Wednesday, November 26, 2008

Атмосферата на фестивалот во Каиро (Cairo Film Festival atmosphere)


„Златни пирамиди" за сите американски ѕвезди

Филмскиот фестивал во Каиро е грандиозен и исклучителен настан во се', освен во филмот

Фестивалот во Каиро се разликува од сите други фестивали, исто како што и Каиро е дефинитивно единствен град во секој поглед. На самото отворање на овој голем филмски фестивал се чини дојдоа сите ѕвезди кои годинава беа поканети на фестивалот: Сузан Сарандон, Голди Хоун, Курт Расел, Џулија Ормонд, како и помладата Алисија Силверстоун и Присила Присли. Покрај тоа, фестивалот го отвори најголемиот египетски актер, ветеранот Омар Шариф, па сепак, и покрај многуте врачени ’пирамиди’ за придонес во филмот и почест за гостите, кои секако му дадоа тежина на фестивалот, неговото отворање помина во строго протоколарна и млака атмосфера. Ништо не промени ни настапот на шпанскиот цигански бенд и нивното шоу, со оглед на тоа што Шпанија годинава е земја во фокусот. Она што е неверојатно е што овој фестивал ги имаше сите адути за гламурозно и незаборавно отворање, но изгледа дека тој може да понуди се` што не можат другите, но не и вистинска фестивалска атмосфера.

Имено, фестивалот во Каиро има навистина многу пари, а со оглед на тоа што станува збор за 32. издание, и многу искуство, но сето тоа баш не се виде ниту на отворањето, а не се гледа ни на фестивалот генерално, но овде мислејќи само на фестивалската атмосфера. Бидејќи, во се` друго фестивалот е пребогат. И во поглед на програмата, и во поглед на случувањата и кога станува збор за ѕвездите, кои ги има во голем број и тоа не само американски. Неговото богатство се гледа во тоа што може да донесе навистина големи имиња и да понуди фантастично гостопримство, но не и да ги искористи за да си додаде гламур и да направи малку поголема фама која му е потребна на еден ваков грандиозен настан од А категорија, кој наедно се одржува на едно од највозбудливите места на светот.

Гостопримството и условите кои фестивалот ги нуди се неверојатни и се на многу високо ниво. Хотелите се фасцинантни, енормно луксузни и сите се сместени во централниот дел на самата река Нил. Се е многу богато, преполно со настани и забави, со фантастична грижа за гостите на кои на располагање постојано им се бродови, мали и големи автобуси, џипови или лимузини обезбедени од спонзорот на фестивалот „Мерцедес". Понудите за шетање низ градот, за посета на пирамидите и сфингата, за посета на египетскиот музеј, на стариот град на Каиро, на Академијата за религии и што уште не, се многубројни. Гостите на фестивалот само треба да отидат во собата за гости и да кажат каде сакаат да шетаат и веднаш ќе им биде обезбеден автомобил и шофер кој ќе ги однесе каде сакаат и колку време сакаат. Понудите за забави и свечени вечери се исти, африканска ноќ, шпанска ноќ, француска вечер, источна вечер...

Фестивалот е навистина единствено доживување во се`, освен кога станува збор за филмот. Иако програмата е огромна и пребогата и тоа е навистина некаков чуден феномен. Во Каиро годинава има над двесте филма распоредени во над десетина секции, чии проекции се одвиваат во повеќе од десет киносали разместени низ целиот град. Публика има, иако не премногу, а посебно е дека на фестивалот работи огромна екипа млади луѓе кои навистина на секаков начин се трудат да ви помогнат. Се чини дека сите кои работат на фестивалот имаат голем респект и свест за важноста на неговото одржување, што е случај не само на фестивалот туку и во другите културни институции, како музеи, галерии и друго, каде гостите на фестивалот имаат посебен третман. Публиката е претежно млада и интересно е дека можат да се видат многу млади девојки со шамии и со фармерки како доаѓаат во кино сами во ноќните часови. Овде се` е неверојатно и се` е незаборавно.

Но, да не заборавиме дека, сепак, станува збор за филмски фестивал. Програмата е огромна, со над двесте филма кои прават еден интересен пресек на новата светска продукција, водејќи сметка да се застапени огромен број земји и буквално сите страни на светот. Главната програма носи 18 филма од 17 земји , бидејќи две се од Шпанија, земјата која годинава е специјален гостин и чија почест опфаќа и голема ретроспектива. А, од филмовите кои ги видовме, а кои се во трка за „Златна пирамида", овде ќе издвоиме само три, белгискиот „Прекратена слобода", грчкиот „Ел Греко" и данскиот „Играчи". Белгискиот филм на Јан Верхејен е многу интелигентна приказна за еден млад новинар полн со идеали и позитивна енергија. Но, неговиот живот сосем ќе се смени додека пишува и ги следи имигрантските приказни, судирајќи се со предрасудите и со навидум невидливите проблеми на модерното урбано општество. Авторот на многу интересен начин ги испреплетува настаните зборувајќи објективно и реално за врежаните сфаќања од двете страни, акцентирајќи ги многу неочекувано сите небулози на современото живеење.

„Ел Греко" на повозрасниот Јанис Смарагдис е една силна епска приказна за борбата и погледите на славниот сликар, кој ќе и се спротивстави на шпанската инквизиција. Филмот е направен многу добро со одлично сценарио и водење на приказната, со впечатливи карактери, со музиката на Вангелис и што е најважно, раскажан е преку безвремените слики на Ел Греко. Додека најинтересното изненадување го донесе младата данска авторка Пернила Фишер Кристенсен, на која ова и е втор игран филм. Со првиот „Сапун" таа освои две награди во Берлин, Гран-прито на жирито и наградата за деби. „Играчи" е филм за прекрасната Аника и нејзината мајка, кои држат училиште за танцување. Аника ќе се вљуби во еден електричар, воздржан, тивок и мистериозен човек. Набрзо тој ќе и се довери дека бил во затвор за силување. Пернила Фишер успева многу точно да ја долови бурата од емоции која се случува кај Аника, и осцилациите во нејзиното расположение кои влијаат на се` околу неа, на школата, на децата, на односот со нејзината мајка. Кон тензијата во филмот исклучително придонесува и силната улога на Трине Дурхолм, внесувајќи не` лесно во приказната и водејќи не` до нејзината емотивна и, иако проследена си инспиративна музичка точка, многу реална завршница.

Фестивалот завршува на 28 ноември, а од познатите ѕвезди уште се очекува доаѓањето на Чарлиз Терон и на Мира Сорвино. (24.11.2008)

No comments: