Thursday, December 4, 2008

Интервју со Чарлиз Терон (Interview with Charlize Theron)


Не сакам да живеам во сенка на минатото

Јас сум граѓанин на светот, не сум Американка, таму само правам филмови, изјави холивудската актерка Чарлиз Терон

Чарлиз Терон на Фестивалот во Каиро дојде заедно со својот партнер Стјуарт Таунсенд. Интересирањето беше неверојатно и за неа, но и за нивната врска и соработка на филмот „Битка во Сиетл", кој се прикажа во Каиро. Чарлиз Терон навистина плени, не само поради својата природна убавина туку и поради едноставноста, природноста и непосредноста. А особено затоа што не живее во облаци, туку сака да нагласи дека и таа е една од нас која само го работи тоа што го сака и има среќа да работи на проекти на кои е неверојатно горда.

Она што е карактеристично за Вашите улоги е големата трансформација што успевате да ја постигнете и секогаш да бидете различни. На што се должи тоа, дали се работи за тотално соживување со ликот и желба да се биде оној другиот во вистинската смисла на зборот или можеби тука има и мала потреба за бегство?

Јас уживам во работата, дури понекогаш ми е тешко да ја наречам работа. Тоа е нешто што навистина го сакам. А оној дел што најмногу го сакам е токму трансформацијата. Мислам дека најтешката работа за мене како актер е нешто навистина да предизвикам кај гледачот. Сакам да одам во кино и сакам кога актерот, писателот, режисерот, снимателот, продукцискиот дизајнер ќе направат да заборавите на се'. Јас се обидувам да го постигнам тоа секогаш кога работам.

А што беше пресудно да ја одберете токму оваа професија?

Мојата кариера, всушност, почна како балерина, 12 години бев балерина. Мајка ми ме запиша во балетско училиште кога имав четири и пол години, бидејќи бев хиперактивна и таа не знаеше што да прави со мене, сакаше да ме смири и да се фокусирам на нешто. Но, по 12 години докторот ми кажа дека ако продолжам да играм, на 19 години ќе треба да се пензионирам поради колената. Во трагањето по нешто кое би го заменило играњето кое многу го сакав, открив дека ме фасцинира глумата, одењето на сцена и кажувањето приказни. Тогаш мајка ми ми рече дека треба да одам во Холивуд, дека таа не знае друго место на кое се прават филмови. Сега кога ќе погледнам назад, мислам дека тоа беше смешно, но од друга страна, таа беше во право, бидејќи сега сум тука и работам нешто што многу го сакам.

На Фестивалот во Каиро сте со филмот „Битка во Сиетл", кој говори за демонстрациите во Сиетл, но носи и една многу интересна палета на ликови. Каква беше соработката со Стјуарт Таунсенд и колку беше тешко да го одвоите приватното од професионалното?

Ние сме работеле на неколку филмови заедно, но сега првпат ми беше режисер и, верувајте, многу сака да ми кажува што да правам. Се шегувам, всушност, многу е тешко за мене да зборувам за режисерот на „Битка во Сиетл", бидејќи луѓето ги сфаќаат моите одговори како пристрасни. Имаме голем респект еден спрема друг како уметници, се охрабруваме, се поддржуваме, јас сакам тој да биде најдобар, тој го сака тоа за мене. Но, кога работиме, многу сме професионални. Вистината е дека Стјуарт е еден од најдобрите режисери со кои сум работела и тоа беше неверојатно лесен процес за мене. Стјуарт е многу одреден и знае што сака, а за актерот така е навистина многу полесно.

Иако имате веќе над 30-ина улоги, сепак, најинтригантна е улогата во филмот „Монструм", која Ви го донесе и „Оскарот", а и светската слава. Интересно е дека и тогаш, а и сега сите се прашуваа зошто се нафативте да ја играте Ајлин Вурнос, жената која буквално сите ја мразеа?

Кога го прочитав сценариото за „Монструм", а бев меѓу првите што го прочитаа, сфатив дека сум поврзана со неа и дека има нешто што можам да го споделам со неа. Има нешто многу емотивно во нејзината приказна, нешто што силно ме погоди. Она кон што веднаш се наклонив е фактот дека тоа што сите го знаеја за Ајлин беше на површината, сите знаеја дека таа е луда, дека е убиец, дека е лоша, зла. Не велам дека таа не ги сторила тие ужасни нешта, но таа е човечко суштество. Таа не беше таму со цел, таа дури и не знаеше што ќе се случи, таа само го живееше својот живот, а одеднаш се најде во околности кои никогаш не ги барала, но поради кои нејзиниот живот никогаш повеќе не можеше да биде ист. Тоа за мене беше неверојатно моќно. На неа гледав како на многу луѓе, како на многу жени кои го живеат својот живот и се обидуваат да преживеат.

Колку повеќе ја откривав нејзината приказна, станував се' пофасцинирана од тоа како некој може така да се смени. Потрошив две и пол години во истражување на нејзиниот лик, читав се' што ќе ми дојдеше под рака. Потрошив два дена со нејзината најдобра пријателка на која таа и' пишуваше секој ден додека го чекаше извршувањето на смртната казна. Ги прочитав писмата и колку повеќе читав толку повеќе се обидував да се соживеам со неа. Не значи дека се согласував со неа, туку само сакав подобро да ја разберам. Имав и неверојатен тим кој работеше на овој филм. Сите заедно сакавме да ја разбереме големата вистина во тој момент и се' што правевме и биравме да правиме беше искрено и вистинито.

Овде во Каиро добивте понуда од една египетска режисерка да играте во нејзиниот филм. И филмот „Монструм" го режираше жена. Еднаш изјавивте дека сте многу среќна кога ќе сретнете жени-режисери. Има ли нешто поинакво во сето тоа, дали можеби пристапот е поинаков или емотивноста?

Да, точно е, сакам да работам со жени-режисери, секогаш сум возбудена околу тоа. Всушност, сакам да работам со режисери од цел свет. Јас сум граѓанин на светот, не сум Американка, потекнувам од Јужна Африка, таму само правам филмови. Сакам да работам со режисери кои доаѓаат од секаде. Големината на оваа индустрија е што може да раскажува приказни, приказните се универзални, тие зборуваат за животот на луѓето, тие се вистинити. Кога приказната е добра, не е важно кој е режисер, кој е актер или каде таа се снима, добра приказна поминува граници, националности и јазици. За мене е најважно да кажеш добра приказна. Годинава снимив еден филм според книгата „Пат" на Кормак Мекарти, која многу ја сакам, тоа е прекрасна сторија и многу сум горда што работев на неа.

Во филмот „Животот и смртта на Питер Селерс" ја игравте познатата актерка и убавица Брит Екланд. Но, целото внимание околу овој филм, чија премиера се одржа во Кан, всушност, беше околу ликот или феноменот на Питер Селерс. Како Вие ја доживеавте оваа вистинска сторија за големиот француски актер?

„Животот и смртта на Питер Селерс" е еден од моите омилени филмови на кои сум работела. Тоа е омаж за Питер Селерс, за една компликувана, интересна, но неразбрана личност. Тој филм е и смешен, но истовремено носи и еден неверојатен извор на болка и лутина, бидејќи тој навистина се борел да преживее. Селерс имал проблем да живее во својата кожа. За мене тој е интересна личност од чиј живот сакате да сте дел, затоа што постојано го чувствувате тој вриеж, тој немир, таа потрага.

Годинава го имавте филмот со Гилјермо Аријага „Запалена ливада", кој повторно носи една многу контроверзна приказна. Аријага е еден особен автор кој создаде неколку исклучителни приказни. Со кого друг би сакале да работите?

Аријага е нешто посебно, ги обожавам неговите филмови „21 грам", „Аморес перос", „Вавилон". Тој ми беше дефинитивно еден од омилените автори со кого ми се оствари желбата да работам. Инаку, многу сакам да работам и со Австралиецот Баз Лурман. Интересна е една случка кога ме прашаа со која актерка сакам да работам, реков дека многу ја сакам Френсис Мекдорманд и излезе дека во текот на една година работев двапати со неа. Се надевам сега нема да се случи тоа, но многу би сакала да работам со Дениел деј Луис, тој е неверојатен, секогаш ме фасцинира кога го гледам. А би сакала да снимам и со Џереми Ајронс или со Хелен Мирен.

Едно класично, но важно прашање, дали успехот Ве промени?

Се чувствував благословено и среќно дури и пред „Монструм", се чувствував како жена од Холивуд и бев среќна што имав можност да работам. Кога го работев „Монструм", бев неверојатно горда. Сметав дека сум многу привилегирана во мојата кариера. Ноќта на „оскарите" бев трогната, тоа беше фантастична ноќ, незаборавна, но кога ќе се разбудите, животот оди понатаму. Не сакав да мислам премногу на тоа, не сакав да живеам во сенка на минатото. И не живеев. Направив вистински избор и продолжив со својот живот. Благодарна сум на тоа што бев и сега сакам да продолжам со мојата работа и да се предизвикувам и понатаму самата себеси на различни начини.

No comments: