Wednesday, November 5, 2008

Страдание (The Passion of the Christ)


Реалистична смрт, но фиктивен живот

Кон „Страдание“, режија: Мел Гибсон; сценарио: Бенедикт Фицџералд и Мел Гибсон; фотографија: Калеб Дешанел; музика: Џон Дебни; улоги: Џемс Кавизел, Маја Моргенстерн, Моника Белучи, Христо Наумов Шопов; САД 2004 година

Страдањето на Исус Христос со кое Мел Гибсон се занимава во својот филм насловен „Страдание“ претпоставува познавање на сето она што е врзано за ликот на Исус Христос, за неговото учење и страдалничка смрт, како и на сето она на што се базира христијанството. Бидејќи, во него Мел Гибсон не се обидува ниту да ги појасни работите, ниту да ги идентификува ликовите, па ниту тоа да го направи преку алузија или симболика за да можете воопшто да го разберете тоа што им претходеше на страдалничките маки, како и на она што следува - воскреснувањето, што им дава една сосем поинаква смисла.

Ако тргнеме од изјавата на Мел Гибсон дека никој досега не се осмелил да проговори за вистината и да го прикаже вистинското страдање, по гледањето на овој филм се наметнува прашањето за која вистина зборува тој. Бидејќи, приказната за животот на Исус Христос не се состои само од последните 12 часа од неговиот живот и од неговото страдање. А ако се состои, односно ако во нив е содржана суштината и смислата и ако во нив е симболизирана целата жртва за човековото спасение, тогаш неа дефинитивно ја промашил.

Но, тоа не значи дека страдањето на Исус Христос не е прикажано верно, автентично и реалистично, напротив. Но, тие страдалнички маки на кои тој е изложен се многу далеку од појавноста на која се задржува овој филм. Тоа страдање во себе носи многу симболика, носи голема мисија, многу комплексни значења и силна иронија. Покрај тоа, страдањето својата смисла ја има токму во духовната сила на Исус, во нејзината непоколебливост, па дури и фанатизам, во неговото жртвување и, на крајот, во неговото воскреснување, но неа тука не ja гледате освен во неколку бледи моменти, кои се сосем нејасни и недефинирани.

Така, целата суштина симболизирана во неговите натчовечки маки речиси изостанува во овој филм. А ако говориме за „Страдание“ како уметничко дело, тогаш на овој филм дефинитивно му недостига поентата, пораката, му недостига комплетноста и заокруженоста. Тој навистина се користи со флешбекови, но онака како што се снимени (со светлината, чистината и непрепознатливоста), тие повеќе изгледаат како фикција. Додека нивниот избор и она што во тие парчиња е кажано, не создава никаква претстава за духовната моќ на Исус, која го заведува народот и апостолите и во која еврејските свештеници и фарисеи гледаат страшна закана.

Се наметнува прашањето од што се состои филмот на Мел Гибсон, во кој тој очигледно се обидува да биде поинаков и верно да ја проследи Голготата на Исус. Ако од него отсуствува сето она за што претходно говоревме, ако во него отсуствува можноста да видиме во што е големината на Исус, тогаш страдањето се претвора во еден грозен, понижувачки, нечовечен чин кој никого не може да остави рамнодушен.

Дури ни во бесмислениот чин на пресудувањето на Понтиј Пилат (мислејќи тука на споредбата со вагабонтот Варнава) не може да се наѕре големината на иронијата. Исто онака како што овде не може да се види ниту пресудната силина на впечатокот што на Понтиј Пилат ќе го остави одговорот на Исус Христос, кога тој ќе му рече да се брани. Кога Исус и покрај силните болки што ги трпи од претходното ѕверско камшикување, само ќе рече дека Понтиј Пилат нема никаква власт над него од онаа што му е дадена од горе. Никаква закана, никаква духовна сила, никаква моќ нема да препознае Понтиј Пилат во тоа. За жал, човекот кој одигра пресудна улога овде е прикажан како неодлучен и уплашен, крајно несигурен, претворен во една трагична и карикатурална фигура на која одлуката и` е наметната.

Што се однесува до тоа како е направен филмот, мора да се каже дека мајсторски е режиран, дека има одлична фотографија, сугестивна и необична, во која многу ефектно Гибсон ги користи забавените снимки, мудро калкулирајќи колку насилство ќе покаже во една сцена континуирано, колку гледачот ќе може да издржи. Во тие многу прецизно обмислени прекини тој истовремено забавено се фокусира на лицата на присутните, на народот и на одлучните еврејски свештеници, со што ја зголемува сугестивноста во целиот тој ужас што се случува.

Исто така, Гибсон вешто ги акцентира и деталите при падовите и измачувањето на Исус додека го изминува патот на својата Голгота, но од друга страна, се наметнува прашањето за загубеното време на такви детали (како долгата сцена на течење на крв по клинецот) за сметка на кои од другата страна немате ништо. Дури и ако ја прифатиме и ако говориме за реалистичноста, сепак, останува прашањето за неговата цел во акцентирањето на овие детали кои, сакале или не, создаваат чувство дека поентата е во нив. Што се однесува, пак, до визуелното, во кое е силата на овој филм, тој донекаде успева во овие речиси уметнички фотографии , во кои доминира бојата на земјата и белината, а кои се проследени со силна и сугестивна музика, да ја нагласи заканата и неверувањето, заканата за човечката бесчувствителност и морален пад, да ги нагласи ужасот од една и сочувството од друга страна, исто како и ѕверството и човечноста.

Можеби без нагласувањето на христијанството, целта на Мел Гибсон била универзалноста, вистината, вербата и љубовта наспроти ограничувањето и стравот од новото и од неговата сила. Па, сепак, тоа мора да го препознаете, а не да го барате. Филмот треба визуелно да зборува и да испишува, директно или индиректно, а не да очекува тоа да го препознаете меѓу редови. За жал, во филмот на Гибсон ни тоа го нема, бидејќи меѓу редови останува белината во која не се препознаваат трагите. А без нив сликата не може да ја добие својата полнотија.

Гибсон со овој филм докажува дека е добар режисер, но не и сценарист, особено кога на една силна, длабока и многузначна тема, која веќе сама по себе ја носи цивилизациската метафора, ќе и` пријде тенденциозно и ограничено. Тоа е невозможно. Темата мора да се третира чесно за да се доживее во неа вистината или различните пораки и тие да се доловат така да можеме да ги препознаеме или во тој магичен миг во нив да веруваме. Се разбира ако ги има. (20.04.2004)

No comments: