Wednesday, September 24, 2008

Жената на Жил (Gilles' Wife)


Кога болката и убавината се едно цело

Кон филмот „Жената на Жил“, реж: Фредерик Фонтејн, сценарио: Филип Бласбан, ул: Емануел Дево, Кловис Корнилак, Лаура Смет, Франција и Белгија, 2004 година

Францускиот филм „Жената на Жил“ во себе носи една необична, особена сила обидувајќи се да го наслика внатрешниот свет на жената. Овој филм на помладиот автор Фредерик Фонтејн си поставува речиси невозможна цел, да ја долови целата болка и очај во необичната внатрешна борба на жената, во потиснувањето и прикривањето на нејзините емоции, без при тоа да западне во патетичност или мелодраматичност. Бидејќи, „Жената на Жил“ говори за еден необичен љубовен триаголник кога во самиот старт сите адути се загубени, па сепак, единственото што останува е борбата и вербата во нејзиниот неизвесен исход.

Интересно е дека „Жената на Жил“, и покрај тоа што станува збор за љубовен триаголник, всушност, не е љубовен филм иако говори за љубовта, за различните видови љубов, тоа е филм за силата на посветеноста, за изневерените очекувања, за достоинството, за очајот, за безизлезот. Тоа е филм кој говори за борбата, за непредавањето, за невозможната борба кога целата ситуација околу вас е апсурдна. Тоа е една невозможна приказна за одрекувањето од себе за да може да се спаси што останало. Тоа е приказна за поразот, за болката, за неможноста да се избегне дното кога ќе почнете да паѓате или кога едноставно ќе му се препуштите на падот.

Филмот „Жената на Жил“ ја следи судбината на Елиза, која очекува трето дете, а чиј живот полека се претвора во пекол. Интересно е дека целата приказна за Елиза и за Жил, кој ќе се вљуби во нејзината сестра, е всушност прераскажана преку Елиза, преку сето она што таа го преживува откривајќи ја оваа апсурдна ситуација и соочувајќи се со очајната вљубеност на нејзиниот сопруг. Но во неа, за разлика од очекуваното, нема ниту една драматична сцена, нема плачење, нема самосожалување, нема обвинување или разделување, тоа е филм за една необична, речиси сурова борба - да се прифати и истрае во невозможното.

Додека ја следиме личната и емотивна трагедија на Елиза, авторот успева да го исцрта времето меѓу двете светски војни, работничкото окружение некаде на северот на Франција и тешкиот живот на Елиза која се грижи за домаќинството. Тој успева да говори главно преку сликите кои на оригинален начин се испреплетени со силната тензија и со емоциите, со внатрешните превирања на Елиза. Фасцинантно е како Фонтејн успева целиот филм да го прераскаже преку боите и музиката, преку сликите и преку исчекувањето кое силно се чувствува во нив. Во ова необично дело Елиза се претвора во скулптура, во уметничко дело кое успева да му се опира на времето и покрај невозможните влијанија на кои е изложено. Таа останува да зрачи со сета своја внатрешна убавина, моќ и очај истовремено, разбирање и разочарување, со својата желба и надеж кои на секој следен чекор повторно остануваат изневерени. Молчењето и трпението се претвораат во невидлив звук кој растреперено го очекува своето ехо, за во секој следен миг повторно да се соочи со вистината, дека враќање назад нема.

Сликите и боите во овој филм се прекрасни потсетувајќи на боите и мистичноста во делата на Вермер. И иако во него, според самиот тек на приказната, се менуваат светлите и темните тонови, сепак за цело време останува присутна тензијата, останува енергијата, останува борбата, останува чувството на наизменични подеми и падови. Улогата на Емануел Дево која ја толкува Елиза е навистина исклучителна. Таа ќе успее да ја долови целата палета на емоции без воопшто да говори за своите чувства во филмот. Впрочем, одрекувањето од себе не дава голем простор за тоа, како ни болката, понижувањето или очајот, но невозможна е внатрешната сила која на моменти ја чувствува во нејзините обиди да се избори. Невозможно е болното чувство кое успева кај вас да го предизвика целата таа игра на молчење и поддржување, целата игра на жртвување, во која навидум нема жртви, целата игра на суровост и реалност наспроти недопрената убавина на животот. Наспроти убавината на душата која успева да остане недопрена во обидот да ја одбрани својата територија, притоа заборавајќи на себе. Заборавајќи на природата и нејзината потреба да биде сакана, почитувана, вреднувана. Заборавајќи дека и душата не е семоќна, дека самонегирањето има само еден пат...

„Жената на Жил“, кој е направен според новелата на Медлин Бордо, е навистина исклучителен филм во кој емоциите се обоени, во кој реалноста е неизбежно присутна со целата своја суровост и покрај прекрасната уметност со која тој е натопен. Со други зборови, Фредерик Фонтејн успева во невозможното, од страшната и апсурдна реалност да направи уметност во која ќе ги спои доброто и злото на начин кој не можете да го замислите. Тој веќе освои повеќе награди и признанија на филмските фестивали (во Венеција, Истанбул и Белгија, додека Емануел Дево беше прогласена за најдобра актерка во Шпанија), но неговата убавина е пред се во моќта да влезе во неоткриените светови на човечката душа и да ве натера да погледнете во себе и надвор од себе, на сосем поинаков начин. Да ја погледнете реалноста и очајот, а во нив сепак да не гледате црно, бидејќи убавината е присутна и кога не ја гледаме, бидејќи убавината е дел од нив правејќи една нераскинлива целина. (3.10.2005)



No comments: