Friday, September 19, 2008

Апокалипто (Apocalypto)


Црно-белиот свет на Мел Гибсон

Кон „Апокалипто", режија: Мел Гибсон, улоги: Далија Хернандез, Маира Сербуло, Руди Јангблад

Мистериозниот и за нас егзотичен свет на Маите, чија култура и цивилизација датира уште од пред нашата ера, отсекогаш бил предизвик за проучување и нешто што ја будело имагинацијата на обичниот човек. Да се зборува за светот на овој индијански народ кој живеел на подрачјето на Хондурас, Гватемала, Мексико и Салвадор и зад себе оставил импресивни траги на човечката цивилизација, не е воопшто лесно токму поради долгата културна традиција и влијанието кое го извршиле. Не случајно зафаќањето на Мел Гибсон со неговиот проект „Апокалипто" крена толку голема прашина и интересирање, особено што неговата амбиција беше далеку од очекуваното. Имено, тој се реши да прави автентичен филм во кој ќе го оживее светот на Маите дотаму што во него ќе се зборува на нивниот оригинален јазик, а и за улогите се реши да ангажира главно луѓе со индијанско потекло. Дури и самиот наслов ја навестуваше големата амбиција, да се зборува за апокалипсата, да се зборува за крајот, за времето пред доаѓањето на Шпанците, за времето кога самата цивилизација почнува да се распаѓа однатре, навестувајќи со еден збор една вистинска филмска епска сага.

Но, што се случи? „Апокалипто" ни оддалеку не е тоа што претендираше да биде. Напротив, тоа е многу наивен, површен, осиромашен и праволиниски филм, кој и покрај целата автентичност на која инсистира не го ни допира светот на Маите. Во него Мел Гибсон, кој заедно со Фархад Сафиниа е и еден од сценаристите, прави една класична акција, класичен лов на човек на кој егзотичниот свет на Маите се чини му е само дополнение или зачин што треба да му овозможи да прозвучи поинаку и да ја заинтригира нашата фантазија. Тој својот филм ќе го фокусира на една игра на моќ поточно надмоќ, на која всушност и се исмева, меѓутоа запаѓа во сопствената стапица па наместо да се обиде да си поигра со извонредната психолошка палета на бои која овој свет ја нуди, наместо да се обиде да ја долови целата комплексност и слоевитост и да навлезе во едно сосем поинакво профилирање на карактерите, тој целосно ќе се потпре на класичната игра на доброто и злото толку препознатлива во акционите филмови. Сето тоа резултира со една многу наивна црно-бела слика во која на едната страна ја прикажува идилата на едно од племињата, неговата наивност и добродушност, додека од друга страна ги претставува Маите и нивната цивилизација која покажува исклучителен степен на дивјаштво и спрема другите, но и во разјадувањето на самата себе.

И иако алузијата и критиката се јасни, иако Мел Гибсон многу отворено сака да направи паралела и да си поигра со вечните прашања на насилство и уништување на посилниот спрема послабиот, сепак, тој со нив не успева и вистински да се позанимава. Бидејќи, работите и никогаш не биле така црно-бели како во американските филмови, ниту сега, а уште помалку порано, во едно многу комплексно време, време на кое сака да се наврати Мел Гибсон, време во кое силата на боговите се уште била врвна сила и во кое нештата никако не можете да ги набљудувате надвор од целокупниот контекст. Со други зборови, ако сакаше Гибсон да говори за тоа време тогаш тој така и мораше да му пријде, со целата негова автентичност, сложеност, па и наивност и примитивизам. Но не, ништо од светот на Маите, ништо од светот кој ќе го одбележи преминот од старата во новата ера и ќе продолжи да се развива достигнувајќи ја својата кулминација, тој нема да успее да допре. Во суштината Гибсон не успева да долови ниту еден мал дел, а камо ли да постави некаков поамбициозен историски сет на кој всушност со целата своја амбиција цело време претендира. Неговиот филм се сведува на неприкосновен израз на сила и надмоќ што ја подразбира опсесијата на ловците кои не можат да дозволат да бидат надитрени од послабиот, неговиот филм е борба меѓу супериорните и послабите, неговиот филм е борба меѓу цивилизираните и дивите (играјќи си токму со тоа кои се кои), неговиот филм во суштина е поделен на црно и бело и може да биде поставен било каде.

Тоа што тој сакаше да биде ексклузивен во оживувањето на светот на Маите е добар обид, но недоволен, обид кој со целата своја недоволна подготвеност или сериозност за еден таков потфат, всушност, само си наштети самиот на себе. Бидејќи, авторот толку ја ограничува својата сторија што критиката која сака да му ја упати на „цивилизираниот свет" ја нема ниту силата, ниту острината губејќи се во сосем непотребното карикирање кон кое прибегнува во недостаток на цврста приказна, а уште повеќе во целосната недефинираност на светот за кој претенциозно сака да говори. Со вистинскиот свет на Маите Гибсон за жал не се занимава нималку, барем не суштински, сж што тој свет му носи на овој филм е егзотиката, исклучивоста на сликата, визуелната убавина и самиот предизвик на дивината во неа, одличната фотографија, шминка и звук. Се друго е премногу наивно и недоработено за да остави било каков друг впечаток. (5.03.2007)

No comments: