Sunday, December 28, 2008

Американски гангстер (American Gangster)


„Американски гангстер“ како парадигма на американското општество

Кон „Американски гангстер“, режија: Ридли Скот; Стивен Зеилијан; фотографија: Харис Севидес; музика: Марк Страјтенфелд; улоги: Дензел Вашингтон, Расел Кроу, Џош Бролин, Чиветел Еџиофор, Тед Левин, Руби Ди; САД 2007 година

Ридли Скот и Дензел Вашингтон годинава (2008) немаа номинација за „Оскар“ иако нивниот филм „Американски гангстер“, дефинитивно, е едно од најдобрите остварувања од изминатата година. Различен од се` што досега работел Ридли Скот, снимен многу смирено, елегантно и вешто, ова е еден класичен гангстерски филм кој во себе ги антиципирал сите карактеристики на овој жанр, но давајќи им сосем поинаков призвук, динамика и ритам. „Американски гангстер“ делува како да е дојден од друго време, па сепак, совршено кореспондира со денешното и во психологијата, и во односот кон работите, па дури и во самото милје. Бидејќи во него ја имате дефинираноста на времињата, но дадена многу повеќе низ призмата на човекот и неговото место во општеството, отколку низ фактографијата.

Ридли Скот овој пат се нафаќа со вистинската приказна за црниот наркобос Френк Лукас, кој при крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите изградил цела империја надвор од сите правила и познати шеми. Интересно е дека тој совршено ја следи шемата на италијанските мафијашки организации, па сепак, успева да се издигне над мафијата и да направи такво невидливо царство во кое никој нема да сака да поверува. Френк Лукас го испекол занаетот работејќи како возач и телохранител на познатиот мафијаш Бампи Џонсон, од кој сепак го зема најдоброто но со една разлика, да биде независен и никој да не го поседува. Тој успева да набавува дрога сам, директно од Југоисточна Азија, бескомпромисно следејќи ја шемата на создавање бренд и замислата по секоја цена да се остане во сенка, успевајќи да ги претвори во свои вработени дури и италијанските мафијаши. Неговата тактика и однесување се совршени, тој нималку не наликува на црн гангстер, напротив.

Приказната во филмот која ја потпишува Стивен Зеилијан („Шиндлеровата листа“), а која се базира на написот на Марк Јакобсон „The Return of Superfly“, се претвора во една фантастична, неверојатна сторија за успехот, чие траење и крај се подеднакво неверојатни. Приказната за Френк Лукас останува мистерија, која и денес е интригантна и невозможна, исто како што мислеа и тогаш кога се соочија со неа. А Френк Лукас, кој првично беше осуден на 70 години, денеска е слободен.

Режисерот Ридли Скот создава една фантастична наративна структура во која вметнува се` што е карактеристично за времето, но која за цело време го задржува одличниот тек на раскажување на две паралелни стории, едната за подемот и падот на Френк Лукас (Дензел Вашингтон), а другата за чесниот, жесток и упорен капетан Ричи Робертс, кого исто така одлично го игра Расел Кроу. Нивните приказни се подеднакво чудни, особени и поинакви, и Ридли Скот од сето тоа создава уште еден фантастичен поттекст во кој се судираат тие два лика, а кој што судир во суштина не завршува со пораз за никого, туку со соработка и пресврт што тотално ќе ги измени нивните животи. Сето тоа резултира со најголемата корупциска полициска афера, бидејќи Лукас ќе ја прифати понудата за соработка, низ која се разоткрива дека дури три четвртини од полицијата која работи со наркотици е корумпирана.

Но, сите овие неверојатни податоци ја добиваат својата вистинска форма и тежина токму низ оваа интелигентно филмувана сторија, која има епски димензии и која претставува едно фантастично огледало не само на времето, туку и на американскиот начин на успех или на отелотворување на американскиот сон. Во неа Скот низ приказната за градењето на нарко-царството говори и за војната во Виетнам, за американската политика и војска, жестоко ја критикува американската полиција, а истовремено говори и за моралните, деловни и човечки димензии во сооднос со успехот и опстанокот. Тука се многу мудро вклопени и сите стереотипи врзани со Црнците во Америка, фантастично изработувајќи ги деталите во се` она што е карактеристично за нивното однесување и се` она што Лукас ќе умее во тој стереотип да го избегне. Една од фантастичните реченици е кога Ричи Робертс му вели на Лукас дека проблемот е што тој го претставува прогресот кој им нанесува многу парична штета на другите, но она што обично е непростливо е дрскоста да излезете од стереотипот што другите ви го наметнуваат. А Лукас успева да биде над се` што од еден црн гангстер не се очекува, и се чини дека оваа навреда никој нема да може да му ја прости.

Но, што се случува? Тој и невообичаено чесниот полицаец со кој никој не сака да работи бидејќи неговата чесност им влева недоверба, ќе се препознаат некаде во тој невозможен виртуелен свет, и кога по оваа огромна афера Ричи Робертс станува адвокат негов прв клиент е токму Френк Лукас. Има една фантастична симбиоза меѓу овие два лика, која го предизвикува времето и луѓето на многу провокативен начин, а од која Скот создава еден филозофски трактат. Но, трактат кој е многу животен и проверен директно на улица. Затоа на крајот, тие и двајцата се морални победници, бидејќи тие ќе раскринкаат се` што е зачмаено и непроменливо. Лукас и Ричи беа над тоа, тие не играа по востановените правила.

Интересно е дека на крајот и Лукас во целиот тој корумпиран џган се претвора во позитивен лик, кој по 15 години излегува од затвор. Неговиот начин на работење многумина го сметаат за пример во американското претприемаштво, за што еден критичар дури ќе напише дека, да не се работи за криминал и да не беше Лукас дилер на дрога, тоа би бил пример кој би можел да се изучува во училиштата за менаџмент. Скот некако магично успева да создаде напоредно неколку одлични приказни во овој филм кои говорат за луѓето, за предрасудите, за проблемот на времето и сфаќањата, за погрешните потези на американската политика, за полицијата, за се` што е база на едно општество ставајќи ги еден наспроти друг овие два лика, кои само играат по своите правила, едниот за да биде некој, а другиот следејќи го бескомпромисно својот карактер. И двајцата претворајќи се во парадигма на американското општество, низ која Ридли Скот ќе направи еден неверојатен гангстерски филм кој е различен од се` останато или како и Френк Лукас, кој се издигнува над сите други гангстерски филмови. Затоа што со сите елементи, со сценариото, фотографијата, музиката и монтажата, но и со моќта за фантастично склопување приказни ќе создаде нешто многу повеќе од филмско дело. Ќе создаде една парадигма за комплексниот и сложен свет од 1960-тите години, кој остави големо наследство зад себе во сите пори на живеењето, во Америка, но и во светот. (10.03.2008)

Friday, December 26, 2008

Опасност во Бангкок (Bangkok Dangerous)


Платените убијци се неодолив магнет за публиката

Кон „Опасност во Бангкок“, режија: Оксид и Дени Панг; сценарио: Џејсон Ричман; улоги: Николас Кејџ, Шакрит Јамнарм, Чарли Јеунг

Филмот „Опасност во Бангкок“ е римејк на истоимениот успешен филм од пред десетина години на истите автори, браќата Оксид и Дени Панг. Нивниот првенец од 1999 година, кој беше целосно тајландски успеа да отиде на повеќе фестивали, да привлече голем број гледачи, а ја освои и наградата на критиката „Фипресци“ на фестивалот во Торонто. Но, за разлика од новата американизирана верзија со Николас Кејџ во главната улога, првиот филм „Опасност во Бангкок“ носеше свежина и автентичност, но и поголема психолошка игра и судир во чиј вител ќе се најде неговиот главен лик, инаку платен убиец.

Тоа и беше она што овој филм, инаку втор филм на браќата Панг, го издвои од другите и го направи поинаков во морето филмови на слична тема. Имено, кога станува збор за филмови со платени убијци, со некои совршено подготвени модерни истребувачи, прецизни, кул, непобедливи, кои немаат слаба точка и непоколебливо го владеат својот занает, се чини дека младите автори, особено оние фанови на видео-игри, како во нив да наоѓаат одличен, да не речеме лесен материјал. Бидејќи, тоа им носи некаков познат терен и готова матрица, која по се` изгледа секогаш успева. Публиката како по правило ги сака тие филмови, дури и без оглед на умешноста со која се направени. Важно е да се биде кул, да се фасцинира гледачот со способноста и совршената подготвеност на главниот протагонист, со неговата најчесто аскетска филозофија кон животот и кон неговата работа, како и со неговата восхитувачка посветеност.

Поради тоа и не беше чудна одлуката на браќата Панг да направат еден полуамериканизиран римејк, бидејќи повторно дејствието на филмот е сместено во Тајланд, инаку во суштина со целосно американизиран пристап и со Николас Кејџ во главната улога. Се покажа дека иако филмот е гледан, сепак, поголемиот одѕив изостана, а уште повеќе наклоноста на критиката бидејќи „Опасност во Бангкок“ како да ја загуби својата душа. Овде тој носи малку поголема прецизност и манипулација, носи нешто веќе многу пати видено и користено во овие филмови, но ја загуби и вистинската припадност, автентичност и оригиналност во филозофијата или психолошкиот пристап. Дури овде сето тоа е изработено многу површно. И ако можеме да кажеме дека во техничкиот дел филмот е совршено изработен, тогаш многу слаба точка во оваа верзија дефинитивно останува сценариото, кое овде врз основа на нивниот филм, сепак, го изработува Американецот Џејсон Ричман.

Овој филм е замислен така да донесе пресврт кај главниот лик, платениот убиец Џо (Кејџ), кој по подолго време во оваа работа, во која важи за најдобар, ќе почувствува потреба да излезе од својата шема, од својот затворен свет и отуѓеност, ќе почувствува потреба за емоционален влог, за комуникација, за допир, за припадност. Но, сето тоа тука ја нема вистинската двигателна точка, го нема емотивниот развој, ја нема потребата и фокусот, го нема внатрешниот немир, ја нема веродостојноста во пресвртот. Имено, личностите за кои тој ќе се врзе и ќе ја почувствува потребата за промена воопшто не го носат надворешниот фактор, не носат вистинска ситуација, не носат релација или особености кои ќе ја предизвикаат промената кај Николас Кејџ. Напротив. Што значи дека таа промена, тоа отстапување од совршенството градено со таква прецизност и посветеност мора да дојде од внатре. Но, тука тоа воопшто не го гледаме.

Наеднаш додека платениот убиец зборува за неприкосновените правила во неговата работа кои ве одржуваат жив, тој постапува сосем обратно и тоа многу наивно и без вистински поттик. Ни понатамошниот развој на настаните не носи компактност, не носи емотивно препознавање ниту создава ситуации на кои ќе им веруваме. „Опасност во Бангкок" останува опасно далечен без жар, без страст, без силна емоција, без да успее да ве вовлече во судирот со себе и со светот околу себе. Дури и улогата на Николас Кејџ е таква, направена од дистанца, помалку збунувачка како некој кој сака да ви раскаже нешто во кое ни самиот не верува. Бидејќи, вербата и влогот секогаш доаѓаат одвнатре, па дури и кога вашата работа бара прецизност на машина. Впрочем, и неа ја движи посветеноста и љубовта кон својата работа.

Но, браќата Панг, а и сценаристот Ричман, сепак, не успеале да се снајдат во вистинската спрега со животот. Бидејќи, и кога нештата се спротивни и навидум насочени на другата страна, секогаш го носат моментот на сопственото препознавање. Во него и се крие совршенството. Во него и се крие целосното предавање кое секогаш произлегува токму од сопствениот однос кон животот, па колку тоа и да изгледа неверојатно. (17.12.2008)

Saturday, December 6, 2008

Репортажа за Каиро, Egipet (Reportage for Cairo, Egypt,)




Сјајот и бедата на митскиот град

Каиро денеска живее распнат меѓу желбите и историјата, бидејќи сегашноста е нешто во кое никој не сака да верува

Филмскиот фестивал во Каиро главно е лоциран на еден од островите на Нил, кој се наоѓа близу до големата бетонска Кула, едно од обележјата на овој древен град. Гостите на фестивалот, како и сите фестивалски канцеларии, прес-конференции и симпозиуми, беа сместени или се одржуваа во исклучително луксузниот хотел „Софител ел Џезира", додека отворањето и затворањето на фестивалот се одвиваат во прекрасното здание „Опера хаус", кое се наоѓа веднаш наспроти познатиот Египетски музеј на современата уметност. На овој остров се наоѓа и една од шопинг-улиците, тука е бизнис-центарот, тука се сместени сите министри, а тука е и спортскиот центар со еден од најпрекрасните и најпространи паркови во градот. Се' на овој остров е многу луксузно, во сите зданија има обезбедување, поради што овој дел во градот важи за еден од најбезбедните. Тука, на самата река Нил, се и рестораните со пет ѕвездички, кои најчесто се лоцирани на бродови. Од сите соби во хотелот „Софител ел Џезира" се гледаат реката Нил и овие ресторани, секој со свој необичен изглед, од сите соби има таков панорамски поглед што одушевува. Делот каде што е сместено срцето на фестивалот, всушност, е и еден од најбогатите делови во градот.

Токму поради тоа, а и поради ексклузивните услови што ги нуди фестивалот за своите гости, беше вистински шок судирот со другите делови во градот кои се сосем поинакви. Каиро, град кој денеска има над 20 милиони жители, дефинитивно е град на многу екстреми. Бидејќи од овој преубав дел до најсиромашните делови во градот, кои ги има многу и се простираат на огромни површини, разликата е таква што мислите дека не се наоѓате во истиот град. Огромен број население во Каиро, всушност, е многу сиромашно. А и самите тие сиромашни квартови се различни едни од други, од живот на улица до живеалишта што се оградени само со црвена цигла, па се' до познатиот „Град на мртвите", каде што најсиромашното население живее на самите гробишта во т.н. фавели. Во Каиро, како што слушнавме на симпозиумот за човекови права, три милиони деца живеат на улица. Разликите во овој град, кој се смета за средиште на арапската култура, се неверојатни, но интересно е дека нашите домаќини навистина правеа се' за да го покажат обратното, дека Каиро има и друга страна.

Секој ден гостите од хотелот ги чекаше брод што ги пренесуваше на другата страна од реката Нил во исто така луксузните хотели „Хајат" и „Четири сезони", каде што се наоѓаат неколку киносали. Во сите нив ентериерот е фасцинантен, рестораните со поглед на Нил имаат исклучителна атмосфера и секогаш во нив има тивка музика на клавир или на харфа, потоа многу богато опремени книжарници, како и ексклузивни продавници за брендирана облека. Обезбедување имаше насекаде. Истиот брод не' возеше секој ден по два пати на проекции, па назад во хотелот „Софител" на ручек и на вечера.

А пловењето по реката Нил е своевидно доживување, од една страна, поради чувството што го носи самото сознание за оваа древна река за која се вели дека Египет е нејзин подарок. Тоа е реката која носела живот и која во себе крие таква историја. Од друга страна, пак, на неа можевме да видиме такви бродови што изгледаа апсолутно нестварно. Најинтересниот шок беше бродот кој имаше сосем ист изглед, форма и бои како еден од најубавите бродови на старите Египќани што можеше да се види во големиот Египетски музеј. Реката Нил влегува во срцето на Каиро и таа носи такви приказни. И без оглед на тоа што денес реката Нил е матна и кафена, сепак, тоа не го менува она необично чувство што го имате додека пловите по неа.

Престојот во Каиро беше како од соништата. Но, кога ќе посакате да прошетате по некоја шопинг-улица, или да одите во познатиот Ел Калили базар, или во Долниот град, кој се смета за центар на Каиро, или пак да прошетате до Египетскиот музеј, се судирате со стварноста, бидејќи организаторите на фестивалот не сакаа да одиме сами, туку веднаш ни нудеа шофер и автомобил. На прашањето за тоа дали е безбедно да шетате сами, тие велеа дека нема никаква опасност, дека е безбедно и дека стапката на криминал во оваа земја е многу ниска. Дури објаснувањето беше дека тоа е најверојатно така поради религијата. Но, кога организаторите не' однесоа заедно да го посетиме големиот Ел Калили базар, постојано бевме предупредувани да не се делиме од групата. Таквите објаснувања, сепак, зборуваат дека е подобро да одите со автомобил и низ големото Каиро да не шетате сами.

Каиро навистина е град со неверојатен изглед. Тој рапидно го гради својот нов имиџ. Огромните згради и луксузните хотели никнуваат на двата брега на реката во југоисточниот дел на градот. Во овој дел се наоѓа и големата телевизиска кула, која се смета за симбол на современо Каиро, а која е изградена во 1975 година. Нејзиниот изглед навистина е нешто посебно, таа е во вид на цилиндер, заобиколена е со бетонска мрежа и висока 187 метри, 43 метри повисока од највисоката пирамида во Гиза. Кулата се отвора на врвот и тоа во форма на лотосов цвет. Инаку, лотосовиот цвет и папирусот се симболи на древниот Египет.

Во истиот дел се наоѓа и грандиозната „Опера хаус", која е во состав на новиот Национален културен центар со повеќе зданија, со прекрасни паркчиња, фонтани, со статуи и споменици. Но, тоа е нејзиниот нов изглед што го доби откако во почетокот на 1970-тите години изгоре и беше обновена во 1988 со јапонска донација. Инаку, старата Кралска оперска куќа потекнувала од далечната 1869 година. Во Каиро има и пет универзитети, од кои најстариот Ал Азар потекнува од 972 година, додека другите четири потекнуваат од 20 век. А интересно е дека во Каиро населението има и посебен однос кон филмот. Како што ни рече прекрасната египетска актерка Далија ел-Бехери, која беше член на главното жири, во Каиро најмногу се гледаат филмови и фудбал. Инаку, во Каиро има 15 филмски студија, годишно се снимаат 360 филмови, а низ целиот град има 40 киносали.

Она што е интересно во овој град е и однесувањето на младите девојки кои многу често можат да се сретнат во киносалите и во музеите, па и во ноќните часови. Необично е што тука многу од жените не се покриени целосно, туку имаат само шамии на главите, а надолу се облечени исто како и ние, во фармерки, во тесни панталони или здолништа, нашминкани, со накит и се' друго. И доколку сакавме да ги сликаме, ист беше случајот и со нив, и тие бараа да не' сликаат. Во секој случај, жените и младите девојки овде, кои многу често шетаа прегрнати со своите момчиња, се обидуваат навистина да живеат современо, онолку колку што можат. На фестивалот имаше многу новинарки и многу режисерки со шамии или без, но образовани, енергични и сериозно подготвени за она што го работат.

Но, сликата се менуваше сосем кога ќе тргневте кон стариот дел на Каиро или кон Гиза, каде што на само 15 километри југозападно од центарот на Каиро се најпознатите три пирамиди и сфингата. На патот кон старо Каиро го видовме најсиромашниот дел во градот, каде што се' се продава на улица (долу на улица, не на тезги), каде што е многу евтино и валкано, каде што условите за живеење навистина се ужасни. За веднаш потоа, кога ќе го поминете овој дел, буквално како на филм, како да гледате различни сетови направени за снимање еден до друг, да излезете во еден сосем друг дел кој на едната страна води кон старо Каиро, каде што се наоѓа исто така познатиот Коптски музеј, а на другата страна се оди кон големиот Египетски музеј, кој во себе го крие целото богатство на древниот свет. Во него се раскажани целата историја и целата култура на древниот Египет и на древните цивилизации.

Токму затоа и не можете да ја сфатите таа сиромаштија во која денес живее населението во Каиро, но и немањето трага од онаа култура која и денес е препознатлива за ова место, но како култура на древниот град, а не на овој денес. Бидејќи денеска од сето тоа во Каиро не може многу да се види. Инаку, и делот што води до пирамидите носи една депресивна безлична слика на идентични градби од црвена цигла и, исто така, ужасно видлива сиромаштија. Државата која толку многу вложува во новиот имиџ на градот, а многу вложува и во овој фестивал, чија цел е да покаже некое ново лице на оваа земја, не вложува многу за да им помогне на сиромашните. Како што ни кажа египетскиот колега, државата вложува само ако некој сака да гради станови, но не и да им даде бесплатни станови на сиромашните или некои којзнае какви поволности. Единственото што државата го прави за сиромашните е донирање во производството на еден не многу вкусен карактеристичен египетски леб, кој им е достапен и на најсиромашните.

Сјајот и бедата во Каиро се неверојатни. Не затоа што ги има, не затоа што разликите се големи, не затоа што богатството е во рацете на само мала група луѓе, туку затоа што овие разлики се толку екстремни што дури се и неверојатни. Таа слика која, всушност, е доминантна во Каиро не може да се скрие, без оглед колку и да се вложува во некој негов нов замислен имиџ. Колку и да сте заштитени, колку и се' да е организирано на високо ниво, како што беше за фестивалските гости, не може да се избегне непријатното чувство кога ќе ги видите нечовечните услови во кои најголемиот дел од населението живее овде. Стравот на организаторите за сигурноста на гостите говореше и за степенот на безбедност, а создаваше и чувство на непријатност. Но, она што е најжално во сето тоа е сознанието дека едно такво големо место, една од најстарите цивилизации и една од најнапредните култури некогаш, земјата што носи толку богато наследство во себе, денеска живее распната меѓу желбите и историјата. Бидејќи стварноста, односно сегашноста е навистина нешто во кое вие не можете да верувате, а тие не сакаат.


Thursday, December 4, 2008

Интервју со Чарлиз Терон (Interview with Charlize Theron)


Не сакам да живеам во сенка на минатото

Јас сум граѓанин на светот, не сум Американка, таму само правам филмови, изјави холивудската актерка Чарлиз Терон

Чарлиз Терон на Фестивалот во Каиро дојде заедно со својот партнер Стјуарт Таунсенд. Интересирањето беше неверојатно и за неа, но и за нивната врска и соработка на филмот „Битка во Сиетл", кој се прикажа во Каиро. Чарлиз Терон навистина плени, не само поради својата природна убавина туку и поради едноставноста, природноста и непосредноста. А особено затоа што не живее во облаци, туку сака да нагласи дека и таа е една од нас која само го работи тоа што го сака и има среќа да работи на проекти на кои е неверојатно горда.

Она што е карактеристично за Вашите улоги е големата трансформација што успевате да ја постигнете и секогаш да бидете различни. На што се должи тоа, дали се работи за тотално соживување со ликот и желба да се биде оној другиот во вистинската смисла на зборот или можеби тука има и мала потреба за бегство?

Јас уживам во работата, дури понекогаш ми е тешко да ја наречам работа. Тоа е нешто што навистина го сакам. А оној дел што најмногу го сакам е токму трансформацијата. Мислам дека најтешката работа за мене како актер е нешто навистина да предизвикам кај гледачот. Сакам да одам во кино и сакам кога актерот, писателот, режисерот, снимателот, продукцискиот дизајнер ќе направат да заборавите на се'. Јас се обидувам да го постигнам тоа секогаш кога работам.

А што беше пресудно да ја одберете токму оваа професија?

Мојата кариера, всушност, почна како балерина, 12 години бев балерина. Мајка ми ме запиша во балетско училиште кога имав четири и пол години, бидејќи бев хиперактивна и таа не знаеше што да прави со мене, сакаше да ме смири и да се фокусирам на нешто. Но, по 12 години докторот ми кажа дека ако продолжам да играм, на 19 години ќе треба да се пензионирам поради колената. Во трагањето по нешто кое би го заменило играњето кое многу го сакав, открив дека ме фасцинира глумата, одењето на сцена и кажувањето приказни. Тогаш мајка ми ми рече дека треба да одам во Холивуд, дека таа не знае друго место на кое се прават филмови. Сега кога ќе погледнам назад, мислам дека тоа беше смешно, но од друга страна, таа беше во право, бидејќи сега сум тука и работам нешто што многу го сакам.

На Фестивалот во Каиро сте со филмот „Битка во Сиетл", кој говори за демонстрациите во Сиетл, но носи и една многу интересна палета на ликови. Каква беше соработката со Стјуарт Таунсенд и колку беше тешко да го одвоите приватното од професионалното?

Ние сме работеле на неколку филмови заедно, но сега првпат ми беше режисер и, верувајте, многу сака да ми кажува што да правам. Се шегувам, всушност, многу е тешко за мене да зборувам за режисерот на „Битка во Сиетл", бидејќи луѓето ги сфаќаат моите одговори како пристрасни. Имаме голем респект еден спрема друг како уметници, се охрабруваме, се поддржуваме, јас сакам тој да биде најдобар, тој го сака тоа за мене. Но, кога работиме, многу сме професионални. Вистината е дека Стјуарт е еден од најдобрите режисери со кои сум работела и тоа беше неверојатно лесен процес за мене. Стјуарт е многу одреден и знае што сака, а за актерот така е навистина многу полесно.

Иако имате веќе над 30-ина улоги, сепак, најинтригантна е улогата во филмот „Монструм", која Ви го донесе и „Оскарот", а и светската слава. Интересно е дека и тогаш, а и сега сите се прашуваа зошто се нафативте да ја играте Ајлин Вурнос, жената која буквално сите ја мразеа?

Кога го прочитав сценариото за „Монструм", а бев меѓу првите што го прочитаа, сфатив дека сум поврзана со неа и дека има нешто што можам да го споделам со неа. Има нешто многу емотивно во нејзината приказна, нешто што силно ме погоди. Она кон што веднаш се наклонив е фактот дека тоа што сите го знаеја за Ајлин беше на површината, сите знаеја дека таа е луда, дека е убиец, дека е лоша, зла. Не велам дека таа не ги сторила тие ужасни нешта, но таа е човечко суштество. Таа не беше таму со цел, таа дури и не знаеше што ќе се случи, таа само го живееше својот живот, а одеднаш се најде во околности кои никогаш не ги барала, но поради кои нејзиниот живот никогаш повеќе не можеше да биде ист. Тоа за мене беше неверојатно моќно. На неа гледав како на многу луѓе, како на многу жени кои го живеат својот живот и се обидуваат да преживеат.

Колку повеќе ја откривав нејзината приказна, станував се' пофасцинирана од тоа како некој може така да се смени. Потрошив две и пол години во истражување на нејзиниот лик, читав се' што ќе ми дојдеше под рака. Потрошив два дена со нејзината најдобра пријателка на која таа и' пишуваше секој ден додека го чекаше извршувањето на смртната казна. Ги прочитав писмата и колку повеќе читав толку повеќе се обидував да се соживеам со неа. Не значи дека се согласував со неа, туку само сакав подобро да ја разберам. Имав и неверојатен тим кој работеше на овој филм. Сите заедно сакавме да ја разбереме големата вистина во тој момент и се' што правевме и биравме да правиме беше искрено и вистинито.

Овде во Каиро добивте понуда од една египетска режисерка да играте во нејзиниот филм. И филмот „Монструм" го режираше жена. Еднаш изјавивте дека сте многу среќна кога ќе сретнете жени-режисери. Има ли нешто поинакво во сето тоа, дали можеби пристапот е поинаков или емотивноста?

Да, точно е, сакам да работам со жени-режисери, секогаш сум возбудена околу тоа. Всушност, сакам да работам со режисери од цел свет. Јас сум граѓанин на светот, не сум Американка, потекнувам од Јужна Африка, таму само правам филмови. Сакам да работам со режисери кои доаѓаат од секаде. Големината на оваа индустрија е што може да раскажува приказни, приказните се универзални, тие зборуваат за животот на луѓето, тие се вистинити. Кога приказната е добра, не е важно кој е режисер, кој е актер или каде таа се снима, добра приказна поминува граници, националности и јазици. За мене е најважно да кажеш добра приказна. Годинава снимив еден филм според книгата „Пат" на Кормак Мекарти, која многу ја сакам, тоа е прекрасна сторија и многу сум горда што работев на неа.

Во филмот „Животот и смртта на Питер Селерс" ја игравте познатата актерка и убавица Брит Екланд. Но, целото внимание околу овој филм, чија премиера се одржа во Кан, всушност, беше околу ликот или феноменот на Питер Селерс. Како Вие ја доживеавте оваа вистинска сторија за големиот француски актер?

„Животот и смртта на Питер Селерс" е еден од моите омилени филмови на кои сум работела. Тоа е омаж за Питер Селерс, за една компликувана, интересна, но неразбрана личност. Тој филм е и смешен, но истовремено носи и еден неверојатен извор на болка и лутина, бидејќи тој навистина се борел да преживее. Селерс имал проблем да живее во својата кожа. За мене тој е интересна личност од чиј живот сакате да сте дел, затоа што постојано го чувствувате тој вриеж, тој немир, таа потрага.

Годинава го имавте филмот со Гилјермо Аријага „Запалена ливада", кој повторно носи една многу контроверзна приказна. Аријага е еден особен автор кој создаде неколку исклучителни приказни. Со кого друг би сакале да работите?

Аријага е нешто посебно, ги обожавам неговите филмови „21 грам", „Аморес перос", „Вавилон". Тој ми беше дефинитивно еден од омилените автори со кого ми се оствари желбата да работам. Инаку, многу сакам да работам и со Австралиецот Баз Лурман. Интересна е една случка кога ме прашаа со која актерка сакам да работам, реков дека многу ја сакам Френсис Мекдорманд и излезе дека во текот на една година работев двапати со неа. Се надевам сега нема да се случи тоа, но многу би сакала да работам со Дениел деј Луис, тој е неверојатен, секогаш ме фасцинира кога го гледам. А би сакала да снимам и со Џереми Ајронс или со Хелен Мирен.

Едно класично, но важно прашање, дали успехот Ве промени?

Се чувствував благословено и среќно дури и пред „Монструм", се чувствував како жена од Холивуд и бев среќна што имав можност да работам. Кога го работев „Монструм", бев неверојатно горда. Сметав дека сум многу привилегирана во мојата кариера. Ноќта на „оскарите" бев трогната, тоа беше фантастична ноќ, незаборавна, но кога ќе се разбудите, животот оди понатаму. Не сакав да мислам премногу на тоа, не сакав да живеам во сенка на минатото. И не живеев. Направив вистински избор и продолжив со својот живот. Благодарна сум на тоа што бев и сега сакам да продолжам со мојата работа и да се предизвикувам и понатаму самата себеси на различни начини.

Sunday, November 30, 2008

„Психо“ - ненадминатиот хорор (Psycho - unmatched horror)


„Психо“ стана дел од општата култура

Овој антологиски филм на Хичкок дефинитивно беше и останува нашиот кошмар кој, и покрај тоа што знаеме кој е убиецот, може лесно да се повтори само ако повторно го гледате филмот

Филмот „Психо“, кој големиот мајстор на трилерот Алфред Хичкок го направи во 1960 година, се претвори во еден од најособените психолошки хорори кој се смета за предводник на модерните хорор или на оние т.н. саспенз филмови. Овој филм Хичкок, иако на врвот на својата слава, ќе го направи со мал буџет (се` на се` 800 илјади долари) и со екипа од едно телевизиско шоу, како дел од серијалот кој во тоа време одел на телевизија, познат како „Алфред Хичкок претставува“. А тој не само што се претвори во еден од неговите најуспешни филмови, туку и во еден од најкомплексните психолошки трилери и во филм кој е најповеќе цитиран во историјата на филмот. Сценографијата, атмосферата, ликовите и сцените, посебно сцената на убиството под тушот (која, како што велат, стана дел од општата култура) се безброј пати употребени, цитирани или пародирани, а честопати се и инспирација за создавање на некои други дела. Интересно е дека „Психо“, се разбира мислејќи на неговиот оригинал, и денеска е жив, интересен и страшен, за разлика од другите филмови што се направени како негово продолжение или римејк.

Како и да е, она што е интересно е дека ова е првиот вистински хорор на Хичкок иако тој е, всушност, окарактеризиран како најголемиот мајстор на хоророт. Но, она што тој умееше најдобро и најоригинално да го направи во своите филмови, да внесе напнатост и да ве држи во неизвесност до самиот крај произведувајќи големо количество страв, придонесоа до впечатокот дека тој е најголемиот режисер на хорори во историјата на филмот. По „Психо“ навистина и се направени многу хорори, како на пример, користејќи ги сличните графички решенија и шокантни убиства во „Облечена да убива“, во „Тексашки масакр“ или во „Ноќ на вештерките“, или на пример, филмови во кои некои сцени се пародично употребени, како во „Фантомот на операта“, „Врисок 2“, па се до „Од самрак до зори“.

Меѓутоа, она што овој филм секако го издвојува и успева да ја сочува неговата аура, е токму фактот дека иако хорор, тој всушност е многу далеку од она што денеска го подразбираме под тоа. Имено, „Психо„ е многу комлексен психолошки трилер, со прецизно дефинирани ликови, со фантастична монтажа, со голема напнатост и незаборавни сцени, филм кој застрашува не само со појавното, туку и со психологијата на ликовите, но и психологијата толку силно присутна во кадарот. Тој во 1960 година дефинитивно ќе направи нешто што е сосем ново и поинакво, шокирајќи со начинот на кој го води филмот, но и со инвентивноста, па и голотијата за тоа време (за што самиот вели дека илузијата на голотијата, всушност, е постигната со монтажа).

Неговата авангардност, и покрај конзервативизмот кој му се припишува во поглед на неговите ставови, е очигледна. Имено, не случајно „Психо“ беше и останува нашиот кошмар, кој лесно може да се повтори ако повторно го гледате овој филм, па и покрај знаењето на тоа кој е убиецот и што понатаму ќе се случи. Но, тоа се однесува само на оригиналниот филм, не и на неговите продолженија од 1983 и 1986, „Психо 2“ и „Психо 3“, ниту на неговиот подоцнежен римејк иако е направен од еден од пооригиналните современи автори, Гас Ван Сент.

„Психо“ е филмот кој е направен после „Вртоглавица“ и „Север-северозапад“, значи по неговите два многу успешни филма, и двата снимени во колор. Но, овде мајсторот на саспензот се одлучи за црно-бела варијанта и за помала продукција, која го имаше силниот адут, фантастично сценарио и виртуозна режија. Инаку, она што е интересно е дека сценариото е направено според вистински лик, а негов потписник е Џозеф Стефано.

Хичкок, како што велат, во овој филм ќе употреби неколку трикови, кои само ќе го зголемат или предизвикаат силниот впечаток. Така, првиот е секако преседанот што тој главната хероина во овој филм ја убива по само 25 минути. Тоа беше потег кој ги изненади сите, но подеднакво и ги збуни и одушеви. Така, на пример, како што изјавуваше самата Џенет Ли, која ја игра Мерион Крејн и која ќе ја одигра познатата антологиска сцена, главниот лик навистина умира за 25 минути, но таа е во центарот на вниманието до самиот крај на филмот. Луѓето по завршување на филмот и праќале безброј писма во кои и велеле дека тие никогаш не поверувале дека е мртва, очекувајќи да се појави до крајот на филмот. Другиот трик што Хичкок ќе го употреби е врзан со рекламната кампања во која тој за улогата на мајката на Норман Бејтс наголемо ќе ја најавува Џудит Андерсон за луѓето да помислат дека неговата мајка во филмот е жива.

Едно е сигурно, како заслуга на сето тоа или не, но овој филм стана антологиски, култен филм, едно од најпрепознатливите дела во историјата на филмот. А кога повторно ќе го гледате ќе сфатите дека тој всушност и нема толку силен заплет како „Вртоглавица“, на пример, ниту приказна која во себе ќе спои повеќе теми. „Психо“ има едноставна приказна во која една девојка е убиена, а другите се обидуваат да откријат што всушност се случило. Но, сето тоа Хичкок ќе го претвори во предност во својот филм.

„Психо“ е филм за страста, барем така вели психијатарот, кој на крајот на филмот ја објаснува двојната личност на Норман Бејтс, дека тоа е личност која убива од страст, никако не заради финансиска или каква било друга корист. А токму страста е видлива и го обојува целиот филм. Страста на младата Мерион кон својот љубовник и кон еден поинаков начин на живот, кои ќе ја доведат до искушението да украде пари (и до толку препознатливите пресврти кај Хичкок кога станува збор за карактерите на луѓето). Тука е приватниот детектив Арбогаст, кој е докрај љубопитен и провокативен, како и нејзината нетрпелива сестра во желбата да ја открие вистината. Тука е полицаецот кој ја следи Мерион само поради чувството..., видно зголемувајќи ја напнатоста, тука е кратката изненадувачка средба со нејзиниот шеф и зборливиот муштерија во фирмата кој зборува за среќата и несреќата во животот. И на крајот, тука се и препарираните птици со својата симболика и целосната мистерија вткаена во нив.

Хичкок успева така да ги обои сцените играјќи на картата на психолошкото, емотивното, непредвидливото, на картата на возбудата, неизвесноста и напнатоста, со што создава еден од најсугестивните филмови. Гледачот останува шокиран, уплашен, целосно во исчекување на развојот на приказната. А развојот пак, е кулминација сама по себе, користејќи ги сите застрашувачки елементи и инсинуации додека неговите ликови полека ги движи кон нивната цел, која останува непредвидлива до самиот крај.

На сметка на ширината на приказната и на нејзините ликови тој фокусот го става на застрашувачкото, на самиот процес на убиството и ослободувањето од телото, на елементите кои ја зголемуваат мистеријата со што непогрешливо си игра со емоциите на гледачот. Со други зборови, неговата цел е играта, играта со злото, со темните сили и особини, со претпоставките кои ни ги наметнува, играта со човечките карактери, која едноставно му ја пренесува на гледачот вовлекувајќи го во неа, како и играта со невиноста и вината. Сето тоа во „Психо“ тој го надополнува со психолошката, помалку контроверзна матрица, со Едиповиот комплекс и со подвоената личност. Во сето тоа Хичкок оди дотаму поставувајќи го на крајот и оној подоцна прифатен американски принцип, особено во овој жанр, непобедливоста на злото. На некој начин, кога на крајот мајката на Норман Бејтс ќе им се обрати на гледачите како да го најавува (според денешните правила на игра) и следното продолжение.

Она што е интересно е дека кога ќе го анализирате „Психо“ тој дури и нема толку страшни сцени, но нивната впечатливост е таква што така целиот го доживувате. Од друга страна, тој жанровски е класичен хорор, дефинитивно мајсторски направен, а тука е и она напогрешливо навестување и неповторливо чувство за наметнување на невидливото во филмот. Така гледачот многу повеќе чувствува, насетува и очекува од она што навистина го гледа во филмот, чувствувајќи ги пред се` морниците кои се создаваат низ телото. Освен тоа, тој успева да создаде такви силни и впечатливи сцени кои остануваат, кои се врежуваат на таков начин што неизбежно се претворија во култни. Тука се и фантастичните улоги на Џенет Ли и Ентони Перкинс и психологијата на ликот на Норман Бејтс, кој ги крие сите тајни со таква морничавост и невиност истовремено. Не случајно, овој филм на тој начин ги одбележа кариерите на Ли и Перкинс, што не можеа да излезат од неговата сенка. А богами го одбележа и опусот на Хичкок претворајќи го во мајстор на хоророт на сите времиња, што тој барем според неговиот опус не беше. Но, веројатно според моќта, психологијата и визијата, како и според моќта да назлезе во човечката психа и да си поигра со злото, тој тоа најверојатно и беше. Бидејќи, факт е дека и после толку време тој едноставно останува ненадминат.

Продолженијата во сенка на оригиналот

По 23 години од оригиналот Ричард Френклин ќе го направи „Психо 2“, во кој Ентони Перкинс повторно го игра Норман Бејтс, кој по 22 години треба да излезе од психијатриска болница на што се спротивставува сестрата на Мерион, Лајла, која ја игра Вера Мајлс. Интересно е дека за оваа верзија многумина и не знаат дека постои. Но, она што е уште поинтересно е дека во 1986 година, обидувајќи се да ја поврати старата слава, самиот Ентони Перкинс ќе го режира „Психо 3“, но ништо од сето тоа. Интересно е да кажеме дека Ентони Перкинс во 60-тите години ќе направи една подолга пауза, како што велат, поради нарушеното здравје како последица на „Психо“.

Филмот ќе доживее уште две телевизиски верзии, и тоа „Мотелот Бејтс“ од 1987 и „Психо 4“ од 1990, во кој повторно игра Ентони Перкинс. Во 1998 Гас Ван Сент ќе го направи римејкот на овој филм, како што велат, ист од кадар во кадар. Филмот нема да предизвика никакво внимание и покрај интересниот слоган со кој беше промовиран: „Новата визија на класичниот кошмар“, како и покрај интересната поделба на улогите, кои ги играат: Винс Вон, Ен Хеч, Џулијана Мур, Виго Мортенсен и Вилијам Мејси.

Култната сцена под тушот

Антологиската сцена на убиството под тушот трае се` на се` 45 секунди, но тоа е сцена која е најпрепознатливата хорор-сцена, тоа е сцена која го одбележа животот и кариерата на Џенет Ли, која го одбележа овој филм, како и опусот на неверојатниот Хичкок. Тоа е сцена која стана најцитирана во историјата на филмот и која стана дел од општата култура. Оваа сцена, како што изјавуваше Џенет Ли, ја снимала цели седум дена. Станува збор за монтажа направена од 70 различни агли. „Се` што гледате од Џенет Ли во оваа сцена се нејзините раце, раменици и глава, останатото е модел“, ќе изјави Хичкок, додавајќи дека ножот воопшто не го допира телото, дека сето тоа е постигнато со монтажа. За снимањето на оваа сцена Џенет Ли вели дека било лесно се до последните 20 секунди, кога треба да го изрази целиот хорор на ликот кој е убиен. „Но, како може некој да не биде благодарен за таква можност“, вели Џенет Ли, кога Хичкок едноставно од се` умееше да креира имиџ. Не случајно, „Психо“ се смета за еден од најстрашните филмови на сите времиња. (17.08.2005)

Заврши 32. Филмски фестивал во Каиро (32. Cairo Film Festival has been closed on 28th of November 2008)


„Златна пирамида" за шпанскиот „Враќање во Хансала"

„Сребрената пирамида" во Каиро ја освои белгискиот „Прекратена слобода", а наградата за режија ја доби Перниле Фишер од Данска за „Играчи". На фестивалот во Каиро беа прикажани двестотини филмови од 60 земји, а беа претставени и 22 филма од арапските земји, како и 22 филма од Шпанија, годинава земја во фокусот. Оваа година беше промовиран и филмскиот маркет на кој беше претставена новата дигитална ера во снимањето филмови

Шпанскиот филм „Враќање во Хансала" на Чус Гутиерез е апсолутниот победник на годинешниот 32. Интернационален филмски фестивал во Каиро, Египет (18-28 ноември), кој заврши во петокот вечерта со доделувањето на наградите. Чус Гутиерез со овој филм ја освои и публиката и наградата на критиката, и на крајот ја доби и „Златната пирамида" од страна на деветчленото жири предводено од шпанскиот режисер Иманол Урибе. „Сребрената пирамида" му припадна на белгискиот филм „Прекратена слобода" на Јан Верхејен, а „пирамидата" за режија отиде кај данската режисерка Пернила Фишер Кристенсен за нејзиниот филм „Играчи".

„Враќање во Хансала" со својата имигрантска тема, со толеранцијата и разбирањето меѓу нациите, кои се на особен начин вткаени во него, совршено се вклопи во тенденцијата на овој фестивал да биде мост за разбирање меѓу народите и да придонесе кон интернационалната комуникација. Но, интересно е дека и покрај тоа, и покрај позитивниот став и нагласувањето на толеранцијата „Враќање во Хансала" не е воопшто пропаганден или мелодраматичен филм. Напротив. Гутиерез успева да направи една многу реална и животна приказна и да проговори за актуелните теми и проблеми низ вистинските човечки стории.

„Враќање во Хансала" е приказна за една мароканска девојка која од Шпанија ќе тргне назад во своето мало село Хансала, за да го врати телото на брат ч, кој ќе умре обидувајќи се илегално да премине во Шпанија. Но, големината на овој филм, а и на пристапот на Гутиерез, е што таа ја избегнува стапицата на осуда или предрасуди низ кои вообичаено се говори за овие теми, и тргнува од човекот, од индивидуата и од судирот на двата света, кои се навидум сосем различни, а во суштината исти, барем кога станува збор за вечната потрага на човекот по разбирање, доверба и чувство на припадност. Но, во сето тоа, ова не е идеалистичен филм, туку реален, приземен, вистински, кој упатува критика, но само низ моќта на набљудување и прифаќање.

Интересно е дека и филмот кој ја освои „Сребрената пирамида" белгискиот „Прекратена слобода" исто така се занимава со имигрантите и нивната (не)вклопеност во современото белгиско општество. Верхејен многу интелигентно ја разоткрива целата игра на предрасуди, вкоренета од двете страни и целата небулоза на современото живеење во самото срце на Европа. Додека данската режисерка Фишер Кристенсен во својата префинето исткаена приказна за љубовта и довербата во филмот „Играчи" се определува за една поинаква тема, но повторно тема која се занимава со човечките релации. Иако „Играчи" е љубовен филм, сепак, фокусот во него е на предрасудите и на прифаќањето на своите емоции и на реалноста онаква каква што е.

Наградите за улоги пак, отидоа кај францускиот и грчкиот филм. Наградата за главна женска улога ја доби француската актерка Јоланда Моро, која во филмот „Серафин" на Мартин Провост игра еден комплексен лик на жена која се бара себеси и која е заплеткана во жестокиот вител на препознавање на сопствениот идентитет. А наградата за машка улога ја доби аргентинскиот актер Хуан Диего Бото за неговата исклучителна, истовремено смирена и жестока, но непоколеблива улога како шпанскиот инквизитор Нино де Гевара во филмот „Ел Греко" на Јанис Смарагдис.

Фестивалот во Каиро годинава беше целосно посветен на духот и налседството на големиот египетски режисер Јусеф Шахин (1926 - 2008), кој почина во јули оваа година. Во чест на Шахин, на кого годинава голема почест му направи и Венецискиот фестивал, во Каиро беа прикажани неговите понови филмови: „Емигрант" (1994), „Судбина" (1997) и последниот „Хаос" (2007). Но, затоа во француската амбасада во Каиро на Шахин, кој работеше долго и во Франција, му беше направена посебна посвета и на отворено, во прекрасен амбиент беше прикажано неговото ремек-дело „Железничка станица" од 1958 година, филмот кој има силен социјален ангажман и кој му ја донесе светската слава.

Каиро му оддаде голема почест и на мексиканскиот ангажиран автор Артуро Рипштајн (1943), познат по својата општествена и политичка критика, но и по својата соработка со Луис Буњуел. Во Каиро беше прикажан неговиот многу познат филм „Царство на среќата" од 1986 кој се занимава со судирот меѓу урбаното и руралното, а инаку е римејк на „Златниот петел" од 1964 година на Гавалдон. Рипштајн својот прв филм „Време на умирање го направи според сценарио на Маркез, а во Египет беше прикажан и неговиот филм „Почеток и крај" од 1993 направен според делото на египетскиот нобеловец Нагиб Махфуз.

На фестивалот во Каиро беа прикажани двестотини филмови од 60 земји, а беа претставени и 22 филма од арапските земји, како и 22 филма од Шпанија, годинава земја во фокусот. Оваа година беше промовиран и филмскиот маркет на кој беше претставена новата дигитална ера во поглед на снимањето филмови. Тие ја најавија промената на курсот во локалното снимање со сж поголемо користење на последната дигитална пост-продукциска технологија. Овој египетски фестивал, кој од година в година е сж поголем и за кој владата издвојува дури еден милион долари, е исклучително амбициозен. Неговата цел меѓудругото е и поддршката и развојот на филмската индустрија во овој дел на светот и иако можеби ја нема професионалноста и зрелоста на европските фестивали, факт е дека во многу придонесува кон развојот и промоцијата на египетскиот, арапскиот и африканскиот филм. Покрај тоа, тој им ја отвора вратата и на многу млади луѓе, кои и покрај строгото почитување на традиционалното, се обидуваат да излезат и како и сите други, својот свет да го направат подобар. Затоа, улогата на фестивалот во Каиро е од непроценливо богатство и за овој дел на светот, но и многу пошироко.

„Враќање во Хансала“ победничкиот филм во Каиро ("Return to Hansala" won Golden Pyramid and Fipresci award in Cairo)


Враќање кон изворот

Кон „Враќање во Хансала"; режија: Чус Гутиерез, сценарио; Чус Гутиерез и Хуан Карлос Рубио; фотографија: Кико де ла Рика; музика: Тао Гутиерез; улоги: Фара Хамед, Хозе Луис Гарсиа Перез; Шпанија 2008 година

Шпанскиот филм „Враќање во Хансала" на Чус Гутиерез ја доби „Златната пирамида" и наградата на критиката „Фипресци" во Каиро освојувајќи ги сите членови на жирито со умешноста да проговори за актуелните имигрантски приказни и за политиката на земјите кои остануваат затворени, низ една прекрасна топла, животна и многу човечна приказна. Имено, Гутиерез успева низ сите пластови со кои е прекриен овој проблем, кој дефинитивно е еден од најактуелните проблеми на денешнината, да ја разоткрие суштината, да ја види болката и тагата, да ја види судбината, да ги види индивидуалните приказни и да им го даде вистинскиот лик. Бидејќи, сж повеќе проблемот со имигрантите се претвора во нешто друго, во бројка, во закон, во политички или социјални проблеми, во вакви или онакви последици, заборавајќи го најчесто во нив човекот, а уште повеќе неговата индивидуа.

Филмот на Чус Гутиерез плени со својата едноставност, со својата искреност и топлина, плени со моќта да говори за големите човечки трагедии, а да не заборави на убавите и чисти емоции кои се некаде запретани во секој од нас. Таа на исклучително лесен начин ги прикажува паралелните светови кои се навидум сосем различни, а во суштина всушност секогаш се во потрага по истото, пријателството, довербата и љубовта. Додека Гутиерез ни ги разоткрива двата света, и оној на имигрантите сместен во малото мароканско село Хансала, и оној кој се наоѓа на шпанскиот брег и кој за овие луѓе ја означува ветената земја, таа на многу интересен начин говори за паралелните светови, за световите кои живеат едни покрај други а воопшто не се познаваат. За световите кои се навидум сосем различни, но кои некаде на половина пат се препознаваат, во својата потрага по едно мало парче среќа и исполнетост.

И во тоа е посебноста на овој филм. Бидејќи тој излегува од шемата и од стапицата да говори за проблемите на имигрантите, за предрасудите, за отвореноста и затвореноста на земјите и на луѓето, за апсурдите, неправдите, не, овој филм говори за суштината. Овој филм говори за световите и за луѓето во нив. Овој филм не враќа во Хансала како симбол на чистината, на убавината, на едноставноста, како симбол на едно место кое е навидум надвор од цивилизацијата, а всушност несомнен дел од неа. Во ова место виреат поинакви луѓе, во ова место вирее љубовта, разбирањето, пружањето рака, во ова место вирее поддршката и заедништвото. Тука нашите патници ќе го откријат она кое им недостига ним а и на сите нас, ќе го најдат она заборавеното, она парче по кое трагаме сите во желбата да ја достигнеме својата целовитост.

Филмот на Гутиерез има изворна, архетипска убавина. И покрај трагедијата тој не осудува, не обвинува, не критикува, тој само говори за реалноста онаква каква што е. Тој ги бележи судбините, потребите и соништата и низ нив говори за небулозите на нашето време. Всушност филмот упатува силна критика, но само низ констатацијата и низ суптилното набљудување на светот околу нас. Низ храброто соочување со него и со сето она кое се случува тука до нас, а кое често не сакаме да го видиме. Затоа овој филм заедно со живиот, непретенциозен дијалог, со автентичноста на сценографијата и одличниот кастинг, со лежерноста и прифаќањето со кое говори за големите неправди судбински и човечни, се издвои како нешто посебно скапоцено, кое се носи во себе долго потоа.

Wednesday, November 26, 2008

Фестивалот во Каиро посветен на човечките права (Cairo Film Festival - tribute to human rights)


Сузан Сарандон верува дека Обама ќе ја смени Америка

Сузан Сарандон доби „Златна пирамида" за својот придонес кон светскиот филм, но и за својот придонес во креирањето подобар свет. При примањето на наградата таа нагласи дека и покрај тоа што е амбасадор на добра волја на ОН, таа се чувствува пред се` како гласноговорник на своите политички убедувања меѓу кои е и кршењето на стеретипите во портретирањето на неамериканските карактери, а особено на Арапите

„Холивуд е место кое поставува големи барања особено во поглед на вечната младост. Продуцентите не забораваат да ме потсетат да останам млада и не многу загрижена спрема моето актерско усовршување", рече Сузан Сарандон на нејзината прес-конференција на 32. Интернационален филмски фестивал во Каиро, Египет, која беше исклучително посетена. „Холивуд моментно го владеат група продавачи, бизнисмени и банкари и јас се сметам себеси многу среќна што успевам со години да ги преживеам економските и социјални турбуленции", додаде големата холивудска актерка која во својата долга, речиси четириесетгодишна кариера, никогаш не дозволи да биде ставена во калап. Интересно е дека Сарандон успева да остане своја, независна, да има голем кредибилитет кај публиката, а сепак и понатаму да добива улоги во строго контролираниот Холивуд.

За нејзиниот кредибилитет кај публиката таа, пак, како заслужни ги гледа своите политички погледи. Имено, како што нагласи Сузан Сарандон, без оглед што е амбасадор на добра волја на ОН, таа се чувствува пред се` како гласноговорник на своите политички убедувања меѓу кои е и кршењето на стеретипите во портретирањето на неамериканските карактери, а особено на Арапите. Познато е дека долго време е политички активна и дека има голем придонес во неколку организации кои се борат за здрава животна средина, за социјална и економска правда. Таа дава голема поддршка во борбата за човечки права, моментно е и амбасадор на добра волја на ОН, а работи и во канадскиот комитет на УНИЦЕФ. Тоа беше особено нагласено во Каиро, бидејќи фестивалот се приклучи кон прославата на 60-годишнината од Декларацијата за човечки права, а Сузан Сарандон доби „Златна пирамида" за својот придонес кон светскиот филм, но и за својот придонес во креирањето подобар свет. А тој подобар свет, според убедувањата на Сузан Сарандон, дефинитивно ќе го донесе изборот на Обама, за кој таа силно верува дека ќе ја промени Америка, но и Холивуд.

Во Каиро се одржа и симпозиум на тема „Филмот како платформа за човечките права". Симпозиумот беше многу интересен, собра огромен број посетители и на него можеа да се слушнат запрепастувачки податоци. Како тој што го кажа египетската актерка Јусра дека во Каиро бројот на децата на улиците достигнува три милиони. Таа зборуваше за неколку локални телевизиски серии кои го третираат тој проблем, нагласувајќи дека човечките права се потребни дури и за тие деца кои живеат на улиците бидејќи животот е уште посуров од фикцијата. Индиската критичарка рече дека дури 25 проценти од боливудскиот филм е посветен на рефлектирање на човечките права низ многу теми посветени на искористувањето на децата, како и на насилството спрема децата и спрема жените.

Американскиот режисер Мајкл Давид зборуваше дека во неговиот нов филм се занимава со еден корумпиран актер кој присилува девојче на проституција и дека неговата цел била да алармира дека сиромаштијата, гладот и едноставните потреби ги тераат луѓето да прават злосторства дури и кога тоа се коси со нивната хумана природа. Додека египетскиот актер Махмуд Кабил многу вознемирено зборуваше за своето искуство односно за искуството на неговите деца кои живеат во САД и кои секојдневно се соочуваат со тоа дека арапските и муслимански ентитети се сметаат за терористи. На крајот Лејла Текла, која е на чело на Комитетот за човечки права на ОН, нагласуваше колку е важна улогата на уметноста и на филмот, чиј приоднес е огромен бидејќи, како што рече „една слика може да направи многу повеќе од илјада зборови".

Овде ќе ја откриеме и наградата на критиката „Фипресци" иако фестивалот уште не е завршен. Интернационалното жири, во кое беше и авторот на блогот, ја додели својата награда на шпанскиот филм „Враќање во Хансала" на режисерката Чус Гутиерез. Станува збор за една прекрасна приказна на откривање на паралелни светови, кои живеат едни покрај други, а воопшто не се познаваат. Покрај тоа, приказната со илегалните имигранти е секогаш актуелна во тој дел на светот, многу животна, многу реална и тешка. Чус Гутиерез иако Шпанка родена во Гранада, оваа тема ја обработува многу добро нагласувајќи го безизлезот во кои се наоѓаат овие луѓе, апсурдните правила кои не им даваат никаква права да излезат од своите затворени и безнадежни светови и незаинтересираноста за вистинската судбина на имигрантите на оние кои се од другата страна.

Гутиерез многу топло ја прераскажува приказната за Лејла (Фара Хамед) која ќе се врати во своето село Хансала во Мароко за да го донесе телото на брат и`, кој не успева илегално да пристигне во Шпанија загинувајќи заедно со целата група кога нивниот брод ќе се преврти. Хансала е место кое е надвор од овој свет, во кое не вирее ништо и нема никаква надеж, освен прекрасни, едноставни и топли луѓе, кои умеат да сочувствуваат и да ја препознаат човечката болка за разлика од некои други. „Враќање во Хансала" е автентична, едноставна, но многу силна приказна која без осуда, всушност, ги прикажува небулозите на времето поради кое се уште потешки судбините на оние кои и онака немаат никакви изгледи.

Во главната програма видовме уште неколку многу интересни филмови, меѓи кои се данскиот „Играчи" и белгискиот „Прекратена слобода" за кои веќе пишувавме, како и рускиот „Исчезната империја" на Карен Шахназаров. А „Златните пирамиди" ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот на 28 ноември во огромното раскошно здание „Опера хаус". (27.11.2008)

Атмосферата на фестивалот во Каиро (Cairo Film Festival atmosphere)


„Златни пирамиди" за сите американски ѕвезди

Филмскиот фестивал во Каиро е грандиозен и исклучителен настан во се', освен во филмот

Фестивалот во Каиро се разликува од сите други фестивали, исто како што и Каиро е дефинитивно единствен град во секој поглед. На самото отворање на овој голем филмски фестивал се чини дојдоа сите ѕвезди кои годинава беа поканети на фестивалот: Сузан Сарандон, Голди Хоун, Курт Расел, Џулија Ормонд, како и помладата Алисија Силверстоун и Присила Присли. Покрај тоа, фестивалот го отвори најголемиот египетски актер, ветеранот Омар Шариф, па сепак, и покрај многуте врачени ’пирамиди’ за придонес во филмот и почест за гостите, кои секако му дадоа тежина на фестивалот, неговото отворање помина во строго протоколарна и млака атмосфера. Ништо не промени ни настапот на шпанскиот цигански бенд и нивното шоу, со оглед на тоа што Шпанија годинава е земја во фокусот. Она што е неверојатно е што овој фестивал ги имаше сите адути за гламурозно и незаборавно отворање, но изгледа дека тој може да понуди се` што не можат другите, но не и вистинска фестивалска атмосфера.

Имено, фестивалот во Каиро има навистина многу пари, а со оглед на тоа што станува збор за 32. издание, и многу искуство, но сето тоа баш не се виде ниту на отворањето, а не се гледа ни на фестивалот генерално, но овде мислејќи само на фестивалската атмосфера. Бидејќи, во се` друго фестивалот е пребогат. И во поглед на програмата, и во поглед на случувањата и кога станува збор за ѕвездите, кои ги има во голем број и тоа не само американски. Неговото богатство се гледа во тоа што може да донесе навистина големи имиња и да понуди фантастично гостопримство, но не и да ги искористи за да си додаде гламур и да направи малку поголема фама која му е потребна на еден ваков грандиозен настан од А категорија, кој наедно се одржува на едно од највозбудливите места на светот.

Гостопримството и условите кои фестивалот ги нуди се неверојатни и се на многу високо ниво. Хотелите се фасцинантни, енормно луксузни и сите се сместени во централниот дел на самата река Нил. Се е многу богато, преполно со настани и забави, со фантастична грижа за гостите на кои на располагање постојано им се бродови, мали и големи автобуси, џипови или лимузини обезбедени од спонзорот на фестивалот „Мерцедес". Понудите за шетање низ градот, за посета на пирамидите и сфингата, за посета на египетскиот музеј, на стариот град на Каиро, на Академијата за религии и што уште не, се многубројни. Гостите на фестивалот само треба да отидат во собата за гости и да кажат каде сакаат да шетаат и веднаш ќе им биде обезбеден автомобил и шофер кој ќе ги однесе каде сакаат и колку време сакаат. Понудите за забави и свечени вечери се исти, африканска ноќ, шпанска ноќ, француска вечер, источна вечер...

Фестивалот е навистина единствено доживување во се`, освен кога станува збор за филмот. Иако програмата е огромна и пребогата и тоа е навистина некаков чуден феномен. Во Каиро годинава има над двесте филма распоредени во над десетина секции, чии проекции се одвиваат во повеќе од десет киносали разместени низ целиот град. Публика има, иако не премногу, а посебно е дека на фестивалот работи огромна екипа млади луѓе кои навистина на секаков начин се трудат да ви помогнат. Се чини дека сите кои работат на фестивалот имаат голем респект и свест за важноста на неговото одржување, што е случај не само на фестивалот туку и во другите културни институции, како музеи, галерии и друго, каде гостите на фестивалот имаат посебен третман. Публиката е претежно млада и интересно е дека можат да се видат многу млади девојки со шамии и со фармерки како доаѓаат во кино сами во ноќните часови. Овде се` е неверојатно и се` е незаборавно.

Но, да не заборавиме дека, сепак, станува збор за филмски фестивал. Програмата е огромна, со над двесте филма кои прават еден интересен пресек на новата светска продукција, водејќи сметка да се застапени огромен број земји и буквално сите страни на светот. Главната програма носи 18 филма од 17 земји , бидејќи две се од Шпанија, земјата која годинава е специјален гостин и чија почест опфаќа и голема ретроспектива. А, од филмовите кои ги видовме, а кои се во трка за „Златна пирамида", овде ќе издвоиме само три, белгискиот „Прекратена слобода", грчкиот „Ел Греко" и данскиот „Играчи". Белгискиот филм на Јан Верхејен е многу интелигентна приказна за еден млад новинар полн со идеали и позитивна енергија. Но, неговиот живот сосем ќе се смени додека пишува и ги следи имигрантските приказни, судирајќи се со предрасудите и со навидум невидливите проблеми на модерното урбано општество. Авторот на многу интересен начин ги испреплетува настаните зборувајќи објективно и реално за врежаните сфаќања од двете страни, акцентирајќи ги многу неочекувано сите небулози на современото живеење.

„Ел Греко" на повозрасниот Јанис Смарагдис е една силна епска приказна за борбата и погледите на славниот сликар, кој ќе и се спротивстави на шпанската инквизиција. Филмот е направен многу добро со одлично сценарио и водење на приказната, со впечатливи карактери, со музиката на Вангелис и што е најважно, раскажан е преку безвремените слики на Ел Греко. Додека најинтересното изненадување го донесе младата данска авторка Пернила Фишер Кристенсен, на која ова и е втор игран филм. Со првиот „Сапун" таа освои две награди во Берлин, Гран-прито на жирито и наградата за деби. „Играчи" е филм за прекрасната Аника и нејзината мајка, кои држат училиште за танцување. Аника ќе се вљуби во еден електричар, воздржан, тивок и мистериозен човек. Набрзо тој ќе и се довери дека бил во затвор за силување. Пернила Фишер успева многу точно да ја долови бурата од емоции која се случува кај Аника, и осцилациите во нејзиното расположение кои влијаат на се` околу неа, на школата, на децата, на односот со нејзината мајка. Кон тензијата во филмот исклучително придонесува и силната улога на Трине Дурхолм, внесувајќи не` лесно во приказната и водејќи не` до нејзината емотивна и, иако проследена си инспиративна музичка точка, многу реална завршница.

Фестивалот завршува на 28 ноември, а од познатите ѕвезди уште се очекува доаѓањето на Чарлиз Терон и на Мира Сорвино. (24.11.2008)

Tuesday, November 18, 2008

Жирито на критиката „Фипресци“ на Фестивалот во Каиро 2008 (Fipresci Jury on the Film Festival in Cairo 2008)

Сунчица Уневска член на жирито на Фестивалот во Каиро

Авторот на блогот Сунчица Уневска, која работи како новинарка и филмска критичарка во дневниот весник „Утрински весник“, ќе биде член на жирито на критиката на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро, Египет, (18-28 ноември). Фестивалот е меѓу фестивалите од А-категорија акредитирани од интернационалната федерација ФИАФ.

Фестивалот во Каиро е најстар филмски собир на Средниот Исток и се смета за мост меѓу земјите од Средниот Исток, Медитеранот и африканскиот континент. Фестивалот е фокусиран на интернационалната комуникација и на разбирањето меѓу нациите, како и на развојот на египетската, арапската и африканската филмска индустрија.

Заедно со Уневска во жирито се и најнаградуваната романска критичарка Магда Михалеску, египетскиот ветеран Ахмед ал Хадри, кој е и основач на Фестивалот на документарен и на краток филм во Каиро, рускиот автор на сценарија и режисер на документарни филмови Александар Киселев и Французинката Магали ван Рит, која подолго време е член на екуменското жири на Канскиот фестивал. Инаку, досега Уневска била член на жирито на критиката и на хрватскиот фестивал во Мотовун и член на жирито на првиот Фестивал на француски филм во Охрид. Преку учеството на фестивалите таа работи и на промоцијата на македонскиот филм во светот, а две години е и програмски координатор и еден од селекторите на Фестивалот на европски филм „Синедејс" во Скопје.

Филмски фестивал Каиро 2008 (Film Festival Cairo 2008)


Сузан Сарандон и Чарлиз Терон на фестивалот во Каиро

Триесет и второто издание на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро носи над 200 филма и огромен број гости. Во трка за „Златна пирамида" се 18 филма, а годинешните почести се резервирани за Сузан Сарандон, Џулија Ормонд, Курт Расел и мексиканскиот режисер Артуро Рипштајн

Триесет и второто издание на големиот Интернационален филмски фестивал во Каиро, Египет, кој се одржува од 18 до 28 ноември, ќе донесе над 200 филма и огромен број ѕвезди. Годинава во Каиро се очекуваат Сузан Сарандон, Чарлиз Терон, Голди Хоун и Курт Расел, Џулија Ормонд, Мира Сорвино, а почесен претседател на овој фестивал е една од најголемите арапски и светски ѕвезди, ветеранот Омар Шариф. Интересно е дека годинава фестивалот ја одбележува 60-годишнината од Декларацијата за човекови права, и освен што има цела програма на филмови и награди посветени на темите поврзани со човечките права, многу од гостите исто така се тука токму поради нивната поврзаност со УНИЦЕФ и нивното силно залагање за одбрана на човечкото достоинство. Како на пример, Сузан Сарандон, која е амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ или Чарлиз Терон која од страна на Бан Ки Мун е прогласена за амбасадор на мирот на ОН и која е многу активна во борбата за спречување на насилството спрема жените.

Филмскиот фестивал во Каиро, кој постои од далечната 1976 година, е најстариот фестивал на Средниот Исток, кој го инспирирал основањето на уште седум други филмски фестивали во овој дел на светот. Она што е најважно за овој фестивал од високата А категорија, е акцентирањето на интернационалната комуникација и разбирањето меѓу нациите. Со оглед на неговата местоположба фестивалот е фокусиран и придонесува за развојот на египетската, арапската и африканската филмска индустрија.

Што се однесува до програмата, фестивалот во Каиро има дури 12 секции, три натпреварувачки програми (интернационална, дигитална и арапска), посебна посвета и симпозиум за дигиталните филмови, годинава најголемата почест е резервирана за специјалниот гостин Шпанија, а од ова издание ќе почне со работа и големиот филмски маркет. Интернационалната натпреварувачка програма има 18 филма, од кои 14 се европски, а четири доаѓаат од Аргентина, од Јапонија, од Кина и од земјата домаќин, Египет. Од европските земји само Шпанија е застапена со два филма, а со по еден филм ќе бидат претставени и: Франција, Германија, Белгија, Унгарија, Грција, Турција, Литванија, Италија, Швајцарија. Од познатите автори во трка за „Златна пирамида" се и Русинот Карен Шахназаров со филмот „Исчезната империја", Пернила Фишер Кристенсен од Данска со филмот „Играчи", како и Исмаил Мурат од Египет со „Денот кога се сретнавме".

Дигиталниот филм и неговиот развој имаат значајно место на египетскиот фестивал. Во дигиталната програма годинава има 14 филма, а само еден доаѓа од овој регион. Станува збор за хрватскиот филм „Зад стаклото" на Зринко Огреста, кој својата премиера ја имаше на фестивалот Карлови Вари во главната програма, а на фестивалот во Мотовун ја освои наградата на публиката.

Посебни програми Каиро има и за арапскиот филм, за филмовите од африканскиот континент, за темите поврзани со човековите права, за исламот во интернационалните филмови, а најголемата ретроспектива е предвидена за шпанскиот филм, за неговата брилијантна традиција, но и за делата на новите генерации. Меѓу шпанските филмови е и „Сиропиталиште" на Хуан Антонио Бајона, кој влезе во трката за годинешната европска филмска награда, потоа „Враќање" на Педро Алмодовар и омнибусот „Невидливи" на неколку автори, меѓу кои се и Изабел Коксет и Вим Вендерс.

А веќе афирмираните нови филмови и автори се застапени во програмата насловена „Фестивал на фестивалите", во чии рамки ќе се прикажат: албанскиот „Мао Це Тунг" на Бесник Биша, бугарскиот „Претскажување" на Зорница Софија, данскиот „Оди во мир, Џамил" на Омар Шаргави, исландскиот „Астропиа" на Гунар Гудмундсон, романскиот „Буги" на Раду Мунтеан. Додека вон конкуренција доаѓаат провокативните филмови: „Гомора" на Матео Гароне и „Во дивината" на Шон Пен, како и неколку ветерани: Кустурица, Горан Марковиќ, Кен Лоуч и Нури Билге Џејлан.

Авторските почести годинава се резервирани, првенствено, за големиот египетски автор кој почина неодамна, Јусеф Шахин, потоа за револуционерниот мексикански автор Артуро Рипштајн, како и за актерските ѕвезди: Сузан Сарандон, Џулија Ормонд, Голди Хоун и Курт Расел. Инаку, од познатите имиња во Каиро се очекува да дојдат и Алиша Силверстоун, како и познатата сопруга на Елвис, Присила Присли. Додека за наградите ќе одлучуваат жирито предводено од шпанскиот режисер Иманол Урибе, жирито на критиката „Фипресци", како и две специјални жирија за арапските и за дигиталните филмови.

Tuesday, November 11, 2008

Бал-кан-кан (Bal-Can-Can)


Балканот без негативниот предзнак балкански

Кон „Бал-кан-кан“, режија и сценарио: Дарко Митревски; фотографија: Суки Меденчевиќ; музика: Кирил Џајковски; улоги: Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски, Адолфо Марџота, Јелисавета Сабљиќ, Бранко Ѓуриќ, Верица Недеска; Македонија/Италија 2004 година

Филмот „Бал-кан-кан“ токму како што е и неговиот наслов успева да направи „папазјанија“ односно сосем реално да ја постави целата состојба на Балканот, а тоа да го спакува така што да има свое течение, организација и заокруженост. И не само актуелната балканска состојба, туку Митревски ќе оди подалеку, па во својот филм сосем ненаметливо ќе исцрта неколку нивоа каде што метафорично се судираат старото и новото време, предрасудите и нивната „непроменливост“, балканскиот менталитет и целата испревртеност на нештата, проткајувајќи ја низ сето тоа и сопствената филмофилија со која истовремено и си поигрува, но и прави и посвета на еден сосем невообичаен начин.

Интересно е тоа што филмот во сето тоа ја има својата целина, својата совршена целина во чии рамки тече една слатко-горчлива комедија, но во чија заднина има силна содржина на која авторот впрочем не инсистира, напротив. Неговиот пристап кон овој филм е сосем непретенциозен нудејќи ни една симпатична, едноставна комедија која всушност е многу богата со значења и метафори, но која нема никаква намера да ве убеди во тоа. Имено, Митревски не коментира, не попува, не филозофира, тој едноставно си игра и тоа жестоко, отворено и без задршка одејќи пред се` на тоа филмот да допре до публиката, а се` останато е прашање на избор, на став, не гледање на нештата. Се` останато е сечие право на свој начин да се пресмета или да не се пресмета со она што го опкружува.

Со тоа што „Бал-кан-кан“ се простира низ сите балкански простори тој веќе ја покажува својата амбиција - да биде филм кој ќе проговори за човекот, да биде дело кое ќе отиде многу подлабоко, кое ќе ја сублимира во себе традицијата, менталитетот, обичаите, но и апсурдот и иронијата, да биде дело кое ќе го наслика Балканот но не низ географската туку низ човечката мапа давајќи му со тоа многу поуниверзално значење. Неговата интенција е еден балкански епос, забавен, откачен, невозможен и нереален, но место кое совршено ќе ги отслика реалните состојби. И Митревски успева низ сите овие балкански простори да проговори за нештата кои се слични, а сепак ја носат секој својата специфика.

Тој го спојува Балканот, но и го раздвојува токму во духот на новото време, кое не може да остане надвор, но не може ни да ја задржи внатрешноста. Навидум комични, но станува збор за исклучително силни сцени, кои од една страна го доловуваат целиот апсурд, но од друга успеваат во целата таа „мешаница“ да проговорат и за поединечните трагични судбини фатени во вителот на целосната бесмисла. Над се`, во целото свое патешествие тој сепак ќе ја постави Македонија или можеби Балканецот преплашен од се` што му се случува, за од својот пат, кој е многу точно исцртан поминувајќи низ различни фази, да се врати сосем изменет. Како што всушност ќе му претскаже баба Зумбула, која е спојката меѓу старото и новото, која е симболиката во неговиот сон, меѓата после која веќе ништо не може да биде исто. Ист е веројатно само менталитетот, оној неуништлив, единствен менталитет на кој Митревски гледа со симпатија, порачувајќи дека новото време не значи негација на сопствениот идентитет туку негова надградба.

Водејќи го многу духовито, дури и урнебесно филмот, Митревски во него ќе вметне многу цитати, симболи и ликови истовремено како да сака да не се пресмета со старото, напротив, токму од него да црпи и на него да се надгради. Тој успева тука да направи своевидна посвета и на своите филмски херои, на филмските пораки и предрасуди и со тоа својот филм да го направи многу поуниверзален бидејќи Балканот не е ништо друго, туку дел од светот, дел од еден универзум, дел од филмската слика, дел од меморијата... Навидум, а и во жанрот на комедијата, „Бал-кан-кан“ со својот пародичен пристап и со своето раскринкување на балканскиот идентитет и на сето она што се подразбира под него, е многу повеќе од тоа. Со други зборови, „Бал-кан-кан“ е многу комплексен филм, со автентична сценографија, со вешто вклопена костимографија и многу ефектна, сугестивна надградба во музиката на Џајковски, во која на совршен начин функционираат старото и новото. Филмот има добра фотографија, многу прецизно водена и извонредна режисерска структура.

„Бал-кан-кан“ е дело со повеќе значења во себе, дело кое се претвора во своевиден омаж, во своевидна посвета на Балканот, на се` она што тој значи во позитивна и во негативна смисла, на се она што било и е дел од него, но и на сето она што Балканот го прави одбивен или примамлив. Ова е дефинитивно многу прецизно подготвен проект иако на прв поглед делува многу лежерно. Факт е дека Митревски со ова дело успева да ја покаже својата зрелост како филмски автор и да направи дело по урнекот на неговите омилени вестерни, дело кое ги има сите елементи да биде комерцијално, но кое од друга страна носи голема комплексност во себе.

„Бал-кан-кан“ е дело на своето време и дело кое извира од своето поднебје што можеби ќе биде тешко со целата метафоричност да допре до луѓето кои не се запознаени со овој менталитет, со оваа традиција и историја. Тоа нема да го направи помалку гледлив, но може да го спречи вистинскиот допир, вистинската комуникација и порака, што би било штета и што е можеби единствената замерка за овој филм. Бидејќи Митревски, заедно со извонредните актери, мислејќи првенствено на Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски и Алфредо Марџота, кои играат со една фантастична природност, но мислејќи и на сите епизоди, помали или поголеми, вклопени многу успешно во филмот. Митревски успева да направи добар филм, автентичен, изворен, успева во него да ја раскаже балканската приказна, филмски, ведро, оригинално, без нималку патетика. Онака како што не сме научиле да гледаме на работите, отворено, докрај искрено и без скриени намери. „Бал-кан-кан“ е една непретенциозна лекција, дека Балканот е нешто многу повеќе од Балкан или дека тоа е Балканот само треба на него да гледаме без негативниот предзнак балкански. (13.02.2005)