Wednesday, November 5, 2008

Репортажа за Бања Лука, Република Српска (Reportage for Banja Luka, Republika Srpska)


Новото време на Бања Лука

Во главниот град на Република Српска беа урнати сите 17 муслимански објекти, кои сега се обновуваат. Тие биле обележје на градот, сметаат бањалучани, и така треба и да остане, бидејќи тоа е дел од неговата историја. Бања Лука и нејзините жители денеска се целосно свртени кон обновување и кон иднината иако со видлив респект кон сопствената историја

Филмскиот фестивал во Бања Лука успеа од две причини: поради љубовта на луѓето кон својот град и поради огромната поддршка од страна на градот. Она што плени и остава силен впечаток кога ќе дојдете во срцето на Република Српска е задоволството со кое населението ви ги отвора вратите на градот, и љубовта која се чувствува во начинот на кој се обидуваат да ви го покажат. Неверојатна е топлината со која говорат за својот град, неверојатно е трпението со кое се трудат да ви помогнат и желбата да ви овозможат да видите и доживеете што повеќе. А тоа го прави овој град од 250.000 жители, кој е инаку втор по големина во Босна и Херцеговина, пријатно место кое не е оптоварено со ништо, а најмалку со блиското минато. Напротив, она што силно се чувствува во Бања Лука е свртеноста на градот и на неговите жители кон обновување и кон иднината иако со нагласен и видлив респект кон сопствената историја.

Во Бања Лука има се`. Иако се живее многу модерно и урбано, сепак, интересно е да се види како паралелно живеат и егзистираат новите кафулиња, рестораните или местата за брза храна, но и старите чаршиски кафеани, бурекчилници и пекарници. Сето тоа е измешано во централниот дел на градот, во кој исто така еднододруго се и раскошните зданија од времето на бановината, новите модерни зданија, но и старите чаршиски куќи и дворови.

Централната улица позната како „Господска“ или „Еврејска“ го има задржано својот стар лик иако надополнет со карактеристичниот стил од крајот на 19 и почетокот на 20 век, додека во нејзината внатрешност опстојува и чаршискиот дел кој потсетува на турскиот период. Интересно е дека таа видлива измешаност на епохите и културите на овој простор некако природно е вклопена и исклучително функционална. Луѓето живеат урбано, но со сите придружни појави на продавање на улица, на поставени тезги на најневозможните места и на продавање на девизи на црно во самиот центар на градот пред влезот на најновите банки.

Ако нешто освојува во Бања Лука, тоа е начинот на кој се` функционира. Младите, како и овде, навистина по цел ден ги полнат кафулињата, но имаат и една голема отвореност кон новото, видлива желба и интерес што повеќе да видат, дознаат, научат. Затоа и не е чудно што на фестивалот, за разлика од кај нас, имаше публика, која редовно остануваше по проекциите за да разговара со гостите. Затоа и не е чудно што во Бања Лука има киносали, а има и мултиплекс, кои функционираат и со редовна кинодистрибуција. Моментно таму играат најновите филмски хитови. А полно е и во Младинскиот центар и во Музичкиот павилјон, каде што се одржуваа работилниците и каде што постојано имаше интересни средби и настани.

Она што на Бања Лука и` успеа, а што не ни успева на нас на фестивалите, е секојдневно на прес-конференциите да има новинари и публика. Не беше преполно, но функционираше. И Младинскиот центар, во кој беше сместена организацијата на фестивалот, функционираше и беше место на дружење преку целиот ден. Иако Бања Лука е два пати помала од Скопје, и иако помина низ многу тежок период, сепак, во неа се чувствува желбата да се оди напред, потребата да се докажат и да го фатат чекорот со светот.

Бања Лука е еден од градовите во Босна и Хецеговина во кој имаше најмалку воени разорувања. Некако, како што велат самите жители, тој остана заштитен, остана како одвоен со некој невидлив ѕид. Навистина, во него биле урнати сите 17 муслимански објекти, но сега се обновуваат. Како што рече еден од водичите, тие биле обележје на градот и така треба и да остане, бидејќи тоа е дел од неговата историја.

Едно од најубавите места во градот, кое ќе ви го препорача секој бањалучанин, е тврдината Кастел која се наоѓа во самото централно подрачје. Кастел била и воено утврдување, чии ѕидишта ја штителе долината на реката Врбас, но во него се пронајдени остатоци и од античкиот, од словенскиот и од турскиот период. Кастел е нивната гордост во која е втиснат духот на древните времиња.

Но, и не само Кастел, интересно е дека младите во Бања Лука се гордеат со многу свои историски и културни споменици, но и многу знаат за нив. Така, кога од фестивалот не одведоа на екскурзија на Крупа на реката Врбас, едно исклучително место сместено меѓу две клисури, самите возачи ни објаснуваа за остатоците од средновековните градови кои биле сместени тука, за познатите слапови, или за манастирот „Крупа" изграден во 12 век.

Посебно место во Бања Лука имаат многубројните спортови врзани со прекрасната природа во околината, со кањоните и долината на реката Врбас. Но, едно од нив се издвојува, а тоа е рафтингот кој ни го овозможија искусните скипери, а кој е посебно доживување. Според условите на Светската рафтинг федерација, кои тие во целост ги исполнуваат, во 2005 година во Бања Лука беше одржано Европското рафтинг-првенство.

Бања Лука е град кој е преполн со историја и со споменици, кои сведочат за измешаните епохи и култури. Во него ги имате римските терми, остатоци од турското време, прекрасните Бански двори, споменикот на првиот бан кога Бања Лука ја доживува својата вистинска преобразба, споменикот на паднатите борци од Втората светска војна, спомениците на карактеристичните Краишници, бидејќи Бања Лука отсекогаш била центар на регионот Краина, а на Еврејската улица се наоѓа и спомен-обележјето од големиот земјотрес во Бања Лука во 1969 година.

Карактеристични за Бања Лука се прекрасното зеленило, бројните паркови, алеи и дрвореди. Тоа му дава навистина посебна убавина на овој град, кој се наоѓа на 160 метри надморска висина, а кој е познат и како град на зеленило. Инаку, Бања Лука е позната и како град на млади, на спорт и на убави девојки. И не случајно, бидејќи она што ја карактеризира Бања Лука, секако, се младите, нивната отвореност, нивната живост и полетност со која едноставно му даваат печат на градот. А убавината некако доаѓа сама по себе. (17.05.2008)

No comments: