Friday, October 24, 2008

Девојки од соништата (Dreamgirls)


Експлозивна музичка разгледница од шеесеттите

Кон „Девојки од соништата", режија и сценарио Бил Кондон; фотографија: Тобијас Шлислер, музика: Стивен Траск; улоги: Џејми Фокс, Џенифер Хадсон, Бијонсе Ноулс, Еди Марфи, Аника Роуз, Дени Гловер; САД 2006 година

Кога би рекле дека филмот „Девојки од соништата" на Бил Кондон е амбициозен и добро направен мјузикл, тоа и не би било некој голем предизвик за гледачите бидејќи факт е дека овој жанр, и покрај неколкуте атрактивни обиди последниве години, баш и не буди некој интерес. Тоа и се докажа со последниот мјузикл „Продуценти", кој беше номиниран за „Златен глобус", па и со „Мулен руж" иако крена прав, но главно од други причини. По единствениот успех на „Чикаго" од 2002 направен според кореографијата на Боб Фоси, каде што Бил Кондон го потпишува сценариото, ова се чини е втор мјузикл кој ја наоѓа правата формула. Дури, кога говориме за „Девојки од соништата" слободно би можеле да кажеме дека во споредба со претходно споменатите овој мјузикл има неколку предности.

Првата е дека во својата доста долга филмска приказна за патот на успехот акцентот го става на оживувањето, пред се`, од музичка гледна точка на возбудливото време на 1960-тите, а втората е дека неговата приказна не ја раскажува односно нарацијата не ја води низ музичките перформанси на протагонистите туку музичките точки се нејзино надополнение. Да кажеме веднаш, тоа не значи дека приказната за бескрупулозноста на музичкиот бизнис е неговата силна страна, туку тоа значи дека немаме класичен мјузикл. Ова е филм посветен на музиката, филм чиј мотив и појдовна точка е музиката, но таа не ја презема нарацијата, барем не во поголемиот дел. Режисерот Бил Кондон ќе направи само неколку сцени во кои нарацијата е искажана преку музиката, тогаш кога сака да го потенцира емотивниот пресврт или кулминација. Во другиот дел филмот на добар начин успева да остане мјузикл, а сепак совршено да му соодветствува на времето, како филм кој навистина експлозивно, но многу реалистично ја раскажува приказната за триото девојки кое во 1960-тите години ќе се обиде да стигне до врвот.

Таквиот пристап на Бил Кондон изгледа дека е вистинската формула. Тој ќе успее да направи еден таков спој во кој многу ефектно ја раскажува приказната поместена во 1960-тите, приказната за сонот на девојките, која на својот пат до успехот ќе се претвори во нешто сосем друго, а од друга страна без да се обиде да го осовремени жанрот. Напротив, „Девојки од соништата" и покрај амбицијата и големиот влог во музичките точки не делува како нешто на кое му минало времето, туку на филм кој на ефектен начин успева тоа време да го оживее.

Другото ниво на игра во овој филм е паралелата која тој ја прави со приказната за девојките од познатата група „Сјупримс“ од 1960-тите години иако приказната во овој филм е, всушност, измислена. Интересно е дека врз основа на вистинската сторија за оваа група во која Дајана Рос ќе го преземе водството од Флоренс Балард, која умира на 32-годишна возраст од сиромаштија, е направена и приказната во овој филм во кој Бијонсе ја игра Дина Џонс, девојката која ќе го преземе водството во групата. Далеку подобрата Ефи (Џенифер Хадсон) ќе изгуби во трката за славата, но во филмската приказна неправдата по девет години ќе биде исправена, додека Дина Џонс во текот на сите тие години на успехот исклучително многу потсетува на Дајана Рос, и во стилот и во поглед на музиката. Сето ова го прави филмот провокативен и од сценаристичка гледна точка (сценариото е на Кондон според книгата на Том Ејен, направена специјално за успешниот бродвејски мјузикл од почетокот на 1980-тите), иако во суштина станува збор за клише, за една банална приказна која има многу слабости.

Меѓутоа, со оглед на тоа што сите тие елементи Кондон ќе им ги подреди на бројните музички точки (изработени до перфекција), нивните слабости и не го прават овој филм помалку ефективен. Напротив, неговиот стил е фасцинантен, времето многу автентично, а изгледот, фризурите, костимите и кореографијата се експлозивни и раскошни во една фантастична палета на бои. Навистина, во позадината на овој филм одат многу сериозни теми, покрај главната за бескрупулозната манипулација како неминовната формула за успех, тука е и борбата со расизмот, со бурното време на протести, со предрасудите и борбата да се успее во светот на белите богаташи до вчера недостапни за афро-американскиот бизнис. Има тука и други приказни за потеклото на валканите пари, за поврзаноста со мафијата, за подеднакво манипулативниот свет на филмот. Но, во целиот тој контекст примат, сепак, има емотивната приказна за губењето или одземањето на сонот, како и приказната за пријателството и за семејните вредности. Како и да звучи сето тоа, во оваа динамична и жестока музичка сторија симпатично е вклопено.

За успехот на филмот во многу придонесуваат и одличните улоги на Џејми Фокс и Еди Марфи, и на дебитантката Џенифер Хадсон (го освои „оскарот“ за споредна улога) која е навистина зрела, сигурна и многу убедлива наспроти Бијонсе, чии актерски способности се навистина многу скромни. Споредните улоги на Аника Роуз, Кеит Робинсон и Дени Гловер се исто така солидни, а изборот на музиката и оригиналната кореографија на Мајкл Бенет преземена од бродвејскиот мјузикл, како и целиот визуелен раскош на овој филм успеваат да го оживеат сонот и овој, во суштина скромен филм, да го направат ефектен и гледлив. (7.04.2007)

No comments: