Friday, October 31, 2008

Лето со Моника (Summer with Monika)


Бегството не може да трае вечно порачува Бергман

Кон „Лето со Моника"; режија: Ингмар Бергман; Сценарио: Пер-Андерс Фогелстром; фотографија: Гунар Фишер; улоги: Хариет Андерсон, Ларс Екборг, Дагмар Ебесен, Аке Фридел, Аке Гронберг, Шведска 1953 година

Циклусот филмови посветени на еден од најголемите филмски автори на 20 век, шведскиот режисер Ингмар Бергман, кој одеше во Кинотеката на Македонија од 6 до 13 јуни 2008 година, предизвика големо интересирање на публиката поради што беше репризиран филмот „Лето со Моника". И повторно, иако овој филм потекнува од 1953 година, ја наполни киносалата и тоа првенствено со млада публика. Она што е најважно е дека циклусот наиде на добар прием и покажа дека дури и во овие ужасни киноприкажувачки услови во Македонија, публиката сака да види вистински филм и умее да го препознае. А делата на Бергман, и покрај тоа што се сместени во некое друго време, не губат од својата актуелност поради универзалноста на темите кои во нив се на извонреден начин вплетени.

Циклусот почна и заврши со „Лето со Моника" и интересно е дека иако овој филм не спаѓа во неговите најпознати филмови, ниту пак се смета за еден од оние типични Бергмановски филмови, сепак, на некој свој начин ја одбележа оваа ревија. И не случајно, младите во него можеа лесно да се препознаат бидејќи „Лето со Моника" е еден прекрасен, тажен и интригантен филм за младоста, за незрелоста, за сонувањето и за бегството од стварноста, но и неминовното соочување со неа. Интересно е дека, иако овој филм многу реално ја отсликува Шведска и животот на пониските слоеви, иако многу силно е врзан за земјата и за поднебјето, сепак, неговата приказна за Хари (Ларс Екборг) и Моника (Хариет Андерсон), приказната за вљубеноста, за бегството од реалноста и искушенијата со кои младите се принудени да се соочат, ја поминува границата и се претвора во еден исклучителен есеј за созревањето.

„Лето со Моника" е поразличен филм од неговите големи, комплексни и многу слоевити дела како „Седмиот печат", „Диви јагоди", „Крикови и шепотења". Овој филм и не е направен по негово сценарио, кое секогаш го одликува длабокото филозофско понирање и разоткривање на внатрешниот свет на своите јунаци, туку според романот на Пер-Андерс Фогелстром, кој е и сценарист. „Лето со Моника" е поинаков, поедноставен филм, но филм кој е насликан со исклучителна, би рекле сурова реалност, тоа е филм кој безмилосно го сецира шведското општество, кој прави несекојдневна палета на ликови и атмосфера во едно работничко окружение, кое го карактеризира немаштија, кавги, стеснетост и ужасен безизлез. И низ целата оваа мрачна и хаотична слика Бергман ќе ја пронајде убавината, во емоциите, во љубовта, во прекрасните осамени острови на отвореното море, каде што ќе побегне младата вљубена двојка, како опозит и како рефлексија на сето она што во тој мал стеснет свет тие очајно го посакуваат. Слободата, отворениот простор и можности, безграничната љубов, чувството на себеси и чувството да се следи сопствениот порив.

Тие тоа и ќе го направат, ќе ги ризикуваат своите работни места, ќе ја ризикуваат сигурноста и обврските и ќе запловат во нивното лето од соништата, во кое наеднаш се` ќе биде возможно. И љубовта, и слободата на нивните тела и желби, и расположенијата доловени во склад со природата и со прекрасните пејзажи далеку од градот, далеку од секојдневните проблеми, далеку од неизбежната судбина.

Бергман фантастично и многу возбудливо ја води оваа приказна во која ќе им даде можност на младите да ги рашират своите крилја и да одлетаат во светот на своите соништа, во светот на фантазијата и идилата. Сето тоа тој го следи со развојот на емоциите исцртани и визуелно и суптилно вткаени низ приказната, со играта на нивните тела и играта на природата, иако низ целата таа слика за цело време ја чувствувате заканата која лебди во воздухот, заканата на реалноста, заканата на времето кое бесповратно изминува. Бидејќи, бегството не може да трае вечно.

Иако „Лето со Моника" можеби не е од оние карактеристични интелектуалистички филмови на Бергман, сепак, тоа е еден силен филм кој низ оваа песимистична љубовна приказна ќе успее да го долови целиот универзум на пониските слоеви во шведското општество, но и многу повеќе. Низ нивните ликови тој успева да проговори и да ги вметне прашањата за чувството на идентитет, борбата за своето место, за неправдите и иронијата, за апсурдноста на живеењето која во себе секогаш ја носи потребата да се побегне. Но, тоа бегство го крие и најголемиот предизвик, прашањето дали ќе се вратите или не.

Бидејќи, бегството е полесниот начин, потешкиот е неминовното враќање. Потешкиот е соочувањето, потешкиот е одговорноста и вистинската припадност кон себе и кон другите. „Лето со Моника" донесе љубов, донесе фантазија, донесе бегство и многу прашања, донесе еден поинаков свет кој ве тера да погледнете длабоко во себе и околу себе. Вечните прашања кои Бергман умее да ги наметне и без оглед на времето и без оглед на сложеноста на неговиот израз. Тоа е неговиот начин, да го гледа светот длабоко во неговата суштина, па колку и да е болно тоа. Бидејќи, бегството не може да трае вечно. (15.06.2008)

Кинг Конг (King Kong)


Убавицата и ѕверот и (не)променливоста на човечките заблуди

Кон „Кинг Конг“; режија: Питер Џексон; сценарио: Френ Волш и Филипа Боенс; фотографија: Ендрју Лесни; музика: Џемс Њутон Хауард; визуелни ефекти: Џереми Бенет; улоги: Наоми Вотс, Адриен Броди, Џек Блек, Енди Серкис, Томас Кречман, Џејми Бел; Нов Зеланд/САД 2005 година

Новата филмска верзија на „Кинг Конг“ во рацете на волшебникот од Нов Зеланд, Питер Џексон, се претвори во вистинска авантура. Страшниот горила Кинг Конг, овој пат сместен на Островот на черепите, го означува влезот во еден друг свет, влезот во непознатото, онаму каде што се споени различните периоди од историјата на оваа планета, а каде што сепак природата и луѓето останале недопрени од развојот и се` што тој носи со себе. На тој начин Питер Џексон оваа приказна за љубовта, предрасудите и (не)цивилизираноста ја прави многу покомплексна и посложена, а можеби и многу појасна и посимболична исцртувајќи го светот од другата страна, оној свет за кој се говори, а кој всушност го претпоставуваме, не го гледаме. Тој со своето волшебништво ќе го направи токму тоа, ќе ни го оживее светот кој несвесно во овој, во суштина едноставен филм, треба да го замислиме, збогатувајќи го со многу визуелни, но и психолошки настани и исправајќи не пред вистинска енигма. Каде е, всушност, нашето место?

Целата псилошка енигма која филмот за Кинг Конг ја содржи, Питер Џексон извонредно ќе ја разработи, прошири и надгради. Тој тука ќе ги задржи оние два света, светот на дивината и на цивилизацијата, но така ќе ги надополни што филмот, од една страна, станува преполн со значења, карактери, судбини и симболи, а од друга, преполн со авантури. Сместен во времето на депресијата во Америка овој филм има фантастична лепеза на ликови, секој од нив одлично разработен, изграден како лик и дефиниран.

Но, од друга страна, сите тие ликови пластично опишани наеднаш ќе се најдат втурнати во дивината, исправени пред борба која човекот едноставно го соголува, бидејќи тука може да биде само тоа што во суштина е, и ништо повеќе. И иако во таа дивина се случуваат страшни работи, многу несреќи, умирања и соочувања со најневозможните суштества, сепак, таа во себе носи една недопрена и чиста убавина, наспроти Њујорк, наспроти цивилизацијата, наспроти луѓето чии амбиции и предрасуди ќе ги пореметат нејзините закони.

Питер Џексон по трилогијата „Господарот на прстените“ навистина се потврдува како епски автор, како еден од ретките виртуози кој може да ги спои времињата, кој може да ги снима најлудите авантури, кој може во своја служба да ги стави сите најнови технолошки достигнувања, а никако да не го заборави човекот. Тој дефинитивно е мајстор за епските приказни во кои измислените суштества си ја добиваат својата реална историја, а вистинските се ставени пред такви искушенија во кои нестварното не им е прибежиште, напротив, пред нестварното тие се ставени на испит.

Во делата на Џексон човекот е дел од најфасцинантните авантури, но не заборавајќи да го соочи со вистинската слика за човечката природа. Тогаш и не е чудно што овој мајстор на современиот авантуристички филм бил обземен со приказната за Кинг Конг. Тој знаел дека овој филм морал да го направи, само го чекал вистинското време. Интересно е дека тој во оваа своја верзија ќе ја испочитува целосно нејзината оригинална верзија од 1933 година, а повторно ќе направи филм кој е адекватен на времето, филм кој ве понесува и кој никако не ве остава рамнодушни.

И времето на депресијата тој ќе го искористи за да го исцрта својот длабок психолошки одраз, ставајќи ги луѓето пред уште посложена задача. Бидејќи, и покрај несреќата со која се соочени, и покрај страшниот пад на човекот во услови на безработица и сиромаштија, сепак, ништо не се менува. Човечката природа си ги има своите заблуди, кои впрочем не ги диктира времето, туку само она што го носиме во себе. Додека наспроти човекот, оптоварен со својата надмоќ кон светот околу себе и со искривеното гледање на работите, тука е Кинг Конг, горилата кој умее да ја препознае убавината, чистината и недопрената човечка душа.

Иако во овој филм ќе се случи и обратното, и тоа е најверојатно најголемата разлика од претходните верзии, и Ен Дероу ќе го препознае истото во ѕверот. Таа фантастична игра Питер Џексон ќе ја развие така што бескомпромисно ќе не соочи со самата суштина на природата, која и покрај целата своја едноставност за многумина и понатаму останува енигма. Се` друго, целата авантура која ќе се случи на Островот на черепите е нејзината надградба, база, нејзиното минато и иднина, се` друго ја зголемува возбудата и очекувањата за на крајот да сфатите или не, дека суштината е всушност многу едноставна.

Со други зборови „Кинг Конг“ е фантастично направен филм. Формално Питер Џексон него ќе го претвори во еден од најубавите авантуристички филмови, додека во суштина тој така ќе ја развие неговата драма давајќи и повеќе нивоа. И тука не говориме само за дивина и цивилизација, говориме за човечката, но и за самата природа, говориме за законитостите кои се подеднакво предвидливи и во двата света. Но додека суровото го има својот логичен тек на настаните, кај софистицираното тоа не е случај. Неговиот тек на настаните е предвидлив, но не и логичен, бидејќи честопати знае да оди против природните закони. Иронијата кон која цело време Питер Џексон не води, на крајот ќе ја искаже во само една единствена реченица, кога и после се` она единственото кое Џек Блек ќе го сфати ќе биде, дека убавицата го убила ѕверот.

А всушност, убавината навистина го уби ѕверот, но онаа неочекувана убавина која тој и покрај се` ја носи во себе, наспроти нехуманоста која станува одбранбен механизам тогаш кога работите излегуваат од нашата контрола или тогаш кога природните закони се противат на она што го очекуваме од нив. „Кинг Конг“ е одлично направен филм, сосем добро дозиран па дури и кога станува збор за мелодраматичноста пренагласена на крајот, свесно и сосем ефектно преку исклучивата комуникација на ѕверот и убавицата. Тоа е филм со прекрасна визуелност преполна со значења, тоа е филм преполн со возбуда, драматичност и истражување, надворешно и внатрешно, истражување кое и денес, како и секогаш, ги има своите закони и заблуди. А Питер Џексон докажува дека нив можете да ги најдете секаде само ако не се поведете и ако не им поверувате на стереотипите. Бидејќи тие, впрочем како и се` друго, ни оддалеку не се тоа во што луѓето сакаат да веруваат. (28.12.2005)

Кралство (The Kingdom)


Бестрашните Американци ја спасуваат Саудиска Арабија

Кон „Кралство"; режија Питер Берг; сценарио: Метју Мајкл Карнахан; фотографија: Мауро Фиоре; монтажа: Колби Паркер и Кевин Штит; специјални ефекти: Грег Хендриксон; музика: Дени Елфман; улоги: Џејми Фокс, Џенифер Гарнер, Крис Купер, Џејсон Бејтмен, Ашраф Баром, Али Сулиман, Џереми Пивен; САД 2007 година

Филмот „Кралство" на Питер Берг е приказна за Блискиот Исток, приказна за кралството Саудиска Арабија, но видена со очите на Американците. Интересно е дека филмот оди дотаму што ја раскажува приказната уште од 1930-тите години па наваму, а тоа значи приказната за нафтата и за сојузот со Американците, за поделбата во самата Саудиска Арабија меѓу оваа подоцнежна проамериканска монархија и милитантните вехабисти, за губењето на респектот на саудиската елита од страна на религиозните конзервативци итн, итн. Сето тоа, како што рековме, видено од Американците кои, се разбира, тука се за да ги спасат добрите и напредни сили од лошите, милитантните, од опасните командири кои перат мозок и учат на екстремно насилство. „Кралство" е филм за тоа дека американското присуство е потребно во оваа земја бидејќи тие се нивната безбедност, „Кралство" е филм во кој Америка и помага на Саудиска Арабија како да се реши од терористите, со други зборови, „Кралство" е филм кој е отворен одговор или замена на она што требаше Америка да го стори или да значи за Ирак. Премногу провидно и премногу „американски", но ние сепак ќе се обидеме да проговориме за тоа како овој филм, кој буквално ја брани американската надворешна политика, е направен.

Филмот започнува со тоа како Саудиска Арабија е основана, како е откриена нафтата, како веднаш по тоа е направен првиот сојуз со Америка. Филмот зборува за ембаргото кое во 1970-тите ќе и биде ставено на Америка поради поддршката на Израел, па се до нападот на Ирак на Кувајт во 1990 и помошта од страна на Американците, која Осама бин Ладен ќе ја осуди нарекувајќи го „несвет сојуз". И од тогаш па наваму „евидентниот податок" дека терористичките напади рапидно се зголемуваат.

Она што во сето ова е интересно е обидот на сценаристот Метју Мајкл Карнахан и режисерот на овој филм, Питер Берг, да проговорат и навидум да ги осудат интересите на Америка во овој дел на светот, да проговорат за мешањето во нивната политика иако крајот и целото водење на приказната јасно става до знаење дека тоа е потребно и дека носи многу повеќе добро отколку лошо. Во еден момент Џенифер Гарнер, која игра еден од агентите на ФБИ, ќе рече дека Ал Каеда ја изгубила првата фаза од оваа војна, дека ова е нова фаза и дека ако сте човек со модерни сфаќања тогаш нема да ги пуштите овие талентирани убијци.

И, се разбира, американските агенти нема да се откажат од својата задача да одат во Саудиска Арабија и да ги истражат најновите терористички напади на американската населба, на работниците кои работат на нафтените полиња и на нивните семејства, во момент кога децата играат софтбол. Многу вешто е изведена приказната за тоа како американските агенти заедно со директорот на агенцијата се храбри и решителни, како се подготвени по секоја цена да одат во Саудиска Арабија и да влезат во гнездото на терористите бидејќи, како што ни е објаснето во филмот, ФБИ оди секогаш кога во странство се нападнати американски граѓани.

За храброста да не зборуваме бидејќи откако ќе тргнат во нивната мисија тие се исклучително вешти и снаодливи, веднаш ги гледаат трагите кои саудиската полиција не може или не смее (поради мноштвото закони и правила во оваа земја во коа има „жесток судир меѓу модернизмот и традицијата") да ги види. Тие веднаш ќе стигнат и до принцот на Саудиска Арабија, кој им дава пет дена за заедно со добриот саудиски полицаец да ја завршат нивната мисија.

Филмот визуелно е направен извонредно. Акциските сцени се екстремно динамични, прецизни, фасцинантни, агентите се исклучително вешти, од сцените на борба ви застанува здивот, а монтажата е толку брза и совршена, речиси невидлива, правејќи ова остварување да делува исклучително природно и атрактивно. Саудијците и целата сценографија се многу автентично доловени, некако станувате свесни за целата мистериозност, ограниченост и ризик кои одушевуваат и покрај застрашувачкото чувство, за од друга страна многу мудро да е прикажана паралелата. Онаа паралела која кулминира со човечноста и цивилизираноста наспроти фанатичноста која нема граници, имено, главната база на терористите е сместена во една семејна куќа полна со жени и деца, кои се обучени не само за војна туку и за себежртвување.

Целиот актерски ансамбл предводен од Џејми Фокс, Џенифер Гарнер, Крис Купер и Џејсон Бејтмен доби номинација за наградата на американскиот актерски еснаф (SGA). А нивните улоги во целиот тој контекст на наместени игри, детали, предвидливост и патетичност е толку лош, што освен вешто изведените акциски сцени, всушност, не ви е јасно за што станува збор. Филмот бесрамно завршува со истата реченица кажана и кај Американците и кај Саудијците, дека се желни за одмазда. И да, мора да признаеме дека додека ги гледаме не придобиваат со својата вештина и храброст да влезат во осилото од стотина борци и сите да ги убијат, не фасцинираат со својата бестрашност и одење докрај, со својата жртва за нивните соборци, со својата жртва да го спасат светот, и со човечноста дури и кога се наоѓаат во најголемата опасност.

Вовлечени сме во осудувањето на Ал Каеда бидејќи, нели, она е секаде замешана, во осудувањето на милитантните Сауди и нивната подготвеност да ги жртвуваат своите деца, и во згрозеноста од нивниот фанатизам. За на крајот да се запрашате, до кога Американците ќе ни зборуваат за своите жртви во Виетнам, за своите жртви во Ирак, за својата невиност и суровост со која неправедно се нападнати во овој филм, во земјата на еден од „нивните ретките сојузници на Блискиот Исток"? До кога ние ќе им веруваме и ќе се одушевуваме на нивните филмови, до кога ќе сочувствуваме со нив? Веројатно, се додека нивната индустрија е толку доминантна и заводлива па во сето тоа не можеме да се снајдеме. А ако им веруваме на филмовите, тогаш зошто не чуди стварноста? (10.01.2008)

Wednesday, October 29, 2008

Боли ли? (Does it Hurt?)


Болно парче македонска реалност

Кон „Боли ли?", режија и сценарио: Анета Лешниковска, фотографија: Ленарт Хилехе; монтажа: Игор Андреевски; улоги: Ирена Ристиќ, Висар Вишка, Бошко Бозаџиевски, Даниела Стојковска, Милијана Додевска, Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ; Македонија 2007 година

За премиерата на новиот македонски филм „Боли ли?" на Анета Лешниковска во Скопје имаше огромно интересирање. Едноставно, киносалата „Фросина" беше премала да ги прими сите кои беа дојдени на овој настан. А тоа и не беше чудно со оглед на интересирањето кое за овој филм владееше цело време. Како прва македонска, но и балканска „догма", која влезе во конкуренција во Ротердам, а освои и награда за иновативност на Бермудите, што на Анета и ја врачи Ричард Драјфус, овој филм доби внимание какво што на почетокот кога тргна, речиси без буџет и само со холандска поддршка, не можеше ни да сонува. Меѓутоа, мора да кажеме дека „Боли ли?" тоа и го заслужи или уште подобро си го заработи.

За оние кои го гледале „Идиоти" на Ларс фон Трир, со кој и беше инаугуриран „догма" стилот, овој филм има многу слична концепција и идеја. Но, додека во „Идиоти" Фон Трир според насловот гради и одредена замислена драматуршка структура, без оглед на тоа што целиот филм навидум тече спонтано и непредвидливо, во „Боли ли?" Лешниковска сепак се определува сценариото, за едно мало парче од македонската реалност, да го пишува напоредно со снимањето. Таа ги остава приказните на нејзините протагонисти да се испишуваат сами, во рамки на концептот на снимање филм во филм, дотаму што апсолутно се потпира на спонтаниот развој на нештата и на автентичноста на својата и на останатите приказни и карактери. Меѓутоа, таквиот развој на филмот, сепак, ќе се покаже како недоволен за да се заокружи една идеја.

Интересно е дека авторката на почетокот ќе успее да испровоцира една ситуација и да ја долови спонтаноста на атмосферата, додека на нејзиното друштво му ја кажува идејата за снимање на еден филм во кој сите ќе се играат самите себе. Филмот почнува и се развива многу добро се` до оној момент кога е потребна интервенција на режисерот или провокација за тие приказни да можат да ја задржат внатрешната тензија. Имено, се наметнува фактот дека и во еден ваков вид на филм работите сепак мора да се водат во одреден правец, навистина многу невидливо и суптилно но, сепак, без тоа развојот и сето она што се случува во него се разводнува.

Филмот не успева да се искачи горе, да достигне одредена кулминација и да ја исцрта својата поента. И тоа е она што ве остава без емоција или одредена реакција иако филмот има многу позитивни страни, и навистина успева да ја долови таа карактеристична атмосфера и тоа во своето автентично окружение, што не е ни малку лесно. Приказни има, некои повеќе развиени, некои помалку, но како што рековме, ја нема вистинската поента која сето тоа би го врзала.

Инаку, камерата (од рака) на Холанѓанецот Ленарт Хилехе е навистина одлично водена и во филмот има прекрасни кадри, особено кога си игра со ликовите и со нивните реакции. Кај актерите често се чувствува оној напор да глумат дека не глумат, но мора да се признае дека се исклучително експресивни што Хилехе добро ќе го искористи, посебно кај Ирена Ристиќ, Висар Вишка и Бошко Бозаџиевски. Тука, секако, мораме да ја издвоиме и сексуалната сцена која делува помалку откачено, смело и во секој случај многу симпатично во својата мешавина на спонтаност и креативност, а која според Лешниковска е и најзаслужна за наградата за иновативност.

„Боли ли?" е, секако, многу солидно деби на Анета Лешниковска, особено што се нафати со „догмата", која колку што е осободена од секакви вештачки интервенции, таа сепак од друга страна е многу тешко да се изведе. Првенствено поради апсолутната спонтаност која е многу тешко да се „фати“, а потоа и заради пресликувањето на стварноста која никогаш не може да се имитира самата себе и во сето тоа да го задржи природниот тек на нештата. Но, филмот носи една симпатична лежерност, досетливост и откаченост, успева да ја долови карактеристичната летаргична состојба со која сме опкружени, а прави и добра паралела со присуството на Холанѓанецот. Во секој случај, ова е вреден и интелигентен обид кој на Лешниковска и ги отвори вратите, и тоа заслужено. (2.05.2007)

Мама миа! (Mamma Mia!)


Песните на АББА во тин-амбалажа

Кон „Мама миа", режија: Филида Лојд; сценарио: Кетрин Џонсон; музика: Бени Андерсон; фотографија: Харис Замбарлукос; извршни продуценти: Бени Андерсон и Бјорн Улвеус од АББА; улоги: Мерил Стрип, Аманда Сејфрид, Џули Волтерс, Кристин Барански, Пирс Броснан, Колин Фирт, Стелан Скарсгард, САД/Велика Британија 2008 година

Мјузиклот „Мама миа", во кој Мерил Стрип, Џули Волтерс, Пирс Броснан и Колин Фирт ги пеат песните на АББА, направи огромна гледаност во светот. Во Скопје помина речиси незабележано, како и се` друго. Иако, кога станува збор за овој филм, кој го режираше британската театарска режисерка Филида Лојд, донекаде и оправдано, бидејќи се работи за многу слабо остварување. Тоа што филмот се претвори во феномен и во огромен хит заслужни се, пред се`, актерите и атмосферата во него, забавна, оптимистична, урнебесна, весела, заразно поттикнувајќи ве да ги пеете познатите стихови од светските хитови на шведската група АББА. Уште на неговата светска премиера во Карлови Вари овој филм направи бум, создавајќи одлична атмосфера на самото затворање на фестивалот и предизвикувајќи урнебесни реакции поради изведбите на познатите актери, кои не глумат туку навистина ги пеат песните.

Но, освен атракцијата, прекрасните локации на еден од грчките острови, освен убавите бои и пејзажи, музиката и забавата овој филм не нуди ништо повеќе. Целата приказна околу младата Софи (Аманда Сејфрид), која сака да се мажи и нејзината мајка Дона (Мерил Стрип), која на прекрасниот грчки остров држи хотел, е сладникава и површна, без никаква издржана подлога. Се` во филмот, и средбите со пријателките (и кога станува збор за генерацијата на мајката и на ќерката), и настаните кои се` повеќе се вжештуваат со подготвувањето на свадбата, и доаѓањето на островот на тројцата потенцијални татковци на Софи, која се надева дека ќе го најде вистинскиот, е направено на некое тинејџерско ниво. Воопшто не е искористена добрата спрега меѓу времето од кое потекнуваат хитовите на АББА и хипиевската приказна, која се развива околу минатото на мајката на Софи. Сето тоа во овој филм нема никакво значење и не е искористено ниту како приказна раскажана низ музиката или надвор од неа, како нејзино дополнение, ниту низ визуелниот израз. Овде сите тие нешта кои даваат одлични можности за развој на една интересна нарација, се искористени само како некоја комична и еуфорична подлога во чиј контекст ќе се сместат песните на АББА.

Филмот во суштина е бесцелен и празен и освен забавата со изведбите на големите хитови: I have a Dream, Money, Money, Money, Chiquitita, Dancing Queen, Super Trouper, Take a Chance on Me, како и ексклузивноста да се слушнат овие песни од Мерил Стрип, Џули Волтерс или Пирс Броснан, тој не нуди ништо друго освен еден заразен розов оптимизам. Токму поради тоа многу е интересен неверојатниот успех на овој филм, кој досега заработи 150 милиони долари. Интересно е дека студиото „Универзал" му ја даде довербата на истиот тим кој работеше и на театарската адаптација, каде што покрај режисерката Филида Лојд, се и сценаристката Кетрин Џонсон и продуцентката Џуди Крејмер. Навистина тие имаа огромен успех со театарската адаптација, но кога станува збор за филмот, очигледно е дека овој тим нема никакво искуство.

Бидејќи, освен што во филмот нема никаква базична подлога, нема ни емотивен развој, нема поврзаност на настаните, нема значења, нема симболика, нема ништо што би доловило или навестило некаква заокружена идеја. Во него нема концепт ни кога станува збор за музичките точки или за кореографијата. Се` е сведено на некакви адолесцентски штосови, се` е незрело и розово. Единствено неодоливи, како и секогаш, се песните на АББА, по ништо друго филмот не се издвојува. Неговиот голем успех веројатно најдобро зборува за времето во кое живееме и за она што публиката го бара на платното. А се чини дека не бара ништо, освен плакатна забава која трае додека ја гледате и толку.

Мерил Стрип е исклучителна и овде како и секаде. Таа умее да ја донесе емоцијата и во најневозможниот контекст. Џули Волтерс и Кристин Барански се забавни, а на Пирс Броснан оваа улога, дефинитивно, не му стои. Тоа што донекаде е добро, е можеби начинот на кој обичните жители од островот стануваат дел од овие урнебесни музички точки, спонтано, едноставно и симпатично, што на масовните сцени им дава одреден шарм и дух. Убави се пејзажите и носталгијата која лебди во воздухот, исчекувањето и некои нови видици, барањето и неизвесноста исцртани некаде во далечината, над отвореното море или во зајдисонцето. Но, тој предизвик го носи самото место, не и умешноста тој навистина да се долови. Овој мјузикл не носи ништо ново и по ништо нема да се памети, освен по оптимизмот, забавата и ведрото расположение. И веројатно тоа е неговиот придонес, бидејќи тој на одличен начин зборува за нас и за времето во кое живееме. (26.10.2008)

Tuesday, October 28, 2008

Репортажа за Карлови Вари, Чешка (Reportage for Karlovy Vary, Czech Republic)


Карлови Вари е чешкиот скапоцен камен

Овој исклучителен град е парк, декорација, тој е богатство и стил, историја и сегашност, љубов и фасцинација. Карлови Вари дише со здивот на едно поинакво време, време преполно со убавина, со уметност, со фантазија, со силно пулсирање на животот, со отвореност, со независен дух

Во чешкиот град Карлови Вари се вљубувате на прв поглед и тоа првенствено заради неговата прекрасна архитектура, а потоа и заради духот што овој град го носи. Карлови Вари ве плени веднаш со боите, со особениот стил, со богатите декорации, кули и замоци сместени на различни нивоа, што го овозможува шумовитиот и планински предел. А се` заедно со својот фасцинантен изглед ве внесува во светот на сказните. Тој едноставно дише со здивот на едно поинакво време, време преполно со убавина, со уметност, со фантазија, со силно пулсирање на животот, со отвореност и со независен дух. Но, она што е интересно е дека Карлови Вари, градот кој го открил чешкиот крал Карло IV во 14 век, и покрај препознатливиот стил олицетворен во архитектурата и уметноста, сепак, суштински не се врзува само за едно време или уметнички правец, туку во себе инкорпорира повеќе изрази кои токму со својот спој ја создаваат неговата уникатност.

Овој град, кој се наоѓа на 130 километри северозападно од Прага, е пред се` бањски град кој целосно лежи на термални извори кои, пак, од своја страна го диктираат и неговиот начин на живеење. Во него има над 70 топли извори од кои 12 се користат во бањски третман и тоа за лекување на болести врзани со дигестивните органи и со метаболичките нарушувања. Но, иако овој град годишно го посетуваат 50.000 пациенти од 80 земји и уште 2 милиони посетители кои престојуваат пократко во него, тој воопшто не оддава впечаток на лекувалиште, напротив. Во него некако се` му е подредено на туризмот и на младите. Во Карлови Вари се живее и забавува интензивно и тој претставува познато собиралиште на младите од цела Европа.

И не случајно, бидејќи овој исклучителен град со царски изглед воопшто не пати од протоколи, туку на патниците им нуди секакви услови за да им овозможи и да им го олесни престојот. Така, на пример, за време на Филмскиот фестивал (кој се одржува на почетокот на јули) во Карлови Вари не е проблем да се спие по парковите, на клупите, по ходниците во хотелот „Термал“ каде што се одржува фестивалот, како и во кампот на крајот од градот или бројните хостели, апартмани, соби. Во него подеднакво како што имате ексклузивни места, така имате и народни места, пристапни за секого и можност да јадете и да слушате концерти на отворено, на најневообичаените катчиња што можете да ги замислите.

Во Карлови Вари имате ексклузивни хотели, ресторани или бањи, но и прекрасни градби достапни за сите. А во тоа е и неговата единственост, бидејќи во неговиот кралски театар можете да гледате филм во секое време, во импресивниот хотел „Пуп“ и во неговата исто така преубава и пребогата киносала може да влезе секој, а во неговите прекрасно декорирани ходници може да се седи на подот со часови. Во паркот „Колонада“, инаку познат како парк на Антонин Дворжак од крајот на 19 век, кој е преполн со раскошни и цветни декорации и кој дефинитивно има кралски изглед, може секој за миг да отпатува во времето. Можеби секој не може да престојува во познатиот хотел „Империјал“, во кој отседнуваат милионерите и филмските ѕвезди, или во бањата од почетокот на 20 век посветена на австриската царица Елизабета, но факт е дека секој може да ужива и да го почувствува духот на ова место, што со својата патина го создаваат сите овие градби заедно.

Дух присутен насекаде низ градот, кој својот израз го наоѓа низ многу препознатливи парчиња, како барокната архитектура и познатиот стил од крајот на 19 век „арт Нуво“ (во кој, на пример, е изграден неговиот театар кој се смета за скапоцен камен на овој град или главната пошта сместена на самиот плоштад, која на почетокот на 20 век имала најмодерна градба во тогашна Австро-Унгарија), потоа термалните извори кои во колонадата „Спрудел“ фасцинираат со својата моќ и необичност, нивниот жежок здив, но и слатката миризба на чешките вафли, како и особеноста на звуците на тишината, на водата и на извонредниот пулс на животот.

Во Карлови Вари имате многу куќи и споменици во чест на големите уметници кои престојувале тука. Така, во неговиот стар црковен двор се наоѓа Моцартовиот парк, каде што почива синот на Моцарт, потоа тука е куќата на Јоханес Брамс и на Штраус, улицата на Петар Велики, спомениците на Гете, на Бетовен, на Шилер, како и меморијалната плоча на Тургенев. Во него имате англиканска црква направена во неоготички стил, потоа руска ортодоксна црква или високи камбанарии кои се извишуваат од католичката црква „Марија Магдалена“. Но, во него го имате и викторијанскиот парк „Ричмонд“, во кој се наоѓа статуата на еленот, заштитното животно на градот или јапонската градина наречена „зен градина“, која уште еднаш потсетува на неговиот отворен и пријателски однос. Посебно интересно е и постоењето на Музејот на Карл Маркс, кој исто така престојувал овде, но кој по „Сомотската револуција“ во 1989 е заменет со изложба наречена „Свет на колонади“.

А колонадите се нешто што е карактеристично за овој град од 60.000 жители, каде што тоа е и името на нивните најпознати оплатки или кекси. Карактеристични се и плоснатите садови од кои се пие врелата вода, а негов дефинитивно препознатлив знак е слатко-горчливиот ликер „Бехеровка“ откриен од страна на Јан Бехер во 1807 година. Тука, се разбира, е и чешкото пиво кое се произведува веднаш до Карлови Вари, во Плзен и во Крушовице. Карактеристична е и статуата на дивокозата сместена на врвот на гранитната карпа наречена „Еленов скок“, според која е декорирана и амбалажата на „Бехеровка“.

А тука е и палатата на стаклото, чија уметничка изработка е исто така препознатлив знак за Чешка, како и прекрасните замоци и кули, кои се чини во Карлови Вари се споени со небото. Навечер под светлината на месечината целиот овој град добива нестварен изглед. Изглед и чувство кои ги понесувате со себе од ова волшебно место, во кое се споени историјата и сказната со „арт Нуво“ и со авангардниот дух што во него го носат и сите оние патници кои се во потрага по едно исклучително животно искуство.

Карлови Вари е остварување на сказните и отворање на вратите кон слободното живеење во кое може да се доживее се` што ќе посакате, зависно единствено од сопствените граници и лимити. Карлови Вари е парк, декорација, тој е богатство и стил, историја и сегашност, љубов и фасцинација, тој е уметност и филозофија, вера и надеж, Карлови Вари е се` што очекувате од т.н. Куќа на златниот клуч (која навистина постои и датира од 1960, каде што беше сместен и Музејот на Маркс), а која во соништата ве води токму онаму каде што се` е возможно. Бидејќи, овој исклучителен град во тоа навистина многу лесно може и да ве убеди. (18.07.2006)

Friday, October 24, 2008

Девојки од соништата (Dreamgirls)


Експлозивна музичка разгледница од шеесеттите

Кон „Девојки од соништата", режија и сценарио Бил Кондон; фотографија: Тобијас Шлислер, музика: Стивен Траск; улоги: Џејми Фокс, Џенифер Хадсон, Бијонсе Ноулс, Еди Марфи, Аника Роуз, Дени Гловер; САД 2006 година

Кога би рекле дека филмот „Девојки од соништата" на Бил Кондон е амбициозен и добро направен мјузикл, тоа и не би било некој голем предизвик за гледачите бидејќи факт е дека овој жанр, и покрај неколкуте атрактивни обиди последниве години, баш и не буди некој интерес. Тоа и се докажа со последниот мјузикл „Продуценти", кој беше номиниран за „Златен глобус", па и со „Мулен руж" иако крена прав, но главно од други причини. По единствениот успех на „Чикаго" од 2002 направен според кореографијата на Боб Фоси, каде што Бил Кондон го потпишува сценариото, ова се чини е втор мјузикл кој ја наоѓа правата формула. Дури, кога говориме за „Девојки од соништата" слободно би можеле да кажеме дека во споредба со претходно споменатите овој мјузикл има неколку предности.

Првата е дека во својата доста долга филмска приказна за патот на успехот акцентот го става на оживувањето, пред се`, од музичка гледна точка на возбудливото време на 1960-тите, а втората е дека неговата приказна не ја раскажува односно нарацијата не ја води низ музичките перформанси на протагонистите туку музичките точки се нејзино надополнение. Да кажеме веднаш, тоа не значи дека приказната за бескрупулозноста на музичкиот бизнис е неговата силна страна, туку тоа значи дека немаме класичен мјузикл. Ова е филм посветен на музиката, филм чиј мотив и појдовна точка е музиката, но таа не ја презема нарацијата, барем не во поголемиот дел. Режисерот Бил Кондон ќе направи само неколку сцени во кои нарацијата е искажана преку музиката, тогаш кога сака да го потенцира емотивниот пресврт или кулминација. Во другиот дел филмот на добар начин успева да остане мјузикл, а сепак совршено да му соодветствува на времето, како филм кој навистина експлозивно, но многу реалистично ја раскажува приказната за триото девојки кое во 1960-тите години ќе се обиде да стигне до врвот.

Таквиот пристап на Бил Кондон изгледа дека е вистинската формула. Тој ќе успее да направи еден таков спој во кој многу ефектно ја раскажува приказната поместена во 1960-тите, приказната за сонот на девојките, која на својот пат до успехот ќе се претвори во нешто сосем друго, а од друга страна без да се обиде да го осовремени жанрот. Напротив, „Девојки од соништата" и покрај амбицијата и големиот влог во музичките точки не делува како нешто на кое му минало времето, туку на филм кој на ефектен начин успева тоа време да го оживее.

Другото ниво на игра во овој филм е паралелата која тој ја прави со приказната за девојките од познатата група „Сјупримс“ од 1960-тите години иако приказната во овој филм е, всушност, измислена. Интересно е дека врз основа на вистинската сторија за оваа група во која Дајана Рос ќе го преземе водството од Флоренс Балард, која умира на 32-годишна возраст од сиромаштија, е направена и приказната во овој филм во кој Бијонсе ја игра Дина Џонс, девојката која ќе го преземе водството во групата. Далеку подобрата Ефи (Џенифер Хадсон) ќе изгуби во трката за славата, но во филмската приказна неправдата по девет години ќе биде исправена, додека Дина Џонс во текот на сите тие години на успехот исклучително многу потсетува на Дајана Рос, и во стилот и во поглед на музиката. Сето ова го прави филмот провокативен и од сценаристичка гледна точка (сценариото е на Кондон според книгата на Том Ејен, направена специјално за успешниот бродвејски мјузикл од почетокот на 1980-тите), иако во суштина станува збор за клише, за една банална приказна која има многу слабости.

Меѓутоа, со оглед на тоа што сите тие елементи Кондон ќе им ги подреди на бројните музички точки (изработени до перфекција), нивните слабости и не го прават овој филм помалку ефективен. Напротив, неговиот стил е фасцинантен, времето многу автентично, а изгледот, фризурите, костимите и кореографијата се експлозивни и раскошни во една фантастична палета на бои. Навистина, во позадината на овој филм одат многу сериозни теми, покрај главната за бескрупулозната манипулација како неминовната формула за успех, тука е и борбата со расизмот, со бурното време на протести, со предрасудите и борбата да се успее во светот на белите богаташи до вчера недостапни за афро-американскиот бизнис. Има тука и други приказни за потеклото на валканите пари, за поврзаноста со мафијата, за подеднакво манипулативниот свет на филмот. Но, во целиот тој контекст примат, сепак, има емотивната приказна за губењето или одземањето на сонот, како и приказната за пријателството и за семејните вредности. Како и да звучи сето тоа, во оваа динамична и жестока музичка сторија симпатично е вклопено.

За успехот на филмот во многу придонесуваат и одличните улоги на Џејми Фокс и Еди Марфи, и на дебитантката Џенифер Хадсон (го освои „оскарот“ за споредна улога) која е навистина зрела, сигурна и многу убедлива наспроти Бијонсе, чии актерски способности се навистина многу скромни. Споредните улоги на Аника Роуз, Кеит Робинсон и Дени Гловер се исто така солидни, а изборот на музиката и оригиналната кореографија на Мајкл Бенет преземена од бродвејскиот мјузикл, како и целиот визуелен раскош на овој филм успеваат да го оживеат сонот и овој, во суштина скромен филм, да го направат ефектен и гледлив. (7.04.2007)

Thursday, October 23, 2008

Репортажа за Печуј, Унгарија (Reportage for Pecs, Hungary)



Печуј е тврдина во која е „заробена“ уметноста

Првиот впечаток кога ќе влезете во малото гратче Печуј, кое се наоѓа на југот на Унгарија, 200 километри оддалечено од Будимпешта, е дека станува збор за фасцинантен историски град. Првото нешто што паѓа в очи, покрај исклучителната стара архитектура, е фактот дека нема две градби ниту, пак, две улици што се исти. Се чини дека Печуј е вистинска ризница на стари градби, во која секое столетие оставило неизбришливи траги како сведоци за неверојатната историја низ која поминал овој град, чија старост е барем 2.000 години. Во Печуј можете да видите се', градби од ранохристијанскиот период, од ренесансата, од турското владеење, од неокласичниот период и, како што велат жителите на Печуј, треба да седите на една од бројните клупи во градот или да талкате низ неговите улици за да се уверите дека атмосферата во овој град се менува секоја минута, дека тој никогаш не изгледа исто.

И навистина е така. Во тоа можевме да се увериме сите кои бевме на нивниот Интернационален филмски фестивал (Moveast), кој се одржа од 7 до 14 октомври, иако престојот беше само шест, или осум дена. Но, и тоа е доволно за да се почувствува исклучителноста на овој град, во кој традицијата, уметноста, љубовта спрема филмот, театарот или музиката, посебното место на книгата и на едукацијата, на се' што е ново и креативно се нешта со кои неверојатно сплотено живеат жителите на овој град. Тоа се чувствува на секој чекор. На фестивалот работеа армија млади луѓе, кои беа подготвени во секое време да ви го покажат градот и да ви зборуваат за неговата богата историја.

За бројните музеи, за монументалните градби, за неговите споменици, за културата и традиција, за модерната и современата уметност, но и за особеностите на кујната, за традицијата во подготвувањето на вината во овој регион, за посебноста на познатата керамика „жолнаи". А особено со посебна возбуда сите ќе ви кажат дека Печуј во 2010 ќе биде европски град на културата под мотото „Град без граници".

Но, девизата „Град без граници" не е нешто ново кон кое се стреми овој град денес, туку нешто што се чини дека е негово обележје отсекогаш. Неговата местоположба е таква што тој секогаш бил место каде што се судирале минатото, сегашноста и иднината. Во Печуј буквално се огледа целата европска и светска историја. Во него ја имате ранохристијанската некропола сместена неколку метри под земја, која се наоѓа на листата на заштита на светското наследство на УНЕСКО. Во него е монументалната базилика од 11 век со четирите кули и дванаесеттемина апостоли. Веднаш зад базиликата се наоѓаат остатоците од Универзитетот кој во Печуј е подигнат во 1367 и е прв во Унгарија, а воедно е и еден од првите универзитети во Европа. Во Печуј е отворена и првата јавна библиотека. Тој отсекогаш бил град на учени луѓе, на заштитници на уметноста, на писатели и поети.

Тој има огромна традиција во изработувањето скулптури и во украсувањето на црквите и на прекрасните палати. Голем процут градот доживува во времето на ренесансата и во времето на неокласичниот период. Иако во Печуј отсекогаш живееле многу националности, сепак, сите тие се вклопени во традицијата на унгарската држава и се смета дека корените на Унгарија се во Печуј исто како што корените на Австрија се во Виена.

Со целото тоа наследство се живее и денес. Во Печуј е зачувано се': и како физичка градба, но и како духовно наследство. Овој мал град само со 170.000 жители е град на фестивали, град на национален и интернационален театар, град на филмот, град на музиката и на традиционалната музика..., град преполн со настани. Печуј е и град на грозјето и на виното, чиј фантастичен вкус го овозможува медитеранската клима, тоа е град познат по кујната и по музичките фестивали на виното. Печуј е град на уметноста, тој се смета за тврдина во која е „заробена" уметноста. Печуј е град на музеи (меѓу музеите со постојани поставки најпознати се Музејот на керамиката, како и Музејот на Вазарели и на Чонтвари), град на високи школи и универзитети, кои ги посетуваат над 30.000 студенти. Тој се смета за град на учењето, град во кој фасцинира бројот на книжарници и неверојатниот избор на нови книги и стари изданија. Сето тоа неговите жители го чуваат со љубов и со голема гордост за него зборуваат и го покажуваат.

Таков беше и фестивалот во Печуј. Фестивал кој не го славеше само филмот, туку целата култура и уметноста со која секојдневно живее и која едноставно е испреплетена со филмот или со која и да е уметничка форма.

Интересно е дека во Печуј особено е и пријателското однесување на жителите. Како што самите ни рекоа, тука жителите се многу „пофрендли" отколку во Будимпешта. Организаторите на фестивалот се потрудија гостите да видат се' што е можно, а што е карактеристично за овој исклучителен град. Едно од нив е регионот Вилањ, каде што се прават најдобрите вина во Унгарија, потоа концертите на отворено во т.н. Среќен парк, кој се наоѓа на висорамнината Мешек, а каде што гостите можеа да слушнат народна музика, но и современи групи додека јадеа гулаш од казан и пиеја од нивните вина.

Едно од посебните места во градот беше гостилницата „Корхеи", која беше буквално фестивалски хит, каде што гостите најчесто одеа на ручек и вечера. „Корхеи" е едно особено рустикално место, каде што на ѕидовите имате истовремено стари весници и дигитален екран, каде што на подот ги фрлате лушпите од кикиритките, каде што влегуваат гулаби и каде што се подготвува се' што е типично за Унгарија. Во друштво на нивните познати вина, од кои едно од најубавите е „португејзер", или во друштво на познатата „палинка", ракија од слива, или „уникум", ликер од херба.


Во Печуј се' е поинакво и има некој посебен шарм и традиција. Дури и познатите катанци, кои во Печуј се врзуваат на купче за неколку огради, а значат запечатување на љубовта. Кога ќе видите колку катанци се врзани, тогаш се шегуваат и самите жители, ќе сфатите колку тие се сакаат. Младите во Печуј се собираат во парковите покрај базиликата или покрај еден од најголемите музеи посветен на големиот унгарски уметник Чонтвари, но и во рустикалните кафулиња, кои се сместени или покрај овие градби или во самите нив. Посебно е фасцинантно како новите генерации и како животот во Печуј денес тече испреплетен со целата оваа историја и патина што се чувствува од сите страни. Така е и на главниот плоштад, каде што се наоѓа познатата џамија „Гази Касим" од 16 век, која денес на врвот има крст. Иако ја задржува оригиналната форма на џамија, сепак, денеска е католичка црква. И тоа е едно од собиралиштата на младите. Печуј е неверојатен спој на традицијата, на историјата и на сегашноста која е свртена кон иднината. Но, сето тоа е испреплетено во Печуј на некој особен начин, не наштетувајќи и' ни малку на некоја чудна атмосфера, која навистина постојано се менува, но која во себе секогаш ги носи и старото и новото. (18.10.2008)

Friday, October 3, 2008

Грбавица (Grbavica)



„Грбавица“ е филм за трагедијата, но и за убавината

Кон „Грбавица“, режија и сценарио Јасмила Жбаниќ; фотографија Кристина Маер; музика Енес Златар; улоги: Мирјана Карановиќ, Луна Мијовиќ, Леон Лучев, Дејан Ачимовиќ, Богдан Диклиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Босна и Херцеговина 2005 година

„Грбавица“ е филм кој во својата суштина зборува за системот на вредности, но не оној систем кој треба да е даден или кој се подразбира, туку за човечкиот систем на вредности кој го одредува неговиот став кон живеењето. Таквиот однос во оваа приказна, инаку фокусирана на врската меѓу мајката и ќерката, се наметнува не случајно, бидејќи Јасмила Жбаниќ сето тоа го сместува во контекстот на повоена Босна. На една земја која се опоравува од сето тоа што го преживеала, на земја во која луѓето повторно треба да си ги најдат своето место кое е загубено или сосем изместено од своето лежиште. Токму затоа во него имате една лепеза на настани сосем реална и автентична, лепеза во која се меша минатото и сегашноста, во која се мешаат различните стилови на живеење и начин на мислење. Во која на најлош можен начин продира кичот и турбо-фолкот, додека од друга страна, ја имате носталгијата и таква музика или гледање на нештата кои отсликуваат еден сосем поинаков сенс и потреба.

Затоа „Грбавица“ во никој случај не е само филм за љубовта, за приврзаноста, за припадноста или за семејството, тоа не е само филм за спротивставените или за играта на емоции меѓу мајката и ќерката кои животот ќе ги спои на најневозможниот начин. „Грбавица“ се претвора во филм кој говори за најсуштественото, за сопствениот однос кон сето она што ви го дава чувството на човек, чувството на достоинството во него. Емотивноста која се наметнува до болка, кога станува збор за љубовта кон своето дете, со своите осцилации толку многу провоцира што неизбежно го тера гледачот на интроспекција. На поглед во себе, на прашањето како понатаму, како да се биде повторно искрен, целосен, чист, како да се верува, со еден збор како да се носите со болката, а да не ги повредите другите. „Грбавица“ е филм за заздравување на раните, но филм кој сепак вешто ви кажува дека и да заздрават, раните никогаш не исчезнуваат. Со нив мора да се живее.

Јасмила Жбаниќ, дефинитивно, прави добар филм ако зборуваме за темата, за емоциите, за човечките приказни, за атмосферата на едно повоено време. И иако филмот има доста пропусти тој е така воден што се гледа во еден здив и што, секако, емотивно понесува. Би можело да се каже дека во целата нејзина топлина и позитивност има една навистина интересна наивност, кога говориме за сите оние сомнителни нешта што се случуваат паралелно, за сите сомнителни луѓе, зделки, договори. Факт е дека повоеното време ги создава тие можности и факт е дека тие не се нималку наивни, па Жбаниќ не можејќи да ги избегне се обидува сепак да ги вклопи во својата, пред се, позитивно водена приказна.

Има тука доста недовршености кога станува збор за ликовите, има доста неприродни сцени и би рекле незаокружени „парчиња“, има дури и видлива тенденција и извештаченост во пријателството на младата Сара со момчето од училиштето. Но, филмот е така воден до целта, што тие елементи и назнаки, сепак, ја доловуваат потребната поента, макар и индиректно и некако сигурно водат кон одредената замисла.

Она што на филмот, исто така, му ја дава возбудата и исчекувањето е што така е направен што не ја знаете целата вистина од самиот почеток. За оние кои филмот го гледаат првпат, тој навистина ја има потребната мистерија, ја има непознаницата и исчекувањето, ја носи возбудата во исчекувањето на неговата разрешница, па и надежта до самиот крај. Дури и во некои свои мали наивности, па на моменти и помалку детски пристап, сепак, тој успева да ја добие саканата кулминативност во развојот на приказната.

Во сето тоа, се разбира, многу помага извонредната улога на Мирјана Карановиќ и природноста на малата Луна Мијовиќ. Се друго би рекле дека е далеку послабо и далеку од заокружувањето на една зрела приказна. Контрастите кои овој филм ги носи, генерално делуваат автентично и му ја даваат потребната тензија, па дури и болка, барем за оние кои сакаат и очекуваат животот повторно да почне да тече нормално.

Тоа што е исто така големина, а која се наметнува на крајот, е дека всушност ништо не е изменето, ниту поправено, ниту подобрено, ниту пак може да биде. Напротив, сите прашања остануваат, целата атмосфера е таква, какво што е и бегството - само еден од начините, но се разбира не за секого. Ранетата Босна продолжува да живее, да тоне, да бара спас, да се радува или тагува, нештата течат понатаму, а неговите ликови се обидуваат да се пронајдат во својот свет или надвор од него.

Затоа „Грбавица“ е добар филм, затоа што прави одлична паралела, затоа што автентично ја доловува сегашноста, затоа што навлегува во душата, затоа што говори за нејзините рани и нивното заздравување во една сулуда атмосфера од која ќе треба време и сила да се излезе. А емоциите, љубовта, вредноста и достоинството или потрагата по нив се вечни, непроменливи и многу, многу ранливи. Тегобната атмосфера некогаш е силна, некогаш мрачна, некогаш многу натежнува, а некогаш успева да помине на другата страна, да го разоткрие видикот. Нејзиниот дослух со душата е присутен секогаш иако не секогаш ја има истата сила, впрочем, „Грбавица“ е филм за трагедијата, но и за убавината, тоа е филм кој докажува дека дури и тие две нешта одат заедно, особено кога е во прашање човекот и неговото достоинство.

Затоа „Грбавица“ го заслужи тоа што го доби, бидејќи ова дебитантско дело на Жбаниќ навистина не е само филм, тој е повеќе од тоа, токму онака како што таа сакаше и да биде (надминувајќи ги дури и сопствените политички импликации). (8.05.2006)

Wednesday, October 1, 2008

Тајната книга (The Secret Book)



Тајната книга како симбол на вечното искушение

Кон „Тајната книга", режија Владо Цветановски; сценарио: Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш; фотографија: Тиери Арбогаст; музика: Тоше Поп Симонов; улоги: Жан Клод Карие, Тиери Фремон, Ѓорѓи Јолевски, Кирил Ристевски, Александар Чамински, Мето Јовановски, Петар Мирчевски, Арна Шијак, Лабина Митевска, Владимир Светиев; Македонија 2006

Потрагата по Тајната книга на браќата Владо и Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш воопшто не е само тема за филм или идеја која треба да не одведе низ непознатите лавиринти на историјата. Оваа комплексна потрага, нејзините различни патишта и необични протагонисти не се тука како дел од некаков заговор кој трае со векови и кој сега ние преку филмот треба да го дешифрираме. Многумина најверојатно тоа и го очекуваа од овој филм правејќи споредба со „Кодот на Да Винчи" и со неговите мистерии и разоткривања кои низ една итра мозаична структура прават еден вид реконструкција на историските настани, но сето тоа насочено кон одредена цел. Многумина очекуваа дека филмот ќе говори за богомилството, дека ќе навлезе во некои непознати нешта и ќе ни ги доближи и дека јасно и гласно ќе проговори за некои ставови, убедувања, па ако сакате и историски заблуди.

Но, филмот „Тајната книга" во режија на Владо Цветановски не е тоа односно тој е многу повеќе од тоа. Првенствено, факт е дека ова е далеку поуметнички филм од „Кодот на Да Винчи" кој своето патување, и покрај доминантната нарација, го прави преку сликите, визиите, симболите и музиката. Во нив се вметнати и времињата, и размислувањата, и откритијата, и непознаниците. Тука е целиот предизвик, кој е само надополнет со нарацијата која за Тајната книга, пред се, говори како за вечните тајни на живеењето.

Тајната книга во него е, пред се, симболот, таа е вечното искушение, таа е немирот, таа е мистеријата, таа е вечното прашање кое го бара одговорот, таа е бескрајната патека која постојано ве тера напред барајќи го знакот. Токму на тој начин браќата Плевнеш и Цветановски всушност не водат низ овој филм преку нарацијата на Пјер Рејмон (култниот француски сценарист и актер Жан Клод Карие), преку неговата фасцинација со патувањето, со потрагата по знаците, преку неговото мудро водење низ непознатото, не со цел работите да ни ги разјасни туку да ги отвори пред нас прашањата, да ја отвори пред нас патеката која во својот живот мораме да ја изодиме.

Навистина филмот прави паралела меѓу времињата, меѓу ликовите, состојбите, духот, прави паралела и со еден современ контекст, но многу повеќе симболично отколку реално. Во целата таа игра на вметнати ликови е навистина тешко да се снајдете, но на крајот на краиштата воопшто и не е битно нивното разоткривање. Бидејќи тоа не е целта, целта е патот, целта е испреплетеноста на минатото и сегашноста, кои впрочем и не можат едно без друго, целта е жедта за сознанијата, целта е да се препознаат знаците.

Сето тоа навистина го прави овој филм езотеричен, но факт е дека тој успева да го задржи вниманието, па дури и покрај претпоставката дека нема да биде приемлив за пошироката публика. Ова едноставно е поинаков филм, кој не прибегнува кон жанрот на трилерот како, на пример, „Кодот на Да Винчи", за да ни го направи следењето поинтересно. Тој нема така јасно срочени историски концепти и за разлика од „Кодот на Да Винчи" останува понејасен. Неговата цел е играта, играта со Македонија како митска земја, играта со животот и со неговиот предизвик, играта со кругот кој никогаш не се затвора, но не и филмската игра. Бидејќи, тој навистина ја отвора темата на богомилството, но само како тема, не како филмска приказна.

И тоа веројатно е големата замерка и големиот недостаток на ова дело, кое има одлична фотографија, низ камерата и низ извонредната визура на снимање на Тиери Арбогаст и ефектна музика, која ја направи Тоше Поп Симонов, кои донекаде успеваат да го надополнат овој недостаток. Актерите се одлични тргнувајќи од Владо Јовановски, кој го игра Павле Бигорски, па преку чуварот на тајната Ѓорѓи Јолевски, преку трагачот Шевалие во убедливата улога на Тиери Фремон, преку Кирил Ристевски, Александар Чамински, Мето Јовановски, Петар Мирчевски, Арна Шијак, па се до Пјер Рејмон (Карие), чија длабока проживеаност со оваа улога е нешто што извонредно пулсира низ целиот филм. А она што реално му недостасува, покрај филмската игра, е еден малку поедноставен и позаокружен концепт на приказната и фактот дека не морало во него да се каже се, што навистина многу го оптоварува филмот. Факт е дека ова е посебен филм, кој и не е само филм, што може да биде негов недостаток, но и негова придобивка. Во секој случај, Тајната книга на интересен начин ја отвора Македонија, онака како што досега не е направено, а дали ќе успее да се избори за едно такво место во нашата филмска хронологија, но и пошироко, да даде и да остави значења кои ќе траат, да даде и да остави трага, останува да покаже времето. (9.12.2006)