Sunday, November 30, 2008

„Психо“ - ненадминатиот хорор (Psycho - unmatched horror)


„Психо“ стана дел од општата култура

Овој антологиски филм на Хичкок дефинитивно беше и останува нашиот кошмар кој, и покрај тоа што знаеме кој е убиецот, може лесно да се повтори само ако повторно го гледате филмот

Филмот „Психо“, кој големиот мајстор на трилерот Алфред Хичкок го направи во 1960 година, се претвори во еден од најособените психолошки хорори кој се смета за предводник на модерните хорор или на оние т.н. саспенз филмови. Овој филм Хичкок, иако на врвот на својата слава, ќе го направи со мал буџет (се` на се` 800 илјади долари) и со екипа од едно телевизиско шоу, како дел од серијалот кој во тоа време одел на телевизија, познат како „Алфред Хичкок претставува“. А тој не само што се претвори во еден од неговите најуспешни филмови, туку и во еден од најкомплексните психолошки трилери и во филм кој е најповеќе цитиран во историјата на филмот. Сценографијата, атмосферата, ликовите и сцените, посебно сцената на убиството под тушот (која, како што велат, стана дел од општата култура) се безброј пати употребени, цитирани или пародирани, а честопати се и инспирација за создавање на некои други дела. Интересно е дека „Психо“, се разбира мислејќи на неговиот оригинал, и денеска е жив, интересен и страшен, за разлика од другите филмови што се направени како негово продолжение или римејк.

Како и да е, она што е интересно е дека ова е првиот вистински хорор на Хичкок иако тој е, всушност, окарактеризиран како најголемиот мајстор на хоророт. Но, она што тој умееше најдобро и најоригинално да го направи во своите филмови, да внесе напнатост и да ве држи во неизвесност до самиот крај произведувајќи големо количество страв, придонесоа до впечатокот дека тој е најголемиот режисер на хорори во историјата на филмот. По „Психо“ навистина и се направени многу хорори, како на пример, користејќи ги сличните графички решенија и шокантни убиства во „Облечена да убива“, во „Тексашки масакр“ или во „Ноќ на вештерките“, или на пример, филмови во кои некои сцени се пародично употребени, како во „Фантомот на операта“, „Врисок 2“, па се до „Од самрак до зори“.

Меѓутоа, она што овој филм секако го издвојува и успева да ја сочува неговата аура, е токму фактот дека иако хорор, тој всушност е многу далеку од она што денеска го подразбираме под тоа. Имено, „Психо„ е многу комлексен психолошки трилер, со прецизно дефинирани ликови, со фантастична монтажа, со голема напнатост и незаборавни сцени, филм кој застрашува не само со појавното, туку и со психологијата на ликовите, но и психологијата толку силно присутна во кадарот. Тој во 1960 година дефинитивно ќе направи нешто што е сосем ново и поинакво, шокирајќи со начинот на кој го води филмот, но и со инвентивноста, па и голотијата за тоа време (за што самиот вели дека илузијата на голотијата, всушност, е постигната со монтажа).

Неговата авангардност, и покрај конзервативизмот кој му се припишува во поглед на неговите ставови, е очигледна. Имено, не случајно „Психо“ беше и останува нашиот кошмар, кој лесно може да се повтори ако повторно го гледате овој филм, па и покрај знаењето на тоа кој е убиецот и што понатаму ќе се случи. Но, тоа се однесува само на оригиналниот филм, не и на неговите продолженија од 1983 и 1986, „Психо 2“ и „Психо 3“, ниту на неговиот подоцнежен римејк иако е направен од еден од пооригиналните современи автори, Гас Ван Сент.

„Психо“ е филмот кој е направен после „Вртоглавица“ и „Север-северозапад“, значи по неговите два многу успешни филма, и двата снимени во колор. Но, овде мајсторот на саспензот се одлучи за црно-бела варијанта и за помала продукција, која го имаше силниот адут, фантастично сценарио и виртуозна режија. Инаку, она што е интересно е дека сценариото е направено според вистински лик, а негов потписник е Џозеф Стефано.

Хичкок, како што велат, во овој филм ќе употреби неколку трикови, кои само ќе го зголемат или предизвикаат силниот впечаток. Така, првиот е секако преседанот што тој главната хероина во овој филм ја убива по само 25 минути. Тоа беше потег кој ги изненади сите, но подеднакво и ги збуни и одушеви. Така, на пример, како што изјавуваше самата Џенет Ли, која ја игра Мерион Крејн и која ќе ја одигра познатата антологиска сцена, главниот лик навистина умира за 25 минути, но таа е во центарот на вниманието до самиот крај на филмот. Луѓето по завршување на филмот и праќале безброј писма во кои и велеле дека тие никогаш не поверувале дека е мртва, очекувајќи да се појави до крајот на филмот. Другиот трик што Хичкок ќе го употреби е врзан со рекламната кампања во која тој за улогата на мајката на Норман Бејтс наголемо ќе ја најавува Џудит Андерсон за луѓето да помислат дека неговата мајка во филмот е жива.

Едно е сигурно, како заслуга на сето тоа или не, но овој филм стана антологиски, култен филм, едно од најпрепознатливите дела во историјата на филмот. А кога повторно ќе го гледате ќе сфатите дека тој всушност и нема толку силен заплет како „Вртоглавица“, на пример, ниту приказна која во себе ќе спои повеќе теми. „Психо“ има едноставна приказна во која една девојка е убиена, а другите се обидуваат да откријат што всушност се случило. Но, сето тоа Хичкок ќе го претвори во предност во својот филм.

„Психо“ е филм за страста, барем така вели психијатарот, кој на крајот на филмот ја објаснува двојната личност на Норман Бејтс, дека тоа е личност која убива од страст, никако не заради финансиска или каква било друга корист. А токму страста е видлива и го обојува целиот филм. Страста на младата Мерион кон својот љубовник и кон еден поинаков начин на живот, кои ќе ја доведат до искушението да украде пари (и до толку препознатливите пресврти кај Хичкок кога станува збор за карактерите на луѓето). Тука е приватниот детектив Арбогаст, кој е докрај љубопитен и провокативен, како и нејзината нетрпелива сестра во желбата да ја открие вистината. Тука е полицаецот кој ја следи Мерион само поради чувството..., видно зголемувајќи ја напнатоста, тука е кратката изненадувачка средба со нејзиниот шеф и зборливиот муштерија во фирмата кој зборува за среќата и несреќата во животот. И на крајот, тука се и препарираните птици со својата симболика и целосната мистерија вткаена во нив.

Хичкок успева така да ги обои сцените играјќи на картата на психолошкото, емотивното, непредвидливото, на картата на возбудата, неизвесноста и напнатоста, со што создава еден од најсугестивните филмови. Гледачот останува шокиран, уплашен, целосно во исчекување на развојот на приказната. А развојот пак, е кулминација сама по себе, користејќи ги сите застрашувачки елементи и инсинуации додека неговите ликови полека ги движи кон нивната цел, која останува непредвидлива до самиот крај.

На сметка на ширината на приказната и на нејзините ликови тој фокусот го става на застрашувачкото, на самиот процес на убиството и ослободувањето од телото, на елементите кои ја зголемуваат мистеријата со што непогрешливо си игра со емоциите на гледачот. Со други зборови, неговата цел е играта, играта со злото, со темните сили и особини, со претпоставките кои ни ги наметнува, играта со човечките карактери, која едноставно му ја пренесува на гледачот вовлекувајќи го во неа, како и играта со невиноста и вината. Сето тоа во „Психо“ тој го надополнува со психолошката, помалку контроверзна матрица, со Едиповиот комплекс и со подвоената личност. Во сето тоа Хичкок оди дотаму поставувајќи го на крајот и оној подоцна прифатен американски принцип, особено во овој жанр, непобедливоста на злото. На некој начин, кога на крајот мајката на Норман Бејтс ќе им се обрати на гледачите како да го најавува (според денешните правила на игра) и следното продолжение.

Она што е интересно е дека кога ќе го анализирате „Психо“ тој дури и нема толку страшни сцени, но нивната впечатливост е таква што така целиот го доживувате. Од друга страна, тој жанровски е класичен хорор, дефинитивно мајсторски направен, а тука е и она напогрешливо навестување и неповторливо чувство за наметнување на невидливото во филмот. Така гледачот многу повеќе чувствува, насетува и очекува од она што навистина го гледа во филмот, чувствувајќи ги пред се` морниците кои се создаваат низ телото. Освен тоа, тој успева да создаде такви силни и впечатливи сцени кои остануваат, кои се врежуваат на таков начин што неизбежно се претворија во култни. Тука се и фантастичните улоги на Џенет Ли и Ентони Перкинс и психологијата на ликот на Норман Бејтс, кој ги крие сите тајни со таква морничавост и невиност истовремено. Не случајно, овој филм на тој начин ги одбележа кариерите на Ли и Перкинс, што не можеа да излезат од неговата сенка. А богами го одбележа и опусот на Хичкок претворајќи го во мајстор на хоророт на сите времиња, што тој барем според неговиот опус не беше. Но, веројатно според моќта, психологијата и визијата, како и според моќта да назлезе во човечката психа и да си поигра со злото, тој тоа најверојатно и беше. Бидејќи, факт е дека и после толку време тој едноставно останува ненадминат.

Продолженијата во сенка на оригиналот

По 23 години од оригиналот Ричард Френклин ќе го направи „Психо 2“, во кој Ентони Перкинс повторно го игра Норман Бејтс, кој по 22 години треба да излезе од психијатриска болница на што се спротивставува сестрата на Мерион, Лајла, која ја игра Вера Мајлс. Интересно е дека за оваа верзија многумина и не знаат дека постои. Но, она што е уште поинтересно е дека во 1986 година, обидувајќи се да ја поврати старата слава, самиот Ентони Перкинс ќе го режира „Психо 3“, но ништо од сето тоа. Интересно е да кажеме дека Ентони Перкинс во 60-тите години ќе направи една подолга пауза, како што велат, поради нарушеното здравје како последица на „Психо“.

Филмот ќе доживее уште две телевизиски верзии, и тоа „Мотелот Бејтс“ од 1987 и „Психо 4“ од 1990, во кој повторно игра Ентони Перкинс. Во 1998 Гас Ван Сент ќе го направи римејкот на овој филм, како што велат, ист од кадар во кадар. Филмот нема да предизвика никакво внимание и покрај интересниот слоган со кој беше промовиран: „Новата визија на класичниот кошмар“, како и покрај интересната поделба на улогите, кои ги играат: Винс Вон, Ен Хеч, Џулијана Мур, Виго Мортенсен и Вилијам Мејси.

Култната сцена под тушот

Антологиската сцена на убиството под тушот трае се` на се` 45 секунди, но тоа е сцена која е најпрепознатливата хорор-сцена, тоа е сцена која го одбележа животот и кариерата на Џенет Ли, која го одбележа овој филм, како и опусот на неверојатниот Хичкок. Тоа е сцена која стана најцитирана во историјата на филмот и која стана дел од општата култура. Оваа сцена, како што изјавуваше Џенет Ли, ја снимала цели седум дена. Станува збор за монтажа направена од 70 различни агли. „Се` што гледате од Џенет Ли во оваа сцена се нејзините раце, раменици и глава, останатото е модел“, ќе изјави Хичкок, додавајќи дека ножот воопшто не го допира телото, дека сето тоа е постигнато со монтажа. За снимањето на оваа сцена Џенет Ли вели дека било лесно се до последните 20 секунди, кога треба да го изрази целиот хорор на ликот кој е убиен. „Но, како може некој да не биде благодарен за таква можност“, вели Џенет Ли, кога Хичкок едноставно од се` умееше да креира имиџ. Не случајно, „Психо“ се смета за еден од најстрашните филмови на сите времиња. (17.08.2005)

No comments: