Thursday, September 25, 2008

Се бара (Wanted)



Се бара сопствениот идентитет

Кон „Се бара“, режија: Тимур Бекмамбетов; сценарио: Мајкл Бранд и Дерек Хас; улоги: Џемс Мекевој, Морган Фримен, Анџелина Џоли, Томас Кречман, Теренс Стамп; САД-Германија 2008 година

Како да се воспостави ред во светот кој се наоѓа на работ од хаосот? Тоа е главниот лост околу кој се врти приказната во новата акција „Се бара“ на Тимур Бекмамбетов направен според детскиот стрип на Марк Милер. Во суштината на редот и хаосот се наоѓа кодексот според кој во овој филм убиваат членовите на т.н. „Братство“, тајно здружение на атентатори. Нивната цел е да воспостават ред и на тој начин да ја преземат судбината во свои раце.

Оваа стриповска филмска приказна на рускиот режисер Бекмамбетов, кој доаѓа од Казахстан, на моменти многу потсетува на „Матрикс“, па сепак е доста различен од него. Првенствено затоа што браќата Вачовски, креаторите на „Матрикс“ си играа со реалноста и фантазијата, како и со другата страна на возможното, додека Бекмамбетов е далеку поедноставен. Тој, пред се, се држи до сигурната приказна за надмудрувањето меѓу волкот и овцата, до класичната борба за превласт, за моќ и контрола. И додека „Матрикс“ беше филм кој одушеви со својот стил, рафинираност и оригиналност, филмот „Се бара“ е жесток, динамичен, забавен, но без стил, а уште помалку оригиналност.

Всушност, главната идеја на приказната е како да се преземе контролата над својот живот и да се избере и управува со својата судбина. Весли Гибсон (Џемс Мекевој) е сметководител, кој е тотално исфрустриран и незаинтересиран кон се што му се случува. Затоа и дозволува неговата шефица постојано да го малтретира, а сопругата да спие со неговиот најдобар другар. Но, тој е рамнодушен кон се, обидувајќи се да го најде својот идентитет на интернет. Но, таму не излегува ништо, едноставно Весли е невидлив, неприсутен, незадоволен, без волја, без планови, без сегашност и без иднина. Се додека не се појави „Братството“ кое ќе му го понуди токму тоа што го бара, идентитет и можност да се пронајде себеси низ вртоглавите акции, низ жестоките тренинзи, низ совршеното владеење со своето тело и со своите реакции, низ совршеното вклопување во приказната на илјадагодишното братство, кое ги убива оние кои ја пореметуваат рамнотежата во светот. Но, дали е тоа можно, и кој може да каже кој треба да умре, а кој да живее?

Добрата страна во овој филм се, всушност, актерите предводени од Џемс Мекевој, Морган Фримен, Теренс Стамп, Томас Кречман и донекаде Анџелина Џоли, и тоа пред се, поради својата атрактивност и свежина која ја внесува во филмот, но и дивоста и нескротливоста кои се природен дел од нејзиниот темперамент (поради кои и можеби улога која најмногу и одговара е токму Лара Крофт), а не поради актерската игра. Како и да е, актерите го подигнуваат овој доста предвидлив и шематизиран филм на едно повисоко ниво, во кое измамата, лагите, светот на моќта и амбицијата да се добие сила со која ќе се управува со својата, но и со туѓите судбини, се претвора во совршена и елегантно изведена манипулација и интригантна психолошка игра. Бидејќи, додека од една страна, авторот се потпира на многу познати акциони решенија, од друга страна, се случува една таква завера на еден човек (извонредниот Фриман) кој со својата надмоќност успева во мрежата да ги вовлече сите.

Интересно е дека тајното оружје на „Братството“ се крие во разбојот и во ткаенината. Во неа, низ нејзините испреплетувања се содржани сите тајни на злото и на доброто, кои на крајот секогаш се средства за манипулација на човекот желен за моќ со која ќе го управува светот. Тој секогаш мисли или барем сака другите да мислат дека го спасува светот од злото, дека го чисти од непотребното, дека тој е волкот кој никогаш не може да биде победен од овцата. И додека младиот Весли кој живее ужасно во баналната стапица на секојдневието, во која мирно го прифаќа целото понижување на кое е изложен, наеднаш е вовлечен во една сосем спротивно екстремна ситуација, во која убивањето, насилството и акцијата се другата реалност.

Реалност до која Бекмамбетов силно се држи и покрај надчовечките физички способности и вратоломии, кои се технички совршено дигитално изведени. Но, тој не оди подалеку или подлабоко како браќата Вачовски, бидејќи тоа во суштината е опасен терен, кој мора добро да го познавате за да го усогласите и за да има смисла во спојот со визуелната експлозија која се случува на екранот. Така што, тоа решение на Бекмамбетов е мудро, да се држи до едноставната приказна за редот и хаосот, за моќта и манипулацијата, за оправданите убиства и за одмаздата. Иако нема целосно да успее да ја избегне претенциозноста, барем не во визуелниот дел, во кој ќе оди дотаму што некои сцени ќе се претворат во вистинска карикатура, станувајќи тотално смешни и несмасни.

Филмот има адреналин, има динамика, има акција, но не и вистинска моќ да ја понесе идејата, а уште помалку дораснатост да ја изведе визуелно со стил и фантазија, на кои тој самиот претендира. Филмот е гледлив, има добра музика и фотографија, но главно се служи со познати изрази, фрази и ситуации. Тие се донекаде и добро искористени, но жестокото искуство низ кое поминува нашиот јунак пред да ја преземе контролата во својот живот, е далеку поинтригантно и попровокативно од една вака само вешто склопена (да не речеме компилирана) филмска приказна. (14.09.2008)

No comments: