Friday, September 19, 2008

Валкана игра (Leatherheads)


Митови и херои

Кон „Валкана игра“, режија: Џорџ Клуни, улоги: Џорџ Клуни, Рене Зелвегер, Џон Красински, Џонатан Прајс

Филмот „Валкана игра“ („Leatherheads“) на Џорџ Клуни, кој се навраќа на американскиот фудбал во 1920-тите години во Америка, е интересен првенствено поради Клуни и Рене Зелвегер. Бидејќи, колку и да се обидува Клуни (кој е овде режисер, актер и еден од продуцентите) да биде автентичен и забавен истовремено, сепак, мора да се признае дека „Валкана игра“ е старомоден филм кој од денешен аспект не е воопшто интересен за гледање. Клуни навистина нуди нешто поразлично од денешната понуда, се обидува да проговори за вистинските вредности и митови на американското општество, но, сето тоа е надвор од времето и од денешна гледна точка не е многу возбудливо, ниту провокативно.

Не дека филмот не е добро направен. Напротив. Клуни се труди да биде лежерен и докрај автентичен и успева во тоа. И визуелно, и во поглед на музичката подлога и атмосфера, па дури и во поглед на ликовите и целата тогашна реална констелација, но и онаа поврзана со филмската индустрија. Во 1930-тите години во Холивуд беше актуелна т.н. скрубол комедија, која даде одлични остварувања и која фантастично кореспондираше со тогашните големи општествени и социјални промени. За оние кои знаат нешто за тоа време или ги имаат гледано познатите скрубол комедии („Господин Смит оди во Вашингтон“, „Се случи една ноќ“, „Филаделфиска приказна“), ова навраќање може да биде симпатично, особено што е доста верно и ефектно направено. Но, факт е и дека овој филм денес тешко да ве натера да се свртите наназад и да се заинтересирате да дознаете нешто повеќе. Едноставно, ова не е негово време.

Што се однесува до самиот филм, тој е симпатичен, на моменти забавен, но како што и одговарало на тоа време и жанр, наивен, слаткаст и за нас, дефинитивно, здодевен. Дијалозите се интелигентни, луцидни и често неочекувани, иако за разлика од скрубол комедиите, за кои се карактеристични дијалошките надмудрувања и невротичниот ритам, овде со многу помал фуриозен ритам. Често Клуни се користи и со сцени од слепстик комедијата (која се потпира на гегот, на гестовите и ја карактеризира бурлескниот хаос), кои на моменти делуваат надреално и му даваат еден пооткачен агол на гледање. Додека, во поглед на приказната Клуни се определува да си поигра со американскиот фудбал, со времето кога тој се озаконува и станува професионален, со времето кое со други зборови значи и крај на валканата игра.

„Проклети правила, ја уништија играта, вели Доџ Конели (Клуни) во еден момент. Се вовлекува нов опасен елемент во фудбалот, новите правила“. Тие правила можеби навистина значат ред и професионализам, но ја убиваат возбудата. Исто како и приказните за хероите, приказните кои ја креваат публиката на нозе и ја зголемуваат возбудата до точка на вриење. Во филмот паралелно тече и приказната за еден лажен воен херој, но додека новинарката на „Чикаго трибјун“, Лекси Литлтон (Рене Зелвегер), се обидува да ја раскринка оваа приказна, дотогаш и фудбалот го губи митскиот ореол околу себе. А кога работите ќе ја доживеат својата кулминација, Конели ќе рече: „Приказните понекогаш треба и да се измислат бидејќи ние ги сакаме своите херои“.

Тоа и е поентата на неговиот филм. Митовите и хероите, возбудата и вистинскиот живот, навраќањето на правите вредности, наспроти денешното време кога речиси сите вредности и критериуми се загубени. Тоа е можеби наивно време, од денешен аспект дури нестварно и невозможно, но тоа е време на верба, на пријателство, на надеж, на љубов. Тоа е време во кое можеби нештата се типизирани, како и карактерите, но тоа е време кое е фасцинирано од своите херои и кое ги негува своите митови. Бидејќи, тие митови и херои обично се вистинскиот репер кој, без оглед на с`, секогаш движи напред. Без нив можно е да талкаме во мракот не можејќи да го пронајдеме вистинскиот мотив. Митовите се како камења, можат да бидат неподвижни, но секогаш се тука давајќи ни потпора и стабилност тогаш кога ни е потребна. (1.09.2008)

No comments: