Monday, September 22, 2008

Вавилон (Babel)


„Вавилон“ е филм за луѓето и нивните заблуди

Кон „Вавилон“, режија: Алехандро Гонзалес Инариту, улоги: Адријана Бараза, Бред Пит, Кејт Бланшет, Ринко Кикучи

Градењето на Вавилонската кула во филмот „Вавилон“ на Мексиканецот Алехандро Гонзалес Инариту само уште еднаш ја покажува неуништливоста на изворите на неразбирањето меѓу луѓето. Интересна е таа паралела која ја прави Инариту земајќи ја како мотив библиската приказна која, за жал, и после толку илјади години опстојува односно применлива е и денес. Карактеристично е дека во својот навистина исклучителен филм Инариту не се занимава со причините за неразбирањето меѓу луѓето, бидејќи на крајот тие и не се важни, туку преку потенцирањето на апсурдноста тој само ја покажува нивната неуништливост, нивната релативност и нивната бесмисленост. На тој начин тој прави една извонредна студија за човекот, за неговите вечни предрасуди, за бесмисленото но упорно чувство на недоверба, за болната осаменост, за стравот, за себичноста, осудата, за непроменливата потреба за припадност. Во неговиот филм немате супериорни и слаби, во него немате победници и губитници, немате среќни и несреќни бидејќи во една општа состојба на збрка и хаос едноставно сите се губитници.

Не случајно Инариту и сценаристот со веќе светско реноме, Гиљермо Ариага, нивната приказна ја распостилаат на сите страни на светот тргнувајќи од Мексико, преку Мароко, па се до Јапонија. Со еден потег, со една приказна која светот го спојува тие истовремено ја покажуваат и неговата бесмислена разделеност, постоењето на невидливите граници кои едноставно никој не може да ги помине. „Вавилон“ е филм на градење и разградување, тоа е филм на топлина и љубов, но и филм на студенило и бесчувствителност, тоа е филм на наивност кој завршува фрлен во тотална тенденциозност, тоа е филм во кој во потрагата по љубов се што се добива за возврат е разочарување.

Авторите на филмот си играат со многу баналните предрасуди за тоа какви се луѓето според тоа од каде потекнуваат покажувајќи ни ја истовремено целата спротивност на нашите предубедувања, целата неточност и промашување, но не со цел да не поучат или да ни укажат туку со една дискретна цел на освестување, на соочување со најапсурдните последици кои не можат да завршат поинаку освен со несреќа. Многу суптилно тие, всушност, поставуваат силни и извонредни прашања кои се сведуваат на едно, од каде потребата да не си веруваме едни на други, од каде потребата за осуда, за сомневање, од каде убедувањето дека едни се повредни од други. Кога само би можеле на нештата да погледнеме поинаку, онака како што гледаме на себе...

Линијата е толку тенка што е неверојатна. Инариту и Ариага својата приказна ја исцртуваат во една извонредна структура, испреплетувајќи ги невидливо формата и суштината, давајќи им таква комплементарност која одушевува а за која не сте свесни. Покрај трите приказни кои го носат филмот и низ чија испреплетеност се гради кршливата Вавилонска кула, во филмот се вметнати уште безброј елементи кои на извонреден начин ги надополнуваат приказните, што не значи дека ги објаснуваат, напротив.

Така на пример, ако ви е јасен хаосот во Мароко и односот на САД кон своите граѓани тогаш во никој случај не можете да кажете (особено тргнувајќи од патниците во автобусот) дека тоа некого го прави добар и сочувствителен човек а некого не. Ако ви е јасна несреќата и осаменоста на младата Јапонка која се обидува да го пробие светот на тишината во огромното пространство на градот и неговите жители, тогаш не ви е јасна бариерата која нејзината генерација ја прифаќа како нешто дадено. Ако ви е јасен чудниот сплет на околности на границата во Мексико кој една мирна и посветена жена ќе претвори во криминалец, тогаш можеби е и појасна целата апсурдност на обземеноста на Америка со терористи и натрапници кои секоја и најневина случка преку ноќ ја претвора во трагедија.

Но, рековме дека нема супериорни, не затоа што некој не мисли дека е супериорен, туку затоа што во реалниот сплет на околности супериорен е оној „мал“ човек во Мароко кој по секоја цена сака да помогне. Супериорна е онаа Мексиканка која умееше туѓите деца да ги сака како свои, супериорна е онаа Јапонка која и покрај тишината се обидува да слушне.

Тенка е линијата меѓу луѓето ако линии не признаваат, но за оние на кои им се потребни, тие линии се претвораат во бездни што ги проголтуваат сите. Имено, не е доволно да е човекот човек, тоа што е најважно е во него да веруваме, да веруваме едни во други за да можеме да видиме, да ги видиме оние нешта кои умеат линиите да ги направат непроодни. Филмот навистина сето тоа го содржи меѓу редови, но неговите автори успеваат да не паднат во патетичност, во театралност или во некакво попување кое ќе се претвори во спротивност на самото себе. Нивниот говор е иронијата, нивниот говор е апсурдот, нивниот говор е многу едноставен токму за да укажат на целата комплексност на работите. На целата збрка и хаос кои не настануваат поради сложеноста на работите туку токму поради нивната едноставност, која тогаш кога не ја гледате делува неверојатна.

„Вавилон“ е исклучителен филм кој успева да го спои светот во еден потег за да ни ја покаже истовремено целата негова моќ и немоќ. Во сето тоа првенствено е најважно сценариото кое во својата оригиналност успева да проговори за човекот на еден фасцинантен начин, на начин кој истовремено говори за неговата суштина и надворешност чија еднаквост или различност ја носи целата среќа и целата несреќа на оваа планета. Режијата и монтажата се исклучително функционални во водењето на приказната, во нејзиното испреплетување, а кастингот е дотолку поавтентичен што имате чувство дека како во Мароко, така и во Јапонија и Мексико станува збор за натуршчици. Сето тоа е надополнето со единствената музика на Густаво Сантаољаља која успева да ја исцрта целата празнина, осаменост, заблуда и неизвесност на таков начин кој влегува под кожа. Едноставно „Вавилон“ е супериорен филм за луѓето и нивните заблуди кои не ве тера да ги промените туку само да ги видите, бидејќи во неговиот прекрасен, но кршлив свет и тоа е доволно. (10.03.2007)

No comments: