Monday, September 22, 2008

Јас сум од Титов Велес (I Am from Titov Veles)



Минатото и сегашноста во лавиринтот наречен Титов Велес

Кон „Јас сум од Титов Велес“, режија и сценарио Теона Митевска, улоги: Лабина Митевска, Николина Кујача, Ана Костовска, Џевдет Јашари

Филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска е приказна за еден свет што исчезнува. За еден свет виден низ очите на трите сестри кои се обидуваат на сосем различен начин да се справат со него. Тоа е свет кој симболизира еден цел живот, живот што повеќе го нема, но неговите траги се' уште се чувствуваат. Светот на трите сестри е исткаен од сосем различни парчиња, кои без оглед дали се свртени кон минатото или кон иднината, секако, го симболизираат неговиот крај. А што останува кога сте соочени со крајот, да барате излез или да се препуштите и да исчезнете заедно со светот кој веќе никогаш нема да се врати. Трите сестри одбираат различни патишта, но тоа што се' уште ги врзува е светот на Афродита, светот од минатото кој таа сака да го задржи, но и светот на бегството во кој таа сака да остане, но кој, за жал, повеќе не постои.

Така, „Јас сум од Титов Велес“ е приказна за сегашноста, приказна за минатото и за иднината. Во неа режисерката сака да се справи токму со нашата реалност, со сето она што го губиме, со сето она што неповратно заминува и со себе зема и дел од нас. Промената е неминовна, но не и едноставна. Бидејќи, додека Сафо (Николина Кујача) многу реално се соочува со нештата и единствениот излез го гледа во бегството, Славица (Ана Костовска) и Афродита (Лабина Митевска) живеат во своите измислени светови. Славица благодарение на „метадонот“, а Афродита затворена во својата тишина и во минатото, одбивајќи да биде дел од какви било промени. Мислејќи дека ако нив ги игнорира, ќе може да го зачува оној свет што го памети, свет во кој беше среќна и беше дел од големото семејство.

Интересна е идејата, од една страна, целата оваа приказна да ја следиме низ очите на Афродита, бидејќи тоа е светот на бегството, тоа е светот кој не сака да се соочи со реалноста и притиснат од нејзината неминовност мора и да се скрши. И тоа и се случува, нејзиниот свет ќе се распадне токму онака како што се распаѓа и светот околу неа. Но, од друга страна, вака раскажана приказната, која е многу лична и психолошки затворена, доста е тешко да се следи низ нејзините соништа, желби и стравови. Симболите, психологијата, силните емоции кои ја разоруваат однатре и нејзините фантазии целосно ја преклопуваат сликата, но не ја доближуваат до нас. Тие го следат својот пат, својата мисла, својата лична болка и потреба која честопати не кореспондира со нас. Таа си има своја заокруженост, своја причина и цел, но нас не' остава само во улога на набљудувачи, не' остава надвор во неможноста тој свет и таа приказна да станат дел од нас.

Филмот е прераскажан со многу убави бои и со голема топлина, во него се чувствува една голема нежност кон неговите ликови, која сепак не е доволна за да ја воспостави онаа топлина меѓу нас и тоа што се случува на платното. Недостатокот е и во играта. Вака приказните, поточно судбините се прераскажани, но без игра низ која би можеле и да ги доживееме. Сафо и Славица се објекти, не и субјекти. Не можеме да ја почувствуваме нивната болка, нивната борба, нивното бегство или страв од неминовното. Само можеме да претпоставиме од што е составен нивниот свет. Во таквиот контекст настаните често се помалку пластични, оттргнати од природниот тек на нештата. Во нив го нема животот, природноста, течението. А тоа на крајот му ја одзема онаа сила која треба да не' погоди, да остане во нас, да не' допре, да предизвика емоции.

Додека, од друга страна, водејќи не' низ психолошкиот свет на Афродита, авторот го прави обратното. Има многу детали кои се во функција на одредено чувство или во функција на визуелната порака, но не и во функција на развојот на емоциите, поради што и покрај деталите сето тоа останува далечно. Интересно е дека и покрај огромните чувства, нежност, топлина и љубов, сепак, вистинските емоции и нивниот развој некаде е пропуштен. Филмот останува затворен во себе, тоа е тежок филм, кој во суштина има прекрасна идеја, но не успева да ни ја испорача. Затоа и крајот за нас е песимистичен, а за авторката оптимистичен. Затоа што во нејзината идеја лежи ослободувањето, а за нас тоа е крај, безизлез, безнадежност.

Нарацијата и структурата на филмот се поинакви. Нарацијата на Афродита е тука да ни го долови минатото. Таа е испресечена со реалноста низ чија контрадикторност ни е претставен целиот апсурд на тој свет, чија иднина е единствениот излез, но само ако го претпоставиме. Нарацијата и структурата така како што се водени не успеваат да ја достигнат кулминацијата, да не' водат низ лавиринтот и да не' ослободат од него. Не, ние остануваме внатре запретани во сложеноста на односите...

Ана Костовска и Џевдет Јашари се одлични. Николина Кујача на моменти ја нема сугестивноста, додека Лабина Митевска е исклучително изразна. Таа не' води низ приказната со таква емоција во изразот која честопати го надополнува недостатокот на играта. Сценографијата, мозаикот на боите и визуелната компонента се одлично вклопени и искористени во филмот. Тие заедно со музиката ја носат живоста на подемите и падовите и најнакрај финишот или поентата без кои едноставно ја немате катарзата толку потребна во едно филмско дело.

„Јас сум од Титов Велес“ е подобар филм од „Како убив светец“, со подобра режија, со интересна структура, со новини во изразот. Од актерската игра најчесто е извлечен максимум, а аглите на снимање се исклучително ефектни. Се' на се', овој филм е едно смело експериментирање и храбро филмско дело во кое авторката има смелост да биде многу лична и, на крајот, многу искрена. Затоа, и филмот секаде каде што се прикажуваше, сепак, го предизвика интересот на гледачите. (29.02.2008)


No comments: