Thursday, September 25, 2008

Светски трговски центар (World Trade Center)



Апсурдна филмска приказна за американските митови

Кон „Светски трговски центар“, режија Оливер Стоун, улоги: Николас Кејџ, Мајкл Пена, Меги Гиленхал, Марија Бело, САД 2006 година

Филмот на Оливер Стоун „Светски трговски центар“ беше очекуван со големо нетрпение. Репутацијата на Стоун, кој овој пат се нафати да говори за 11 септември, ги направи очекувањата големи, а неговото излегување своевидна атракција. Но и покрај гламурозната промоција во Кан, а потоа и премиерата во Венеција, приемот на критиката беше лош, иако подоцнежните критики во познатите филмски списанија не го рангираа толку лошо. Многумина претпоставуваа дека е тоа така поради чувствителноста на темата и осврнувањето на една од најголемите трагедии на почетокот на овој милениум, но, едно е сигурно, ни оддалеку не можете да претпоставите дека овој филм доаѓа од истиот човек што ги потпиша: „Вол стрит“, „Роден на 4 јули“, „Вод“ или „Родени убијци“. „Светски трговски центар“ е ужасно слаб филм кој е правен наменски, барем таков е впечатокот со оглед на неговата тесноградост, ограничена фокусираност и немоќ да воспостави вистинска комуникација со публиката.

Оливер Стоун се определил приказната за овој вистински настан, без оглед на временската дистанца, да ја прераскаже преку ужасот низ кој поминале двајца полицајци што ќе влезат во кулата за да ги евакуираат луѓето. Едно, што овој филм дефинитивно е направен во погрешно време, бидејќи кратката дистанца од настанот што погоди илјадници луѓе и на ужасен начин проговори за комплексноста на проблемите со кои денеска се соочуваме, неверојатно е да се прикаже низ внатрешниот пекол на две жртви, кои и покрај хероизмот, сепак се надвор од приказната. Друго, да се говори за една трагедија од такви размери, а во неа да се прикажува интимното доживување на две семејства ставајќи го фокусот на баналните, а не на суштинските работи, е повеќе од бесмислено. Раскажувањето на настанот низ халуцинациите на двајцата заробени полицајци во урнатините, за нивните среќни семејства и вистински брачни другари, за нивната подготвеност да се борат и да издржат, цело време изнасилено потенцирајќи го хероизмот ве тера да се запрашате, за што е филмот?

Очигледно дека целта на Стоун била да говори за хероизмот, но вака како што работите се поставени тој хероизам што Стоун сака да го потенцира се претвора во своја спротивност. Имено, во таквата несреќна констелација на работите, додека Стоун се обидува преку апсурдот да говори за трагедијата на двајцата храбри полицајци, влетува во апсурдот на својата наменска фокусираност. Да, навистина е апсурдно тоа што им се случи на двајцата полицајци, кога веднаш по влегувањето во кулата и без да имаат време да помогнат останаа заробени во урнатините.

Но, апсурден е целиот настан, апсурдна е смртта на илјадници прекрасни луѓе кои немаа поим за што се нивните жртви, апсурдна е целата идеја преку еден таков терористички акт да се говори за својата идеологија. Во урнатините останаа заробени којзнае колку луѓе, сите со свои приказни. Во тие урнатини завршија безброј судбини на апсурден и тотално бесмислен начин. Единаесетти септември беше трагедија која наметна многу прашања и која претставува еден вид меѓник што не соочува со ужасите на светот во кој живееме. Овој датум стана симбол на ужасот низ кои поминаа луѓето, нивните семејства, но и целиот цивилизиран свет додека немоќно набљудуваше што се случува, овој датум стана симбол на ужасот кој укажува на трулоста на некои нешта кои сериозно ги поткопуваат сите вредности во кои сакаме да веруваме.

А што се случува во филмот на Стоун? Тој започнува добро тргнувајќи од описот на еден обичен ден во Њујорк, на едно убаво и мирно утро и секојдневна рутина, полека најавувајќи дека ќе говори за пеколот и апсурдот на еден настан кој ќе ја измени сегашноста, но и иднината (но само за оние кои знаат, оние кои овој филм ќе го гледаат по 30 години нема да имаат поим за што станува збор, што повторно не враќа на наменското). Но, наместо тоа, филмот одеднаш добива сосем друг тек, следејќи ги настаните индиректно и заземајќи ја својата дистанца, па наместо за ужасот тој неочекувано се определува за бегството, навидум во светот на хероите, а всушност во негуваниот свет на митовите. Неговата одбрана група се двајца полицајци, еден поранешен маринец и еден обичен сметководител, на кои подоцна ќе им се приклучат голем број пожарникари, полицајци и обични луѓе за да ги спасат затрупаните полицајци.

Фокусот е на Меклафлин и Химено, кои нема да отстапат пред предизвикот да влезат во кулите за да им помогнат на луѓето, и на пеколот низ кој поминуваат после тоа, откако ќе бидат затрупани под урнатините. Тогаш Стоун прибегнува целосно кон препознатливата американска патетика, жртвување, храброст, среќни семејства, интимни исповеди итн, итн. Тука е и силниот маринец кој е одбран да им помага на луѓето, како и упорниот сметководител, се со цел на ужасно бесмислен начин да ни порача дека луѓето навистина се грижат едни за други и дека за овој настан не треба да се зборува, туку да се запамети. Попатно има неколку назнаки кои треба да проговорат за размерите на трагедијата, за сеопштиот ужас или за болката и апсурдот, но тоа се навистина само назнаки кои се губат во бесмислената цел и банализирање на вистинските нешта, кои за жал ни покрај целиот труд да се проговори за индивидуалната човечка несреќа ни најмалку не успеваат во тоа. Напротив.

Се чини дека во желбата да говори за апсурдот самиот филм на Стоун станува апсурден, обидувајќи се во една таква ситуација да го велича и поткрепи американското херојство. Тоа, за жал, не им се допадна ниту на Американците кое очекуваа многу повеќе, бидејќи 11 септември и навистина беше многу повеќе од тоа. Впрочем, херојството е дел од него овде и секаде, во оваа како и во безброј други трагедии. Да го сведете овој настан на хероизмот и трагедијата во која поради својата храброст се најдоа двајца полицајци, а да не проговорите за несреќата поради која страдаа илјадници луѓе, за големината на трагедијата, за нивниот хероизам, за прашањата кои се уште ги бараат вистинските одговори, за последиците, за бизарноста на настаните, е надвор од се.

Овој филм на начинот на кој е воден не успева ни оддалеку да проговори за тежината (па нека е и индивидуланата) која овој најтрагичен настан од поновата историја ја носи со себе. Која е намерата на Стоун? Да ни говори за американските митови. Од човекот кој умееше така жестоко да критикува во „Вод“ или во „Родени убијци“ навистина очекувавме многу повеќе. „Светски трговски центар“ е лош филм кој нема допирни точки со вистинската трагедија и со невидливите места до кои таа допира. А ако не беше тоа целта, тогаш која всушност беше целта на овој филм? (24.10.2006)

No comments: