Friday, November 7, 2008

Остров (The Island)


Островот на (не)совршенството

Кон „Остров“, режија: Павел Лунгин; сценарио: Дмитри Соболев; фотографија: Андреј Зегалов; музика: Владимир Мартинов; улоги: Пјотр Мамонов, Виктор Сукоруков, Дмитри Дјузев, Јури Кузнецов, Викторија Исакова, Нина Усатова; Русија 2006 година

Деветтото издание на Мотовунскиот филмски фестивал се затвори со рускиот филм „Остров“ на Павел Лунгин, меѓутоа токму поради тоа што овој филм беше прикажан на самиот крај, а и поради тоа што не беше дел од официјалната интернационална натпреварувачка програма, се чини, дека ова исклучително остварување не го доби вниманието кое го заслужува. Навистина, годинава во Мотовун главната програма беше многу силна и имаше голем број силни и комплексни остварувања, па сепак „Остров“ се издвојува по многу нешто.

Павел Лунгин во својот главен лик, отец Анатолиј (Пјотр Мамонов), ќе успее на волшебен начин да го рефлектира целиот универзум. Бидејќи, контроверзниот лик на отец Анатолиј на многу нивоа ги симболизира животот и смртта, допирајќи го на најсуров начин најлошото во животот и најдоброто во смртта. Животот и неговата опачина, живот во кој не може да се пронајде смислата, не може да се пронајде местото на кое припаѓаме, не може да се пронајде мирот. Но, и смртта, посакуваниот мир кој не може да дојде ако не расчистите со бремето кое го носите во себе.

Отец Анатолиј на својот грб го носи најтешкиот грев, гревот поради предавството, поради убиството на својот капетан за да го спаси својот живот, кога за време на Втората светска војна тие ќе бидат заробени, гревот заради кукавичлукот. Тој грев ќе го одбележи целосно неговиот живот, но и неговата смрт, бидејќи колку и да ја посакува таа не доаѓа. Не, се додека не го прифати животот, бидејќи нивната поврзаност е неизбежна.

Од друга страна, Лунгин фантастично ја насликува малата религиска заедница на островот каде што Анатолиј поминува 30 години, во која на многу едноставен начин ќе долови една фасцинантна лепеза на карактери. Анатолиј, кој ќе се прочуе како видовит и исцелител, е единката која оди наспроти ветрот, тој е се` што една заедница со зацртани правила не може да поднесе. Но, Лунгин низ одлично дозираната доза на хумор ќе го покаже и позитивното и негативното во осамениот манастир на островот, и тесноградоста и ширината, и стравот и отвореноста да се прифати поинаквото, и моќта на верниците и на неверниците, и силата да се верува во излезот и онаму каде што го нема.

На крајот филмот кулминира со иронијата, иронијата која како противтежа секогаш си игра со екстремите. Кукавичлукот на Анатолиј е најсурово казнет, но и простен кога на крајот ќе го добие толку бараниот мир. Неговиот капетан кој всушност преживеал и сега е адмирал, инаку човекот кој не се плаши од ништо, принуден е да бара помош за неговата ќерка која се бори со демони, соочувајќи го таткото со една сосем друга страна на животот, страна која никогаш не сакал да ја види.

Надополнет со мноштво ликови кои доаѓаат кај отец Анатолиј да им помогне, а кои се борат со своите предрасуди и верувања, надополнет со прекрасниот пејзаж на островот, на морето и пространството кои можат да бидат многу студени, но и полни со живот, прекрасни во својот мир и исчекување, го претвораат овој филм во една совршено сложена слика, во која повторно се отсликува целиот универзум со сите контрасти во него. „Остров“ е еден особен филм кој успева да го долови совршенството, да го наслика светот и целата негова комплексност низ едно навидум мало парче несовршенство. (28.07.2007)

No comments: