон „Загубени во преводот“, режија и сценарио: Софија Копола; фотографија Ленс Акорд; музика Кевин Шилдс; улоги: Скарлет Јохансон, Бил Мареј, Џовани Рибизи, Акико Такешита; САД 2003 година

На самиот старт филмот „Загубени во преводот“ има еден хендикеп. А тоа е „Оскарот“ што овој филм го доби за сценарио, четирите номинации за „Оскар“ и обидот на Американците од филмот на Софија Копола односно првата Американка номинирана за „Оскар“ за режија, да направат настан. Тоа придонесе овој филм да се очекува со нетрпение и што е многу неблагодарно, од него да се очекува многу. Уште поинтересно, кога говориме за Американците, е тоа што сето ова се случува откако Софија беше прогласена за неталентирана актерка и просечен сценарист, додека сега, откако се надува целата оваа приказна и по успехот на годинешното доделување на „оскарите“, постојано се нагласува нејзиното потекло. Што во случајов создава додатен хендикеп, особено ако се обидувате да ја споредувате со нејзиниот татко, Френсис Форд Копола и со нејзиниот братучед Николас Кејџ.

Имено, споредбата со великаните, од една страна, доволно и го отежнува патот на Софија, а од друга, уште повеќе дволичноста и потребата на Американците во трката за големата филмска награда, во која немаа свој фаворит, него по секоја цена да го создадат. Навистина, не е воопшто лесно во едно такво окружение да бидете „обичен“, но тоа би бил фантастичен пат кога би бил природен без целата игра и манипулација. Затоа, овој симпатичен мал филм „Загубени во преводот“, се претвора во бумеранг кога говориме за талентот на Софија. Не дека го нема, но станува збор за просек, чија кариера ќе ја има својата перспектива ако успее да истрае и да го цени своето. Што во вакви услови навистина е многу тешко, ако не и невозможно.

Ако успеете да се апстрахирате од сето ова, тогаш „Загубени во преводот“ може да биде забавен филм со симпатична смисла за хумор, може да биде филм кој говори за осаменоста, за бескомпромисното соочување со себе кога ќе се најдете сами во непознат град, за лутањето во себеси кое во тој момент е неизбежно и за сопственото препознавање во другиот. Со бавен ритам, со природни неоптоварени дијалози (дури премногу) и со очигледно нагласување на внатрешното и надворешното „Загубени во преводот“ се следи со леснотија и со љубопитност, притоа задржувајќи го доброто расположение.

Она што овој филм со својата непретенциозност (што е добро), но и со својата просечност, не го прави, тоа е дека не ве тера да се поистоветите, да сочувствувате, не создава големи емоции, нема пресврти кои ќе ве предизвикаат, со еден збор тоа е филм кој е забавен додека се гледа, но веднаш потоа се заборава. Е сега, и во таквиот пристап може да има тежина односно наметнување на некои размислувања кои би зависеле единствено од вас, со кои филмот не би манипулирал туку само би дал назнаки оставајќи ве сами да одберете дали ќе се вовлечете во него или не. Но, за жал овде тоа не е случај. „Загубени во преводот“ се определува за индиректниот пристап, но тоа е слаб филм, филм кој се обидува да порача, но не успева во тоа. За од друга страна, мудро да ја употреби дистанцираноста во поглед на создавање на чувството на спонтаност и непретенциозност (сепак татко и е извршен продуцент), кое сепак е недоволно.

Ако се обидеме да го дефинираме, „Загубени во преводот“ можеби не е филм за љубовта, иако може и така да се сфати, туку првенствено филм за сопственото пронаоѓање во другиот. А тогаш љубовта или барем блискоста, секако, е неизбежна. Тоа е и добрата страна на филмот, не паѓајќи во искушението да направите забранета љубовна приказна меѓу возрасен маж и млада девојка, и двајцата во брак, туку останувајќи на нивото на себепрепознавањето. Но целата таа ситуација сместена во Токио, ситуација на збунетост, измешани емоции и чувство на (не)припаѓање за жал не е доволно развиена.

Штета бидејќи филмот има навистина фантастична база, за која сепак е потребен мајстор особено кога станува збор за индиректното и непретенциозното. Факт е дека најголемата убавина се крие во едноставноста, но овде таа се меша со просечното. Бидејќи, едноставното значи и големина, значи содржина, значи активен однос кон нештата, додека просечното првенствено значи безлично и безначајно односно нешто што не отскокнува, нешто што не е вредно, нешто што веднаш се заборава. Таков и е филмот „Загубени во преводот“ кој ќе се обиде и да проговори за двете култури, јапонската и американската, но останувајќи на ниво на карикирање.

Она што можеби останува тоа се неколку прекрасно одбрани слики во Токио, кои можат да проговорат многу повеќе од било кои зборови. Преку нив, преку таинственоста на природата, преку будистичките храмови и необичната слика на јапонската невеста, неизбежно е вртењето кон себе, соочувањето кое може да ја добие својата жестина иако започнува незабележливо, тука е можно вистинското препознавање на различноста на културите, препознавањето на истражувањето. Токио и јапонската култура, секако, ја имаат податливоста, која не е доволно искористена. Бил Мареј во улогата на Боб Харис, како и во своето гостување во Јапонија во филмот, глуми пред се со својот кредибилитет, со она што тој претставува, со врежаниот имиџ за себе и со фактот дека е „доволно“ што него сте го добиле, иако не е. Но затоа, вистинско освежување во филмот е Скарлет Јохансон, во чиј лик и податливост можете нештата да ги препознаете. Силното внатрешно доживување е видливо на неа без голем напор и без преглумување. Но ете, ѕвезда на филмот и номиниран за „Оскар“ беше Бил Мареј, при што Американците веројатно заслепени од својата тенденција пропуштија Јохансон да ја прогласат за откритие на овој филм. Како и да е, во ликот на младата Скарлет и во рефлексијата на Јапонија во него можете да видите многу, па и она што не е испишано на него. Барем не така очигледно како кај Бил Мареј, но во спротивна насока. (10.05.2004)

No comments: