Monday, September 29, 2008

Војна на световите (War of the Worlds)



Немоќта на последното вселенско соочување на Спилберг

Кон „Војна на световите“, режија: Стивен Спилберг; сценарио: Дејвид Кеп; фотографија: Јануш Камински; улоги: Том Круз, Дакота Фенинг, Џастин Четвин, Миранда Ото, Тим Робинс, САД 2005 година

Насловот на новиот филм на Спилберг, всушност, преземен од романот на Херберт Џорџ Велс по кој е и направен, алудира на тоа дека во него можете да очекувате вистинска војна, вистински судир на световите. Но, „Војна на светови“ е сосем поинакво остварување, тоа е филм во кој вистинската војна оди некаде во позадината, а во преден план е судирот на човекот со непознатото и неговата предодреденост, и кога е најбезнадежно да се бори да преживее. Или како што вели познатиот писател Х. Џ. Велс, неговата предодреденост да се бори да не умре залудно, како што и не живее залудно. Со други зборови, Спилберг или мајсторот на приказните, на фантазиите и на емоциите, ќе се определи за нешто сосем друго. Тој не води низ оваа застрашувачка и шокантна сторија (барем таква треба да биде) преку приказната за неодговорниот татко, Реј Фериер (Том Круз), кој во моментот на судирот со заканата за својот живот и за животот на своите деца ќе претрпи драстичен пресврт, пресврт кој умее на човекот да му ја даде целата смисла и целта на неговото постоење.

Водејќи не вртоглаво низ оваа мала лична приказна, тој ќе се обиде да ја наслика војната на световите во светлината на човекот, на оној мал човек истовремено уплашен и силен, себичен и дарежлив, на оној мал човек, кој свесно или не, ја испишува судбината на целата планета. На онаа планета која нападната од непознати сили, нема друг избор, освен да го пронајде единствениот пат со кој ќе го сочува својот интегритет и интегритетот на оние без кои таа и не би била тоа што е.

Барем таква е замислата на Спилберг, да не поведе на ова свое последно вселенско соочување преку очите на Том Круз, преку неговиот страв, напор, борба, грижа и ризикување само за да ги заштити оние кои ги сака. Целиот овој напад на непознати суштества, целата непознаница и вџашеност која тој ја предизвикува, Спилберг се обидува да ни ја долови ставајќи не во улога на неговиот главен протагонист, ставајќи не во истата улога на напнатост и исчекување која треба да ја преживееме заедно со Реј Фериер. Но, дали е до Том Круз или до немоќта на Спилберг да создаде ситуација која барем донекаде ќе не убеди во својата веројатност, која ќе ни го задржи вниманието, напнатоста и ќе не направи дел од целата таа борба за спасување, но факт е дека сето тоа не успева. За разлика од некои други негови филмови, во кои со леснотија сме се поистоветувале и сме станувале понесени од неверојатните приказни, овде, и покрај целиот напор, тоа не успева. Ние не стануваме дел од борбата на Том Круз, едноставно затоа што не и веруваме, затоа што има премалку елементи кои треба емотивно да не внесат во неа и затоа што приказната ја нема моќта да не вовлече во себе.

Неверојатните настани се нижат, се разбира технички (да не речеме компјутерски) совршено изведени, но не и емотивно, не и реално или логично, без оглед на контекстот. Бидејќи, гледачот треба да стане дел од филмската приказна без оглед на нејзината веројатност или токму со оглед на неа; неговиот влог, неговите емоции, борба и верба мора да бидат реални, барем за него, барем во тој момент. Спилберг овде оди на атрактивноста или на ефектноста на решенијата, а не на нивната веројатност и ја губи главната нишка односно главната интенција, да го води гледачот низ својата приказна, а не да го претвори во набљудувач. Затоа плачевме на „Е.Т.“, затоа не потресоа „Империја на сонцето“ или „Бојата на пурпурот“, затоа уживавме да ги гледаме вратоломиите на Индијана Џонс, додека „Војна на световите“ не остава рамнодушни. Спасувањето на целото семејство во оваа приказна не измамува солзи, напротив, бидејќи се е чисто, провидно, бесмислено и далечно.

Неверојатно и разочарувачки, од Спилберг очекувавме повеќе. Техничкото совршенство после сето она што во изминатите 30 години го направија токму Спилберг и Лукас, не е доволно, тоа едноставно се подразбира. Ако тогаш Спилберг умееше тоа така да ни го сервира, па поради моќта на сликите и на емотивноста вткаена во нив не можевме а да не им веруваме и на најневеројатните приказни, сега, за жал, и покрај моќта и покрај податливоста на приказната, се случува сосем обратното, тоа не успева. Особено што во својата замисла приказната да ја води низ очите на таткото, на неговиот син и на неверојатната Дакота Фенинг, тој тука и останува, без да внесе други ликови, други судбини, без да создаде една посложена (емотивна) структура односно без да и даде комплексност на самата приказна. Тој не создава никаква позадина, ништо посилно кое би не задржало тука, физички, емотивно или мисловно. Техничките потези, и покрај целата своја совршеност, тоа не можат да го надополнат и филмот останува празен, останува бесцелен и без сила. Освен уште една замислена игра со природата или човечка игра со фантазијата, резултатот е поразителен.

Од Спилберг очекувавме повеќе, од вековните стравови на човекот уште повеќе, а особено од едно четиво кое цел еден век си игра со фантазијата на луѓето. „Војна на световите“ требаше да биде драматична (и адекватно на денешното ниво на сознанија, веродостојна) борба на човекот за својот опстанок, драматична борба која само уште еднаш ќе си поигра со смислата и суштината на живеењето, барем така почнува и така завршува филмот, пред да се загуби во лавиринтот на неверојатните настани и неинвентивни решенија. Штета, екранизацијата на фантастичната војна на световите ја чекавме премногу долго за да се задоволиме со овој филм, па дури ако е и од Спилберг. (3.07.2005)

No comments: