Monday, September 29, 2008

Судијата (The Judge)


Современото живеење низ отелотворување на злото

Кон „Судијата“, режија: Жанета Вангели; фотографија: Марјан Огненовски; музика: Влад Каевски; улоги: Александар Станковски, Јово Брамс, Хелен Валц, Мирче Доневски, Мирко Мартин Миковиќ, Кети Нолан; Македонија 2001 година

Филмот „Судијата“ на Жанета Вангели е експериментално, но многу амбициозно остварување. Интересно е дека со оглед на нејзината вокација, како ликовен уметник, од првиот филм би очекувале далеку повеќе визуелен ангажман, но факт е дека ова нејзино дело, пред се, се потпира на нарацијата. И без оглед на комплексноста на структурата и визуелната „мешавина“, сепак, во овој филм доминира нарацијата, приказната и обидот да се создаде симулација или паралелен свет кој, всушност, ќе биде одраз на актуелниот.

Меѓутоа, наместо игра и развој на приказната како лост на овој филм, Вангели прибегнува кон раскажување и кон презентирање на огромен број податоци, факти, алузии на социјалните вредности, етичките проблеми, политичките конотации. Преку градење филм во филм и преку телевизискиот медиум таа сервира бројни податоци кои на свој начин прават реконструкција на целиот 20 век. И сето тоа ги носи огромните искушенија со кои режисерот во филмот мора да се соочи работејќи ја својата приказна за големата корпорација, за конспирацииите, убиствата, приказна за современото зло, за ѓаволот и за моќта.

Она што е интересно е дека филмот е некако направен сам за себе, па тој функционира во својот свет и ја следи зададената логика, која гледачот многу тешко може да ја фати. Опсипан со безброј податоци, со приказна во приказна, со настани кои неуморно се нижат низ захтевната структура на сликата, „Судијата“ е филм кој е навистина многу тешко да се следи, ако не и невозможно. Иако мора да се каже дека во него има навистина многу точни констатации, остроумни алузии и сосем необичен сплет на настани кои генерално многу ефектно го исцртуваат современото живеење иако низ отелотворувањето на злото, кое факт е дека го движи и доминира во светот.

Снимен во црно бела фотографија со необична архитектура на самата слика, со извонредна музика и луцидност на неговите вистински протагонисти, „Судијата“ е интелигентен иако многу специфичен филм. Крајот е одличен поигрувајќи си самиот со себе и потсетувајќи на една интроспекција која одамна е заборавена. (13.09.2006)

No comments: