Tuesday, November 11, 2008

Бал-кан-кан (Bal-Can-Can)


Балканот без негативниот предзнак балкански

Кон „Бал-кан-кан“, режија и сценарио: Дарко Митревски; фотографија: Суки Меденчевиќ; музика: Кирил Џајковски; улоги: Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски, Адолфо Марџота, Јелисавета Сабљиќ, Бранко Ѓуриќ, Верица Недеска; Македонија/Италија 2004 година

Филмот „Бал-кан-кан“ токму како што е и неговиот наслов успева да направи „папазјанија“ односно сосем реално да ја постави целата состојба на Балканот, а тоа да го спакува така што да има свое течение, организација и заокруженост. И не само актуелната балканска состојба, туку Митревски ќе оди подалеку, па во својот филм сосем ненаметливо ќе исцрта неколку нивоа каде што метафорично се судираат старото и новото време, предрасудите и нивната „непроменливост“, балканскиот менталитет и целата испревртеност на нештата, проткајувајќи ја низ сето тоа и сопствената филмофилија со која истовремено и си поигрува, но и прави и посвета на еден сосем невообичаен начин.

Интересно е тоа што филмот во сето тоа ја има својата целина, својата совршена целина во чии рамки тече една слатко-горчлива комедија, но во чија заднина има силна содржина на која авторот впрочем не инсистира, напротив. Неговиот пристап кон овој филм е сосем непретенциозен нудејќи ни една симпатична, едноставна комедија која всушност е многу богата со значења и метафори, но која нема никаква намера да ве убеди во тоа. Имено, Митревски не коментира, не попува, не филозофира, тој едноставно си игра и тоа жестоко, отворено и без задршка одејќи пред се` на тоа филмот да допре до публиката, а се` останато е прашање на избор, на став, не гледање на нештата. Се` останато е сечие право на свој начин да се пресмета или да не се пресмета со она што го опкружува.

Со тоа што „Бал-кан-кан“ се простира низ сите балкански простори тој веќе ја покажува својата амбиција - да биде филм кој ќе проговори за човекот, да биде дело кое ќе отиде многу подлабоко, кое ќе ја сублимира во себе традицијата, менталитетот, обичаите, но и апсурдот и иронијата, да биде дело кое ќе го наслика Балканот но не низ географската туку низ човечката мапа давајќи му со тоа многу поуниверзално значење. Неговата интенција е еден балкански епос, забавен, откачен, невозможен и нереален, но место кое совршено ќе ги отслика реалните состојби. И Митревски успева низ сите овие балкански простори да проговори за нештата кои се слични, а сепак ја носат секој својата специфика.

Тој го спојува Балканот, но и го раздвојува токму во духот на новото време, кое не може да остане надвор, но не може ни да ја задржи внатрешноста. Навидум комични, но станува збор за исклучително силни сцени, кои од една страна го доловуваат целиот апсурд, но од друга успеваат во целата таа „мешаница“ да проговорат и за поединечните трагични судбини фатени во вителот на целосната бесмисла. Над се`, во целото свое патешествие тој сепак ќе ја постави Македонија или можеби Балканецот преплашен од се` што му се случува, за од својот пат, кој е многу точно исцртан поминувајќи низ различни фази, да се врати сосем изменет. Како што всушност ќе му претскаже баба Зумбула, која е спојката меѓу старото и новото, која е симболиката во неговиот сон, меѓата после која веќе ништо не може да биде исто. Ист е веројатно само менталитетот, оној неуништлив, единствен менталитет на кој Митревски гледа со симпатија, порачувајќи дека новото време не значи негација на сопствениот идентитет туку негова надградба.

Водејќи го многу духовито, дури и урнебесно филмот, Митревски во него ќе вметне многу цитати, симболи и ликови истовремено како да сака да не се пресмета со старото, напротив, токму од него да црпи и на него да се надгради. Тој успева тука да направи своевидна посвета и на своите филмски херои, на филмските пораки и предрасуди и со тоа својот филм да го направи многу поуниверзален бидејќи Балканот не е ништо друго, туку дел од светот, дел од еден универзум, дел од филмската слика, дел од меморијата... Навидум, а и во жанрот на комедијата, „Бал-кан-кан“ со својот пародичен пристап и со своето раскринкување на балканскиот идентитет и на сето она што се подразбира под него, е многу повеќе од тоа. Со други зборови, „Бал-кан-кан“ е многу комплексен филм, со автентична сценографија, со вешто вклопена костимографија и многу ефектна, сугестивна надградба во музиката на Џајковски, во која на совршен начин функционираат старото и новото. Филмот има добра фотографија, многу прецизно водена и извонредна режисерска структура.

„Бал-кан-кан“ е дело со повеќе значења во себе, дело кое се претвора во своевиден омаж, во своевидна посвета на Балканот, на се` она што тој значи во позитивна и во негативна смисла, на се она што било и е дел од него, но и на сето она што Балканот го прави одбивен или примамлив. Ова е дефинитивно многу прецизно подготвен проект иако на прв поглед делува многу лежерно. Факт е дека Митревски со ова дело успева да ја покаже својата зрелост како филмски автор и да направи дело по урнекот на неговите омилени вестерни, дело кое ги има сите елементи да биде комерцијално, но кое од друга страна носи голема комплексност во себе.

„Бал-кан-кан“ е дело на своето време и дело кое извира од своето поднебје што можеби ќе биде тешко со целата метафоричност да допре до луѓето кои не се запознаени со овој менталитет, со оваа традиција и историја. Тоа нема да го направи помалку гледлив, но може да го спречи вистинскиот допир, вистинската комуникација и порака, што би било штета и што е можеби единствената замерка за овој филм. Бидејќи Митревски, заедно со извонредните актери, мислејќи првенствено на Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Тони Михајловски и Алфредо Марџота, кои играат со една фантастична природност, но мислејќи и на сите епизоди, помали или поголеми, вклопени многу успешно во филмот. Митревски успева да направи добар филм, автентичен, изворен, успева во него да ја раскаже балканската приказна, филмски, ведро, оригинално, без нималку патетика. Онака како што не сме научиле да гледаме на работите, отворено, докрај искрено и без скриени намери. „Бал-кан-кан“ е една непретенциозна лекција, дека Балканот е нешто многу повеќе од Балкан или дека тоа е Балканот само треба на него да гледаме без негативниот предзнак балкански. (13.02.2005)

No comments: