Friday, September 19, 2008

Сенки (Shadows)


Сенките (не) можат да ја вратат вистинската хармонија

Кон „Сенки“, режија и сценарио на Милчо Манчевски, улоги: Борче Начев, Весна Станоевска, Филарета Атанасова, Сабина Ајрула Тозија

Милчо Манчевски во својот трет филм „Сенки“ повторно ги поврзува минатото и сегашноста, ги поврзува живите и мртвите, ги преточува времињата едно во друго, но овој пат фокусирајќи се целосно на вечната потрага на човекот по својот мир. Токму затоа, „Сенки“ ќе отиде во еден сосем поинаков, неочекуван правец. Во него духовите се подеднакво уплашени како и живите во обидот да допрат до некого, да бидат слушнати, некој да ги разбере, да ја најдат толку посакуваната правдина. Тие во „Сенки“ не се прикажани како суштества од кои треба да се плашиме, туку како метафора за вечниот немир кој го носиме во нас и кој останува зад нас тогаш кога се нарушени природните закони.

Имено, идејата на Манчевски во овој филм е да проговори за вечните неправди кои порано или подоцна мора да бидат исправени бидејќи природниот циклус секогаш тежнее кон воспоставување на својот ред. Неговата идеја е да проговори за убавината на емоциите, за чистата и недопрена душа, за потребата да се најде внатрешната хармонија и мир, да се најдат причините за сопствениот немир. И тука во тој круг да се испреплете минатото и сегашноста кои, всушност, и не можат да постојат еден без друг. Бидејќи, природниот или животен циклус не се прекинува со смртта, напротив, таа е само дел од него.

Меѓутоа, „Сенки“ ни оддалеку не успева сето тоа да го долови преку филмскиот јазик. Неговата приказна за младиот доктор Лазар (Борче Начев), за неговиот немир и осознавање останува многу повеќе на ниво на идеја (која е затворена и премногу свртена кон самата себе) отколку што успева да ја преточи или прераскаже низ игра. Во приказната во која духовите ќе дојдат за повторно да го воспостават вистинскиот ред на нештата, Манчевски прибегнува кон постојано потенцирање на исти нешта кои во суштина и не водат никаде освен кон една замислена слика, која според неговата идеја на крајот треба да се склопи. Преповторувањето на сцените во тој контекст е сосем непотребно и резултира со губење на поврзаноста, а особено на емоцијата. Филмот се движи премногу бавно и предолго без вистински случувања и без значења, само со некои замислени назнаки (кои без доволно елементи и не значат многу), па се добива впечаток дека тој нема нема ниту вистинско дејствие, ниту пак развој на приказната. Добар дел од филмот останува без поента или било каква порака. Едноставно, да не ја знаевме приказната, па и поентата од пред тоа, навистина не знам колку таквиот след на настаните би можел да го задржи вниманието на гледачот.

Истото се однесува и на дијалозите во филмот, кои на моменти се луцидни и симпатични, но на моменти се преполни со фрази, избрзани и премногу неприродни со оглед на нејасниот контекст се додека не го видиме крајот. „Како ќе живееш ти без мене“, ќе му рече Менка (Весна Станоевска) на Лазар што, всушност, со ништо реално се уште не е поткрепено. Или дијалогот меѓу Лазар и неговата сопруга Гордана (Филарета Атанасова) во кој е јасно дека намерно е пренагласена слаткоречивоста токму за да се потенцира целата фарса во нивниот брак, но од друга страна, тој разговор е толку неприроден што и самиот станува фарсичен и лажен. За разлика од она што го знаеме од претходните филмови на Манчевски, онаа исполнетост со навидум споредни значења и теми, овде целосно отсуствува. Филмот е здодевен и освен генералната поента, која исто така е кажана, а не доловена, останува празен.

Но, интересно е дека и покрај сето тоа во него има добри улоги, има одлична фотографија и честопати многу ефектно вклопена музика. Борче Начев како Лазар Перков е исклучителен, а исто и неговата мајка, чиј негативен лик фантастично го игра Сабина Ајрула Тозија. Весна Станоевска е прекрасна како Менка, но многу повеќе со топлината и маркантноста кои и самата ги носи, отколку со својата игра.

Фотографијата на Фабио Чанкети е беспрекорна. Пејзажите и исклучителната проникливост во некои сцени успеваат да ја пренесат емоцијата која не е доловена низ играта, низ дејствието. Топлината на сцените и кадрите кои зборуваат имаат поголема длабочина од самиот рбет на приказната, но за жал и покрај визуелната убавина тие не се доволни ако ја нема базата, со други зборови, нивната силина би била далеку поголема кога би биле поврзани со вистинската суштина или кога едноставно би ја надополнувале играта.

Музичката тема „Еден бакнеж“ (на чија преработка работеше Дуке Бојаџиев) останува долго потоа со целата своја носталгија и неодминливост на времето кои се едноставно исцртани во неа. Музиката на Рајан Шор, како и композициите на Кирил Џајковски и на Том Вејтс се одлични и честопати, како и фотографијата, умеат да ја навестат или заменат потребната емоција. Па сепак, целиот тој склад на моменти е нарушен поради желбата или потребата на авторот во овој филм да внесе се и во поглед на иконографијата, и во поглед на традицијата, менталитетот на народот, па на моменти дури и во поглед на музиката, правејќи една мешавина која не функционира, барем не онака како што е замислено. Наспроти тоа, интересно е дека сцените или посветите на одредени филмови, како „Вртоглавица“, „Претскажување“ или „Френсис“, се функционално вклопени.

Би рекле дека овој филм, како што и самиот Манчевски вели, е премногу личен, но кога се работи за филм тој, сепак, тоа мора и да му го пренесе на гледачот. Тунелот, на пример, не е доволен како метафора за да го доживееме вистинското откровение на Лазар, потребно е многу повеќе за тоа на прав начин да допре до нас. Метафората овде ја нема својата вдахновеност бидејќи наместо да го изрази таа всушност треба да го замени тоа што недостига, а во овој филм за жал приказната е само замислена но не и вистински оживеана. (5.11.2007)

No comments: