Saturday, November 1, 2008

Кодот на Да Винчи (The Da Vinci Code)


Вешта, но тенка приказна што го разбранува светот

Кон „Кодот на Да Винчи“; режија: Рон Хауард; сценарио: Акива Голдсман; фотографија: Салваторе Тотино; музика: Ханс Зимер; улоги Том Хенкс, Одри Тату, Пол Бетани, Алфред Молина, Јан Мекелен, Жан Рено, САД 2006 година

Филмот „Кодот на Да Винчи“ на Рон Хауард исто како и книгата на Ден Браун е извонредно раскажана приказна, која успева да го задржи вниманието докрај со своето многу вешто и постапно водење на играта. Не е чудо што книгата на Ден Браун дигна толку прашина, како и сега филмот, бидејќи навистина станува збор за дело во кое елементите кои се искористени, бројните податоци за христијанството, за митот за Сионскиот приориум, за Ватикан, за тајните кодови и сликите на Да Винчи, како и разоткривањето на најголемата историска тајна на човештвото, се вклопени многу интелигентно. „Кодот на Да Винчи“ е трилер кој извонредно успева во својата намера, да ги разоткрие сите нив и да ги поврзе на уверлив начин истовремено водејќи не низ приказната многу возбудливо, динамично и издржано.

Имено, впечатокот е дека филмот носи работи за кои само сме слушале и нив ги пласира така што не убедува во сопствената мистерија, водејќи ја играта така што стануваме дел од неа, особено затоа што таа тоа го прави паралелно и со своите протагонисти. И тоа е големата, но мудра игра на Браун, а потоа и на Хауард, да настапи навидум непретенциозно и да си игра со фактите. Бидејќи, само на тој начин може да го води и задржи нашето интересирање и да манипулира со нашето (не)верување. И факт е дека во тоа успеваат и двајцата, факт е дека „Кодот на Да Винчи“ ги заинтригира сите, дека книгата се продаде во 50 милиони копии, а филмот направи оргомен промет на киноблагајните без оглед на сите литературни или филмски рецензии. Факт е дека тој едноставно си оди по својот пат кој, дефинитивно. многу мудро го трасира.

Излегува дека ништо не значи заклучокот кој се наметнува отпосле, па дури ни сопствениот, дека филмот е тривијален, дека наликува на наивен час по историја, дека стапиците и нивното избегнување во него се исклучително наивни и дека целата приказна е, всушност, „гола вода“. Навистина, тоа не значи ништо во поглед на интересирањето и желбата да се види и слушне за „Опус деи“, за сатанистичките култови, за тајните кои датираат од крстоносните војни и за темпларите. Но, факт е дека станува збор за извонредна манипулација, која дури и без оглед на контроверзноста на фактите и без оглед на тоа колку знаете и во што верувате е празна иако вешто го задржува нашето внимание, а во суштина не нуди ништо.

Задржувајќи се само на филмот на Хауард би рекле дека тој тука е на лизгав терен, па обидувајќи се да ја следи приказната и да го задржи течението од книгата и нејзините факти во целост, прави нешто што воопшто не е ни слично на она што тој може. „Прекрасен ум“ и „Човек Пепелашка“ се одлични филмови, кои се неспоредливи со баналноста во водењето на играта во овој филм. Бидејќи, ако ги одвоите податоците кои цело време го замаглуваат нашето внимание, ќе откриете дека тоа е многу слабо направен трилер, кој буквално ја следи шемата и се врти во круг. Особено што кастингот овде, и тоа на главните ликови, е промашен.

Том Хенкс само коректно ја одигрува својата улога, без жар, без страст, без срце, додека Одри Тату е очајна, инфантилна, неприродна и апсолутно некомпатибилна во нејзината улога. Оние кои му ја даваат страста на овој филм, кој во суштина неа и ја нема, се Пол Бетани како албино убиец, Јан Мекелен како сер Тибинг односно учителот и Жан Рено, како полицаецот наречен бик. Нивните улоги ја носат бојата во филмот, надополнета со музиката на Ханс Зимер, кој успева да биде и препознатлив, и да и даде извесна доза на мистериозност на приказната, а истовремено да потсети на литургија, која лесно се претопува давајќи само назнаки на темата.

Се` друго, дури и тежината која на моменти сака да му ја даде на филмот со некои изјави, се претопува во нарацијата која, од една страна, мудро не води свесно играјќи на картата да каже премногу, но со тоа и да го задржи вниманието, сметајќи на фактот дека сите ние имаме некои сознанија кои се недовололни и некомплетни. Но, од друга страна, тоа навистина го претвора филмот во час по историја, кој на крајот на краиштата е сосем банален и непотребен.

Трилерот станува една помалку смешна драма, чии чувари на крајот, членовите на Сионскиот приориум кои го чуваат последниот потомок на Исус Христос и со него и најголемата тајна во историјата, делуваат трагикомично. Можеби книгата играјќи си со фантазијата на читателите и ќе создаде од нив чувари кои така и си ги замислувате, но филмот тоа го урива покажувајќи на крајот една навистина немоќна и смешна група луѓе. За жал, промашувањата кои ги прави Хауард само додаваат и кога на крајот ќе се осврнете, ќе сфатите дека во сето тоа, всушност, нема ништо. Дури и крајот, кој како и секој трилер врвот и изненадувањето го чува за пред самата завршница, е толку банален, иако итро ја заокружува приказната и ни ги открива знаците кои, нели, цело време ни се пред носот.

Сликите на Да Винчи, навраќањето во минатото, криптексот, зборувањето за божественоста на Исус, симболите, се` се тоа навистина интересно вклопени елементи, провокативни и предизвикувачки, но ниту книгата, ниту филмот ја има вистинската тежина и мистерија. Сето тоа е само игра која впрочем и успеа само поради тоа што фантастично го искористи вистинското време во кое се појави. А тоа е времето, како и многу пати досега, во кое е разнишан нашиот идентитет и во кое царува тривијалноста и површноста, и со други зборови негова или нивна умешност и интелигенција сето тоа на правиот начин да го искористат. (9.06.2006)

No comments: