Monday, September 22, 2008

Превртено (Upside Down)


Превртена реалност во филмот и надвор од него

Кон „Превртено“ режија Игор Иванов, улоги: Милан Тоциновски, Славиша Каевски, Сања Трајковиќ, Јовица Михајловски, Никола Ристановски

Превртената приказна за Јан Лудвик во новиот македонски филм, кој според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски го режираше Игор Иванов, во фокусот ја става слободата на поединецот, чувството на интегритет и на индивидуалност, но и цената која мора да се плати. Филмот ја следи трагичната приказна за младиот Јан (Милан Тоциновски) втурнат во еден систем со сосем извртени вредности, во кој мора да го најдете сопствениот пат ако не сакате да останете заглавени во хаосот. Бидејќи, неприлагодувањето и неприфаќањето на правилата онаму каде што нема друга солуција може само да ве повлече кон дното, заедно со оние кои ги сакате. Тоа е пораката или можеби неминовната порака на овој филм на Игор Иванов.

Слободата и бунтовноста отсекогаш ги имале своите жртви, па сепак, потребата да се биде свој честопати и не е прашање на избор, туку императив, онака како што тоа се случува кај Јан. Дилемите пред кои авторот го исправа својот лик во „Превртено“ не се нешто ново, но нова донекаде е стапицата која се нарекува транзиција и која ја направи легитимна неслободата, корумпираноста, потчинетоста, немањето достоинство, која ги направи легитимни најдолните човечки особини поради што се што е вредно или поинакво не е екскомуницирано, туку е осудено на пропаст. За жал, Јан ни тогаш кога ќе ја добие слободата нема да биде среќен, бидејќи кога цената е преголема мирот станува невозможен.

Транзицијата е нашето време, времето на немање вредности, времето на загубени критериуми, времето во кое Иванов ја сместува својата приказна обидувајќи се да ја стопи со скопскиот асфалт, со секојдневието во кое живееме, со сето она што не опкружува. И тоа, од една страна, го прави симпатично и лежерно, во духот на урбаното живеење во кое честопати можеме да се препознаеме. Но, од друга страна можеби токму тука и лежи една од причините, што и покрај добрите страни на овој филм, тој некако не функционира природно, бидејќи инсистирањето на симболиката, на надреалното, на драматичноста и пресвртите се судира со едноставниот, реален пристап што во тој контекст резултира со губење на спонтаноста. Онаа спонтаност која наместо да воспостави конекција наеднаш станува далечна и дистанцирана не давајќи и на емоцијата да се развие.

Филмот има една убава база во ликовите низ чии судбини авторот говори за времето, говори за градот, за луѓето, за нивниот очаен обид во целиот тој хаос да се најдат себеси. Па сепак, се чини како да ја нема вистинската определеност, дали тоа ќе биде урбана и едноставна приказна од нашето соседство, или тоа ќе биде сложена и комплексна приказна полна со симболи, кои во ваквиот контекст не функционираат. Таквиот спој не само што го отежнува неговото следење и поистоветување, не само што отежнува филмот да ги допре и предизвика вистинските чувства на гледачот туку поради испресеченоста тој станува далечен и конфузен, оставајќи впечаток на тенденциозност па дури и онаму каде што спонтаноста треба да биде најмалку оптоварена.

„Превртено“ има голема амбиција да се претвори во таква сторија која многу спонтано ќе стане дел од нашата перцепција, а сепак тоа да биде комплексна, слоевита и многузначна приказна, што е сосем контра. Тоа не значи дека приказната треба да е праволиниска и еднозначна, но ваквиот спој како во „Превртено“ и дефокусираноста поради преголемата амбиција, го прават преоптоварен и премногу различен за да може да функционира. Таа прекршеност и испревртеност умее да ве остави рамнодушни. Филмот има приказна која не допира токму поради немоќта да комуницира. Таа останува свртена навнатре и за гледачот честопати нејасна.

Инаку, филмот е направен професионално, со одлична фотографија и музика, која му дава ритам, но и ја најавува и доловува атмосферата буквално како дополнителен лик. Тројцата млади актери кои ја носат приказната, Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ и Славиша Каевски, се сосем добри односно одлично се вклопени токму со сопствената енергија, имиџ и начин на однесување. Би го издвоиле Никола Ристановски кој е фантастичен во улогата на таткото на Јан Лудвик, во кого е исцртана целата празнина, несреќа и бесмисла. Тој успева со својата исклучителна глума да го покрие и оној чуден пресврт во неговиот карактер, кога од крајно себичен и далечен се претвора во пожртвуван и зрел.

Одлична е епизодата и на Ѓорѓи Јолевски, но за жал нефункционална бидејќи во дадениот контекст сосем неприродно делува и надреалната нишка со возот и ангелот (кои потсетуваат на Вим Вендерс), а исто така и циркусот. Виртуозната точка на трапезот, уметноста на која претендира авторот, па и крајната несреќа во која ќе потоне Јан, не успеваат да го пренесат замисленото значење, ниту да се вклопат во одредена емоција или доживување. Така „Превртено“ од една страна, е солидно остварување, но од друга има таква дистанца и недоследности кои создаваат поголема конфузија од оправданата испревртеност која лежи во неговата суштина. (4.10.2007)

No comments: