Friday, October 31, 2008

Лето со Моника (Summer with Monika)


Бегството не може да трае вечно порачува Бергман

Кон „Лето со Моника"; режија: Ингмар Бергман; Сценарио: Пер-Андерс Фогелстром; фотографија: Гунар Фишер; улоги: Хариет Андерсон, Ларс Екборг, Дагмар Ебесен, Аке Фридел, Аке Гронберг, Шведска 1953 година

Циклусот филмови посветени на еден од најголемите филмски автори на 20 век, шведскиот режисер Ингмар Бергман, кој одеше во Кинотеката на Македонија од 6 до 13 јуни 2008 година, предизвика големо интересирање на публиката поради што беше репризиран филмот „Лето со Моника". И повторно, иако овој филм потекнува од 1953 година, ја наполни киносалата и тоа првенствено со млада публика. Она што е најважно е дека циклусот наиде на добар прием и покажа дека дури и во овие ужасни киноприкажувачки услови во Македонија, публиката сака да види вистински филм и умее да го препознае. А делата на Бергман, и покрај тоа што се сместени во некое друго време, не губат од својата актуелност поради универзалноста на темите кои во нив се на извонреден начин вплетени.

Циклусот почна и заврши со „Лето со Моника" и интересно е дека иако овој филм не спаѓа во неговите најпознати филмови, ниту пак се смета за еден од оние типични Бергмановски филмови, сепак, на некој свој начин ја одбележа оваа ревија. И не случајно, младите во него можеа лесно да се препознаат бидејќи „Лето со Моника" е еден прекрасен, тажен и интригантен филм за младоста, за незрелоста, за сонувањето и за бегството од стварноста, но и неминовното соочување со неа. Интересно е дека, иако овој филм многу реално ја отсликува Шведска и животот на пониските слоеви, иако многу силно е врзан за земјата и за поднебјето, сепак, неговата приказна за Хари (Ларс Екборг) и Моника (Хариет Андерсон), приказната за вљубеноста, за бегството од реалноста и искушенијата со кои младите се принудени да се соочат, ја поминува границата и се претвора во еден исклучителен есеј за созревањето.

„Лето со Моника" е поразличен филм од неговите големи, комплексни и многу слоевити дела како „Седмиот печат", „Диви јагоди", „Крикови и шепотења". Овој филм и не е направен по негово сценарио, кое секогаш го одликува длабокото филозофско понирање и разоткривање на внатрешниот свет на своите јунаци, туку според романот на Пер-Андерс Фогелстром, кој е и сценарист. „Лето со Моника" е поинаков, поедноставен филм, но филм кој е насликан со исклучителна, би рекле сурова реалност, тоа е филм кој безмилосно го сецира шведското општество, кој прави несекојдневна палета на ликови и атмосфера во едно работничко окружение, кое го карактеризира немаштија, кавги, стеснетост и ужасен безизлез. И низ целата оваа мрачна и хаотична слика Бергман ќе ја пронајде убавината, во емоциите, во љубовта, во прекрасните осамени острови на отвореното море, каде што ќе побегне младата вљубена двојка, како опозит и како рефлексија на сето она што во тој мал стеснет свет тие очајно го посакуваат. Слободата, отворениот простор и можности, безграничната љубов, чувството на себеси и чувството да се следи сопствениот порив.

Тие тоа и ќе го направат, ќе ги ризикуваат своите работни места, ќе ја ризикуваат сигурноста и обврските и ќе запловат во нивното лето од соништата, во кое наеднаш се` ќе биде возможно. И љубовта, и слободата на нивните тела и желби, и расположенијата доловени во склад со природата и со прекрасните пејзажи далеку од градот, далеку од секојдневните проблеми, далеку од неизбежната судбина.

Бергман фантастично и многу возбудливо ја води оваа приказна во која ќе им даде можност на младите да ги рашират своите крилја и да одлетаат во светот на своите соништа, во светот на фантазијата и идилата. Сето тоа тој го следи со развојот на емоциите исцртани и визуелно и суптилно вткаени низ приказната, со играта на нивните тела и играта на природата, иако низ целата таа слика за цело време ја чувствувате заканата која лебди во воздухот, заканата на реалноста, заканата на времето кое бесповратно изминува. Бидејќи, бегството не може да трае вечно.

Иако „Лето со Моника" можеби не е од оние карактеристични интелектуалистички филмови на Бергман, сепак, тоа е еден силен филм кој низ оваа песимистична љубовна приказна ќе успее да го долови целиот универзум на пониските слоеви во шведското општество, но и многу повеќе. Низ нивните ликови тој успева да проговори и да ги вметне прашањата за чувството на идентитет, борбата за своето место, за неправдите и иронијата, за апсурдноста на живеењето која во себе секогаш ја носи потребата да се побегне. Но, тоа бегство го крие и најголемиот предизвик, прашањето дали ќе се вратите или не.

Бидејќи, бегството е полесниот начин, потешкиот е неминовното враќање. Потешкиот е соочувањето, потешкиот е одговорноста и вистинската припадност кон себе и кон другите. „Лето со Моника" донесе љубов, донесе фантазија, донесе бегство и многу прашања, донесе еден поинаков свет кој ве тера да погледнете длабоко во себе и околу себе. Вечните прашања кои Бергман умее да ги наметне и без оглед на времето и без оглед на сложеноста на неговиот израз. Тоа е неговиот начин, да го гледа светот длабоко во неговата суштина, па колку и да е болно тоа. Бидејќи, бегството не може да трае вечно. (15.06.2008)

No comments: