Wednesday, October 1, 2008

Тајната книга (The Secret Book)



Тајната книга како симбол на вечното искушение

Кон „Тајната книга", режија Владо Цветановски; сценарио: Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш; фотографија: Тиери Арбогаст; музика: Тоше Поп Симонов; улоги: Жан Клод Карие, Тиери Фремон, Ѓорѓи Јолевски, Кирил Ристевски, Александар Чамински, Мето Јовановски, Петар Мирчевски, Арна Шијак, Лабина Митевска, Владимир Светиев; Македонија 2006

Потрагата по Тајната книга на браќата Владо и Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш воопшто не е само тема за филм или идеја која треба да не одведе низ непознатите лавиринти на историјата. Оваа комплексна потрага, нејзините различни патишта и необични протагонисти не се тука како дел од некаков заговор кој трае со векови и кој сега ние преку филмот треба да го дешифрираме. Многумина најверојатно тоа и го очекуваа од овој филм правејќи споредба со „Кодот на Да Винчи" и со неговите мистерии и разоткривања кои низ една итра мозаична структура прават еден вид реконструкција на историските настани, но сето тоа насочено кон одредена цел. Многумина очекуваа дека филмот ќе говори за богомилството, дека ќе навлезе во некои непознати нешта и ќе ни ги доближи и дека јасно и гласно ќе проговори за некои ставови, убедувања, па ако сакате и историски заблуди.

Но, филмот „Тајната книга" во режија на Владо Цветановски не е тоа односно тој е многу повеќе од тоа. Првенствено, факт е дека ова е далеку поуметнички филм од „Кодот на Да Винчи" кој своето патување, и покрај доминантната нарација, го прави преку сликите, визиите, симболите и музиката. Во нив се вметнати и времињата, и размислувањата, и откритијата, и непознаниците. Тука е целиот предизвик, кој е само надополнет со нарацијата која за Тајната книга, пред се, говори како за вечните тајни на живеењето.

Тајната книга во него е, пред се, симболот, таа е вечното искушение, таа е немирот, таа е мистеријата, таа е вечното прашање кое го бара одговорот, таа е бескрајната патека која постојано ве тера напред барајќи го знакот. Токму на тој начин браќата Плевнеш и Цветановски всушност не водат низ овој филм преку нарацијата на Пјер Рејмон (култниот француски сценарист и актер Жан Клод Карие), преку неговата фасцинација со патувањето, со потрагата по знаците, преку неговото мудро водење низ непознатото, не со цел работите да ни ги разјасни туку да ги отвори пред нас прашањата, да ја отвори пред нас патеката која во својот живот мораме да ја изодиме.

Навистина филмот прави паралела меѓу времињата, меѓу ликовите, состојбите, духот, прави паралела и со еден современ контекст, но многу повеќе симболично отколку реално. Во целата таа игра на вметнати ликови е навистина тешко да се снајдете, но на крајот на краиштата воопшто и не е битно нивното разоткривање. Бидејќи тоа не е целта, целта е патот, целта е испреплетеноста на минатото и сегашноста, кои впрочем и не можат едно без друго, целта е жедта за сознанијата, целта е да се препознаат знаците.

Сето тоа навистина го прави овој филм езотеричен, но факт е дека тој успева да го задржи вниманието, па дури и покрај претпоставката дека нема да биде приемлив за пошироката публика. Ова едноставно е поинаков филм, кој не прибегнува кон жанрот на трилерот како, на пример, „Кодот на Да Винчи", за да ни го направи следењето поинтересно. Тој нема така јасно срочени историски концепти и за разлика од „Кодот на Да Винчи" останува понејасен. Неговата цел е играта, играта со Македонија како митска земја, играта со животот и со неговиот предизвик, играта со кругот кој никогаш не се затвора, но не и филмската игра. Бидејќи, тој навистина ја отвора темата на богомилството, но само како тема, не како филмска приказна.

И тоа веројатно е големата замерка и големиот недостаток на ова дело, кое има одлична фотографија, низ камерата и низ извонредната визура на снимање на Тиери Арбогаст и ефектна музика, која ја направи Тоше Поп Симонов, кои донекаде успеваат да го надополнат овој недостаток. Актерите се одлични тргнувајќи од Владо Јовановски, кој го игра Павле Бигорски, па преку чуварот на тајната Ѓорѓи Јолевски, преку трагачот Шевалие во убедливата улога на Тиери Фремон, преку Кирил Ристевски, Александар Чамински, Мето Јовановски, Петар Мирчевски, Арна Шијак, па се до Пјер Рејмон (Карие), чија длабока проживеаност со оваа улога е нешто што извонредно пулсира низ целиот филм. А она што реално му недостасува, покрај филмската игра, е еден малку поедноставен и позаокружен концепт на приказната и фактот дека не морало во него да се каже се, што навистина многу го оптоварува филмот. Факт е дека ова е посебен филм, кој и не е само филм, што може да биде негов недостаток, но и негова придобивка. Во секој случај, Тајната книга на интересен начин ја отвора Македонија, онака како што досега не е направено, а дали ќе успее да се избори за едно такво место во нашата филмска хронологија, но и пошироко, да даде и да остави значења кои ќе траат, да даде и да остави трага, останува да покаже времето. (9.12.2006)


No comments: