Saturday, November 8, 2008

Илузија (Mirage)


Илузија во која повеќе никој не верува

Кон „Илузија“, режија: Светозар Ристовски; сценарио: Светозар Ристовски и Грејс Леа Троје; фотографија: Владимир Самоиловски; музика Клаус Хундсбихлер; монтажа: Атанас Георгиев; улоги: Марко Ковачевиќ, Владо Јовановски, Елена Моше, Славица Манаскова, Мустафа Надаревиќ, Никола Ѓуричко, Дејан Ачимовиќ, Бајруш Мјаку; Македонија 2004 година

Македонскиот филм „Илузија“ ја раскажува приказната за малиот Марко (Марко Ковачевиќ) и неговиот тажен затворен свет, обидувајќи се во неа да ја проицира целата несреќа и безнадежност на нашето реално живеење, целиот социјален и морален пад на човекот и неговото очајно фаќање за сламка, па колку и да е таа илузорна. Во неа Светозар Ристовски, иако е тоа класична стрејт приказна, ќе се обиде да ја проицира судбината на обичниот народ, ќе се обиде да проговори за нејзината клаустрофобичност и безизлез. Дури и повеќе од тоа, бидејќи тогаш кога човекот се обидува да најде излез потонува уште подлабоко.

Со други зборови, „Илузија“ во себе има многу од реалноста која не опкружува, и во надворешноста, но и во поглед на внатрешните превирања, очекувања, надежи, страв, инерција. Имено, тоа е приказна која извира од ова поднебје, од овој народ, од овие обичаи, од овој живот, ако тој така може и да се нарече. Марко е оној кој ни крив ни должен ќе стане жртва на својата околина, на нејзината бесчувствителност, затвореност во себе, на нејзиното незадоволство и немање излез. Марко е ликот во кој истовремено треба да се рефлектира целиот живот и пад, целата надеж и очај, целата несреќа и немоќ. Во него треба да се сплотат целата тага и невино очекување, детската растрепереност и постојаното изневерување, целата илузија и безизлез, онаа илузија во која повеќе никој не верува...

Зошто велиме дека станува збор за стрејт приказна? Приказната за Марко, кој е навистина силно сугестивен во својата несреќа, Ристовски ја раскажува доследно, но така пренагласено и екстремно исцртувајќи го неговиот (неминовен) од надолу што не останува место за никаков поттекст, за никакво друго значење од зацртаното, за никаква комплексност која би можела оваа приказна да ја збогати. Едноставно, Марко се наоѓа и се врти во својот калустрофобичен свет толку извесно и шематски, па на гледачот не му останува што да очекува бидејќи се` се знае однапред. Затоа, по извесно време филмот станува здодевен за следење. Иако самиот Марко, како и визуелноста и сугестивноста на филмот, сепак, се пресудни за ова деби на Ристовски да го изгледате докрај.

Овде не станува збор за лош филм, туку за филм кој е воден многу „едноставно“, во еден единствен правец, без никакви алузии или метафори, без сложеност или изненадување, без осцилации. Авторот инсистира на несреќата, на тагата, на онаа народната „кога целиот свет ќе се урне врз плеќите на Марко“, инсистира на неговата улога на жртва во секој поглед.

А токму тој пристап создава и друг проблем, односно и ја одзема животноста на оваа приказна. Имено, ако сакаме да ја следиме приказната на едно дете, ако сакаме да станеме дел од неа или со неа да сочувствуваме, тогаш таа секако треба да биде реална. А тоа значи, да го видиме детскиот свет онаков каков што навистина е за да му поверуваме, да го видиме во целата негова болка и тага, да го видиме реалниот (инстинктивен) обид за бегство од неа, да ја видиме тегобноста наспроти наивноста, да ги видиме несреќата и залудната невина верба во среќа. Со еден збор да го видиме и почувствуваме животот, се разбира детскиот.

Вака, како што е воден овој филм, со целото инсистирање на црно, црно и само црно, Марко станува своевидна жртва и на овој филм, а не нејзин вистински протагонист. Тоа ја исклучува публиката од поистоветувањето, од изневерувањето, од надежта, од очекувањето, бидејќи за нив едноставно нема место.

Тоа е она што се однесува на приказната поточно на сценариото (кое го потпишуваат Ристовски и Грејс Леа Троје), додека ако говориме за режијата, за сликата и за филмската целина, ова остварување е солидно направено, особено со оглед на тоа што ова, сепак, е деби на Ристовски. Тој успева визуелно (со помош на снимателот Владимир Самоиловски) да ја долови целата несреќа на Марко преку сликата, ако не преку приказната, успева во неа да ја долови чувственоста и можноста за поистоветување која недостига во нарацијата. Истото се однесува и на автентичноста на приказната, на сценографијата и на целината која авторот успева да ја заокружи. Тоа е нејзината посилна страна, која го прави ова дело симпатично и реално, и која му ја дава донекаде моќта за проекција, за која зборувавме на почетокот.

Проекција во која тој ќе ја наслика нашата современост, онаква каква што е, апсурдна во нејзината веселост, иронична во нејзината верба, бесмислена во нејзиното соочување со светот околу себе. Силната страна на овој филм се и неколку улоги, но не и сите замислени ликови во него. Со други зборови, силната страна на овој филм ја исцртуваат Марко Ковачевиќ, Владо Јовановски, Мустафа Надаревиќ и Дејан Ачимовиќ. Да појасниме, не станува збор за тоа дека другите улоги се слабо одиграни, туку станува збор за неубедливост на одредени ликови, на тоа како се водени во самата сценаристичка предлошка. И тоа, пред се`, женските ликови во семејството на Марко, потоа неговиот замислен лик Парис и ликовите на децата (особено на сцените на часовите) односно бандата која го малтретира Марко.

Интересно е дека овој филм го карактеризираат сосем необични контрадикторности. Бидејќи, наспроти одредена автентичност, тој е полн со многу неприродност и безживотност на ликовите, со многубројни такви сцени во филмот, како и со неможноста да ве вовлече во него и покрај доследноста, па и покрај правата линија со која е прераскажана приказната. Ако илузијата треба да биде синоним за надежта поточно за загубената надеж, тогаш овој филм дефинитивно станува дел од неа. Можеби не целосно, но во тоа и е моќта на илузијата, да вети и да се стреми, но сепак да не остави изневерени. (13.04.2005)

No comments: