Thursday, September 25, 2008

Претскажување 666 (The Omen 666)



Римејк што актуелизира една безвремена приказна

Претскажување 666“, режија Џон Мур; сценарио Дејвид Селцер; улоги Шејмас Дејви-Фицпатрик, Лив Шрајбер, Џулија Стајлс, Миа Фароу, Дејвид Тевлис; САД 2006 година

Филмот „Претскажување“, направен пред цели 30 години со Грегори Пек и Ли Ремик во главните улоги, не губи воопшто од својата актуелност со оглед на тоа што неговиот фокус е на играта меѓу доброто и злото, меѓу човечното и нечовечното, меѓу исправното и силното искушување што наметнува безброј прашања. Ричард Донер, кој во 1976 година го режираше овој филм, што инаку зборува за доаѓањето на антихристот на Земјата, нема да прави паралела со актуелните настани (освен генерално, што е и сосем доволно) бидејќи во тој контекст тие и не се потребни, напротив, со тоа филмот добива една безвремена нишка, која веќе со самата своја тема и ја има. Токму затоа, сосем е нејасно да се прави римејк на еден ваков филм, во кој се ќе задржите, а ќе се обидете да го актуелизирате, што ниту менува нешто, ниту додава, напротив. Тоа едноставно е сосем непотребно, особено ако немате да додадете ништо суштествено во неговата борба со злото, со убедувањата и со претскажувањата, како и со нивната моќ да ви го изменат животот.

„Претскажување 666“ на Џон Мур е остварување во кое тој се обидува со некои мали формални измени да направи грандизоен потег, а всушност користејќи ги сите придобивки што овој филм ги има, па и оригиналното сценарио на Дејвид Селцер. Интересно е дека авторот во недостаток на идеја како да го измени ова ремек-дело направено како хорор-трилер, се придржува буквално до неговиот редослед и до секој и најмал детал, а внесувајќи некои „минорни“ измени со кои би го оправдал својот римејк, а кои за жал на моменти умеат многу да и наштетат на приказната, како што умеат да бидат и небитни. Прикажувањето на кулите бзлизначки и војната во Ирак исто така немаат никаква функција, па дури и во неговиот обид да ги стави во контекст на остварување на пророштвото. Тоа филмот го има, тоа не е ништо ново освен архивските снимки кои само го врзуваат за одредено време, а оние измени кои треба да го направат поинаков (како сцената кога отецот уште на почетокот на филмот ќе го изговори тоа што во првиот дел го откриваме на крајот, дека мајката на нивното дете е шакал; или сцената на гробиштата со кучињата чија морничавост во првиот дел е извонредна; па се до дадилката, госпоѓа Бејлок) всушност само му одземаат, а никако не му носат нешто ново.

Оригиналниот филм „Претскажување“ има извонредна структура и течение, има исклучителна приказна која ве води така низ филмот што ве убедува во постоењето на злото, па дури и на антихристот. Обидот на Џон Мур работите да ги ублажи и да ги направи поинакви, давајќи им преку контрастот некоја друга смисла, за жал, сосем се бесмислени. И детето, во кое нема ни ронка алузија на злото, а која авторот ја заменува со некој страшен поглед, кој во суштина е смешен; како и заменувањето на морбидноста на госпоѓа Бејлок (Били Вајтлоу) со благоста на Миа Фароу. Првенствено, филмот ја губи злокобноста која оваа „отпадничка од пеколот“ ја носи и треба да ја носи, а второ, убивањето на мајката на детето, кое во првиот филм е сосем неочекувано и застрашувачко, овде е пародично.

Сите измени во недостаток на оригинална замисла остануваат без сила, остануваат недовршени и го осиромашуваат филмот во целина. И сцената во автомобилот кога детето односно ѓаволот во него реагира афективно пред црквата, и во зоолошката градина, а да не зборуваме за изгорениот отец Спилето. Џон Мур под влијание на модерните хорори ќе направи една маска која е толку неприродна што мислите дека гледате некоја промашена научнофантастична приказна, а така е и со сите назнаки, страшни визии и претскажувања кои треба да го доловат стравот што се всадува во Кејт.

„Претскажување 666“ е апсолутно неоригинално дело, кое ја нема ниту моќта, ниту тензијата, ниту навестувањата што овој филм и неговата приказна треба да ги има. За оние кои не го гледале првиот нема ни да знаат за каква моќна игра станува збор, игра која и покрај целата нестварност умее да предизвика силен немир во душата и да наметне многу прашања за сопствените верувања и убедувања, за злото и за неговата граница, за моралните прашања и на крајот, за своите сопствени граници.

Во новиот филм границите се измешани, но не затоа за да ве предизвикаат или за да ја покажат моќта која со нив умее лесно да манипулира, туку затоа што работите се недефинирани и што ова дело го прави човек кој очигледно не го разбира суштинското, бидејќи „Претскажување“ ни оддалеку не е хорор на какви што денеска сме навикнати. Овој филм донесе таква моќна визија која не случајно го направи култен, визија која умее да си поигра со страшните искушенија и да покаже дека никогаш не можете да знаете и да ги предвидите сопствените реакции. „Претскажување“ е филм кој плаши, но не поради надворешното туку токму поради психолошката игра која влегува во најнедозволеното, која продира во најболното и која ве исправа пред прашања со кои не сакате да се соочите. Дури и кога овој филм го гледате само како игра и како хорор, чувството на немир останува. Дури и кога сите нешта изгледаат бесмислено „Претскажување“ умее да си игра со поствесното, со исчекувањето, со неверувањето, со моќта која ве тера да отстапите и кога најмалку верувате.

Неговиот римејк апсолутно е негова бледа копија, тотално неоригинален и промашен. Неговото актуелизирање нема никаква смисла, ограничувајќи го со алузија на една смешна хорор визија и на времето во кое злото и доброто не се менуваат, ниту човечката природа, која всушност треба да е во фокусот, но не е. Актерите и покрај нивниот бекграунд, се некомпатибилни со улогите, освен Дејвид Тевлис. Во се друго, и во музиката и сценографијата и структурата овој филм е само копија, која прави тотално нејасни и неоправдани интервенции во филмот. Со други зборови, римејкот на "Претскажување" е сосем непотребен, потврдувајќи го само уште еднаш познатото правило, дека на ремек-делото не треба да му се прават римејк, особено кога тој во себе така совршено го вклопува универзалното и безвременото. (17.07.2006)

No comments: