Friday, November 7, 2008

Мемоарите на една гејша (Memoirs of a Geisha)


Мистеријата на Ориентот останува мистерија

Кон „Мемоарите на една гејша“; режија: Роб Маршал; сценарио: Робин Сисорд; фотографија: Дион Биби; музика: Џон Вилијамс; улоги: Зији Занг, Мишел Јео, Гонг Ли, Сузука Ого, Кен Ватанабе, Кери Хигојуки Тагава; Мако, Того Игава; Јапонија/Англија 2005 година

„Мемоарите на една гејша“ е филм кој и е целосно посветен на уметноста на живеењето, на убавината, на формата, на надворешноста. Овој филм кој говори за јапонската култура, а го потпишува американскиот режисер Роб Маршал, се обидува да навлезе во тајните, да ги долови сенките, како што вели самата гејша која низ целиот филм ја раскажува својата животна приказна, да ја дофати мистеријата на Ориентот, мистеријата зад која се крие вистинската гејша, но и многу повеќе од тоа.

Роб Маршал ќе се фати во мрежата на раскажувањето, во прекрасната исповед на славната гејша Сајури (Зији Занг) пристапувајќи му на сето тоа со една одредена филозофија на живеењето, со многу емоции и тага. Но, и со голема дистанца барем кога зборуваме за суштината, за длабочината на корените, за културата чие срце или средиште не е толку лесно да го пронајдете во целиот тој лавиринт што во себе носи многу повеќе од кажаното или видливото, многу повеќе од силните, но запретани емоции.

Токму затоа „Мемоарите на една гејша“ е филм кој визуелно е направен прекрасно, на кој му е посветено многу во креирањето на надворешноста, но филм кој и покрај својата посветеност и прецизност делува здодевно поради недостатокот на вистинска позадина или поради неможноста да се биде во дослух со неа. Интересно е дека Роб Маршал на оваа приказна и пристапува многу едноставно, да не речеме наивно, потпирајќи се на раскажувањето на Сајури, но при тоа заборавајќи дека светот на гејшата е многу повеќе од тоа. Дека во него е испреплетена големата традиција, дека во него лежи целата филозофија на една култура, еден поинаков поглед на свет, една поинаква уметност во размислувањето воопшто, дека тоа е свет кој има свои непишани закони, чија смисла честопати се наоѓа токму во неискажаното, во невидливото, токму меѓу редовите на бестселерот на Артур С. Голден.

Неговиот пристап и пренесување на платното на животот на Сајури, од една страна, изобилува со прекрасно обмислена надворешност, но во која, од друга страна, и покрај сите емоции недостига вистинската суштина која мора да се долови, да се почувствува, која мора да биде содржана во зборовите, но уште повеќе надвор од нив. Зборовите заведуваат, токму онака како што гејшите ја совладувале умешноста на разговорот, умешноста во комуникацијата и однесувањето, умешноста на моќта да ве восхитат со својата мудрост, интелигенција, со своите погледи и гестови. Но, пред се`, со вроденото чувство кое вистинската гејша мора да го има или да го пронајде во себе, а чии корени одат многу, многу длабоко под површината.

„Мемоарите на една гејша“ или мемоарите кои Роб Маршал ќе се обиде да ни ги долови на екранот не оставаат рамнодушни и на дистанца бидејќи убавината, сепак, не е доволна. Па дури ни оној свет кој животот на гејшите го претвора во игра, игра која можеби не ја сакаат и во која не уживаат, но од чии правила и моќ да ги совладаат зависи нивниот живот кој, секако, е далеку од игра.

Мистеријата на Ориентот сигурно во себе крие многу остварени и неостварени соништа, безброј неостварени љубови, многу тага и несреќа, но едно е сигурно, дека не можете несреќата едноставно да ја сведете на неможноста на гејшите да бидат вљубени и да се препуштат на своите емоции. Тоа го прави Роб Маршал осиромашувајќи го дури и сопствениот обид да проговори за уметноста на живеењето. Тој во суштина прави класичен американски филм, иако во надворешноста се обидува да ни ја долови вистинската јапонска приказна, да не речеме јапонската култура.

Не дека овој филм нема силни моменти или вознемирувачки сцени, но факт е дека ве остава надвор, не успевајќи да ве вовлече, не успевајќи да ви ја долови неговата сила, злокобност, длабочината на неговата емоција, борба, среќа или несреќа, успех или неуспех, не успевајќи и покрај целиот говор и мудри забелешки да ве поучи, да ве натера да осознаете, а уште помалку да разберете. На некој начин моќните актери во овој филм, предводени од Зији Занг, Мишел Јео, Гонг Ли, Кен Ватанабе и Кери Хигојуки Тагава, остануваат недоволно искористени во овој формален пристап кој повеќе се потпира на раскажувањето отколку на преоткривањето на она што лежи во суштината на самата нарација.

Животот на гејшите Роб Маршал ќе се обиде да ни го прераскаже преку несреќната судбина и неостварените љубови, и тоа веројатно е неговата грешка, бидејќи така сфатена целата оваа филозофија на живеењето ја губи својата смисла и се претвора во мелодрама. На крајот на филмот, сакале или не, ја чувствувате празнината бидејќи мелодраматичноста е далеку од комплексноста на вистинското живеење, камоли од неговата филозофија. Да ги сведете гејшите и нивната несреќа на неостварени љубовни приказни е навистина осиромашување на суштината, и тоа во овој филм не остава рамнодушни, без оглед на обидот да се допре или навести посебноста на јапонската култура.

Тој недостаток во ваквиот контекст, кога говориме за животот на гејшите, за засебноста на нивниот свет и моќта на уметноста вплетена во него, едноставно се чувствува, се наметнува, ве предизвикува и не можете а да не ја почувствувате празнината што овој пристап на филмот ја носи. Целата убавина доловена во него е недоволна без внатрешната сила, која извира од говорот на гејшата, чии силни пораки сепак остануваат непрочитани. Уметноста на гејшите се крие зад целата умешност да ве заслепат со убавина, елеганција и совршенство, таа се крие во мудроста и моќта да се види и пренесе срцевината на нештата. (9.03.2006)

No comments: