Sunday, September 28, 2008

Караула (The Border Post)



Апсурдноста на (не)човечката димензија

Кон „Караула“, режија Рајко Грлиќ, сценарио: Грлиќ и Анте Томиќ, фотографија Слободан Трниниќ, монтажа Андрија Зафрановиќ, улоги: Сергеј Трифуновиќ, Тони Гојановиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Верица Недеска, Зоран Љутков, Петар Арсовски

Во караулата на југословенско-албанската граница режисерот Рајко Грлиќ ќе го смести своето последно филмско парче, насловено едноставно „Караула“, во кое уште еднаш се осврнува на некогашна Југославија, но на еден сосем поинаков начин. Откако се случи војната тој нема да зборува за последиците или за причините, ниту за драматичните пресврти, напротив, Рајко Грлиќ ќе се определи да проговори за луѓето (пред распадот на нивната земја некаде во 1987 година) и за нивното „нормално“ секојдневие во еден историски миг на апсурдот, чија силина подеднакво натежнува без оглед дали сте за неа свесни или не. И токму во таа иронична игра, историска, но и актуелна, Грлиќ ќе се обиде да ја препознае целата драматика на времето во кое живеевме и предодреденост или не, логичен развој на настаните или апсурден, кој ќе се случи по само неколку години. А факт е дека тоа е најтешко. Многу е полесно да говорите за конкретните нешта, за конкретните приказни, трагични судбини и настани, бидејќи нивното препознавање никого не го остава рамнодушен, честопати дури и без оглед на квалитетот на филмовите. Но, Грлиќ ќе се определи за дистанцата, за симболиката и назнаките, и за она кое веројатно го исправа и самиот пред себе, колку и пред нас, да одговориме на најтешкото прашање, што е она што не прави поинакви, што е она што ги прави логични трагичните настани кои ќе следат, што е она што овие луѓе навидум преку ноќ ги претвори во нелуѓе?

Во приодот кон оваа дефинитивно многу чувствителна тема, Грлиќ ќе се определи да оди на неколку нивоа и интересно е дека таа функционира секако, без оглед на тоа дали во неа ја препознавате целата комплексност или не, додека во прв план тече една едноставна и забавна приказна за војничката доколица, автентична и препознатлива за овие простори и за менталитетот на овој народ. А тука, како во некоја стапица, режисерот Грлиќ и авторот на романот, а коавтор на сценариото Анте Томиќ, така ќе ги постават работите нагласувајќи ја донекаде националноста на народите и народностите, но не дотаму за да можете да кажете дека им припишуваат етикети. Напротив, тие ќе успеат така суптилно да ги постават работите што и покрај присуството, па дури и некои навестувања за она што е карактеристично во менатлитетот на секој народ поединечно, сепак, на крајот етикетите да ја попримат пред се човечката, а не националната димензија.

И тоа дефинитивно е нивниот успех, но само донекаде, затоа што приказната, па и идејата останува осиромашена со тоа што акцентот е ставен само на три лика. Со други зборови, тоа ја носи претенциозноста во инаку навидум непретенциозниот пристап, тоа ја носи преголемата насоченост кон создавањето тензија и нејзиното кулминирање, за разлика од моментот во кој би била вклучена една лепеза на ликови, која впрочем и самата идеја ја бара. Но, се чини дека токму во обидот да се избегне нагласувањето на некои национални предзнаци, како да се измолкнува една поширока димензија која не само што би го збогатила филмот, туку и би му дала одличен шлагворт за одговорот на поставеното прашање.

Но, дури и без тоа, „Караула“ е добро направен филм, со солидно сценарио и одлична режија, кој успева на забавен и интересен начин да проговори за навидум наивниот војнички живот, додека во позадината ја испишува силната политичка матрица. Филмот успева многу автентично да проговори за тоа време, за неговите протагонисти и за нивните лични приказни, додека пополека станувате свесни за апсурдот што ги опкружува. Со одлично избраните архивски снимки филмот многу добро ја исцртува целата иронија на времето во кое живеевме, а кое е пред самиот свој колапс, што авторот истовремено го прави и во самата караула, само на индиректен, би рекле симболичен начин. Можеби најдобар пример за сето тоа би бил токму инцидентот со познатата парола испишана на караулата, која некогаш беше обележје, а сега е смешна „да го чуваме братството и единственото како зеницата на окото свое“, и моментот кога таа ќе биде претворена во името на еден од авангардните и најжестоки бендови „Електричен оргазам“.

Впрочем, целата ситуација во караулата, во која поручникот Пашиќ (Емир Хаџихафизбеговиќ) ќе прогласи воена состојба поради измислената опасност од агресијата на Албанија, е апсурдна, токму онака како што и мангупот Пауновиќ (Сергеј Трифуновиќ) ќе се обиде да си поигра со Пашиќ, а всушност ќе го доведе општиот, но и сопствениот апсурд до точка на вриење. А она што во сето тоа е особено интересно, е што Грлиќ и Томиќ ќе успеат во тој контекст да проговорат за некои врежани стравови кои сите ние ги носевме и ги носиме едни спрема други, но кои сепак не се премногу акцентирани не дозволувајќи сето тоа да добие пренагласено значење. Така што, „Караула“ носи во себе една навистина извонредно суптилна позадина која во многу говори за нас, без обвинување и без етикетирање.

Филмот има одличен кастинг кога говориме за главните ликови, но не и за споредните, бидејќи поради недостатокот за кои говориме тие остануваат неубедливи. Со својата драмска игра, во која дефинитивно се препознава злокобното навестување на настаните се издвојуваат Емир Хаџихафизбеговиќ и Верица Недеска, додека во ликовите на Сергеј Трифуновиќ и Тони Гојановиќ многу повеќе е исцртана или искористена автентичноста на ликот отколку вистинската актерска игра. Филмот има одлична камера на Слободан Трниниќ и монтажа на Андрија Зафрановиќ, која многу придонесува за симболиката и тензијата што во него се развива. А музиката на Сања Илиќ и на „Балканика“ и во својот избор на автентичните и препознатливи нумери од 80-тите и во својата оригиналност, извонредно е вклопена во дејствието, на моменти дури и како дел од него.

Генерално „Караула“ е добар филм, одлично режиран, филм кој моќно, преку една затвореност и камерност на просторот ја доловува целата симболика, алузија и комплексност на времето за кое говори, на настаните, но и на луѓето во него. Филмот во себе ги спојува и комерцијалните и уметничките елементи, но се чини без тенденциозност, туку токму како израз на реалниот живот и на историската дистанца. „Караула“ во својата намера, откако се случи распадот и војната, да проговори токму за „нејасноста“ на сето она што доведе до тие драматични пресврти и во својата намера да се обиде да не врати во времето и да се запраша, но и да не натера да се запрашаме, кога работите станаа толку екстремни без да бидеме свесни за тоа, е исклучително вреден филм. Пред се, затоа што не се занимава ниту со причините, ниту со последиците, ниту се обидува да биде судија, набљудувач или филозоф. Напротив. Неговата вредност е токму во едноставноста, во љубовта кон луѓето, но и во прашањата кои се наменети за истите тие луѓе. Бидејќи, тие прашања ни оддалеку не се врзани за просторот, напротив, тие и покрај својата автентичност ја добиваат универзалната димензија за човечното и нечовечното во човекот, универзалната димензија на прашањето кое вечно го бара својот одговор. (27.03.2006)

No comments: