Friday, October 31, 2008

Кралство (The Kingdom)


Бестрашните Американци ја спасуваат Саудиска Арабија

Кон „Кралство"; режија Питер Берг; сценарио: Метју Мајкл Карнахан; фотографија: Мауро Фиоре; монтажа: Колби Паркер и Кевин Штит; специјални ефекти: Грег Хендриксон; музика: Дени Елфман; улоги: Џејми Фокс, Џенифер Гарнер, Крис Купер, Џејсон Бејтмен, Ашраф Баром, Али Сулиман, Џереми Пивен; САД 2007 година

Филмот „Кралство" на Питер Берг е приказна за Блискиот Исток, приказна за кралството Саудиска Арабија, но видена со очите на Американците. Интересно е дека филмот оди дотаму што ја раскажува приказната уште од 1930-тите години па наваму, а тоа значи приказната за нафтата и за сојузот со Американците, за поделбата во самата Саудиска Арабија меѓу оваа подоцнежна проамериканска монархија и милитантните вехабисти, за губењето на респектот на саудиската елита од страна на религиозните конзервативци итн, итн. Сето тоа, како што рековме, видено од Американците кои, се разбира, тука се за да ги спасат добрите и напредни сили од лошите, милитантните, од опасните командири кои перат мозок и учат на екстремно насилство. „Кралство" е филм за тоа дека американското присуство е потребно во оваа земја бидејќи тие се нивната безбедност, „Кралство" е филм во кој Америка и помага на Саудиска Арабија како да се реши од терористите, со други зборови, „Кралство" е филм кој е отворен одговор или замена на она што требаше Америка да го стори или да значи за Ирак. Премногу провидно и премногу „американски", но ние сепак ќе се обидеме да проговориме за тоа како овој филм, кој буквално ја брани американската надворешна политика, е направен.

Филмот започнува со тоа како Саудиска Арабија е основана, како е откриена нафтата, како веднаш по тоа е направен првиот сојуз со Америка. Филмот зборува за ембаргото кое во 1970-тите ќе и биде ставено на Америка поради поддршката на Израел, па се до нападот на Ирак на Кувајт во 1990 и помошта од страна на Американците, која Осама бин Ладен ќе ја осуди нарекувајќи го „несвет сојуз". И од тогаш па наваму „евидентниот податок" дека терористичките напади рапидно се зголемуваат.

Она што во сето ова е интересно е обидот на сценаристот Метју Мајкл Карнахан и режисерот на овој филм, Питер Берг, да проговорат и навидум да ги осудат интересите на Америка во овој дел на светот, да проговорат за мешањето во нивната политика иако крајот и целото водење на приказната јасно става до знаење дека тоа е потребно и дека носи многу повеќе добро отколку лошо. Во еден момент Џенифер Гарнер, која игра еден од агентите на ФБИ, ќе рече дека Ал Каеда ја изгубила првата фаза од оваа војна, дека ова е нова фаза и дека ако сте човек со модерни сфаќања тогаш нема да ги пуштите овие талентирани убијци.

И, се разбира, американските агенти нема да се откажат од својата задача да одат во Саудиска Арабија и да ги истражат најновите терористички напади на американската населба, на работниците кои работат на нафтените полиња и на нивните семејства, во момент кога децата играат софтбол. Многу вешто е изведена приказната за тоа како американските агенти заедно со директорот на агенцијата се храбри и решителни, како се подготвени по секоја цена да одат во Саудиска Арабија и да влезат во гнездото на терористите бидејќи, како што ни е објаснето во филмот, ФБИ оди секогаш кога во странство се нападнати американски граѓани.

За храброста да не зборуваме бидејќи откако ќе тргнат во нивната мисија тие се исклучително вешти и снаодливи, веднаш ги гледаат трагите кои саудиската полиција не може или не смее (поради мноштвото закони и правила во оваа земја во коа има „жесток судир меѓу модернизмот и традицијата") да ги види. Тие веднаш ќе стигнат и до принцот на Саудиска Арабија, кој им дава пет дена за заедно со добриот саудиски полицаец да ја завршат нивната мисија.

Филмот визуелно е направен извонредно. Акциските сцени се екстремно динамични, прецизни, фасцинантни, агентите се исклучително вешти, од сцените на борба ви застанува здивот, а монтажата е толку брза и совршена, речиси невидлива, правејќи ова остварување да делува исклучително природно и атрактивно. Саудијците и целата сценографија се многу автентично доловени, некако станувате свесни за целата мистериозност, ограниченост и ризик кои одушевуваат и покрај застрашувачкото чувство, за од друга страна многу мудро да е прикажана паралелата. Онаа паралела која кулминира со човечноста и цивилизираноста наспроти фанатичноста која нема граници, имено, главната база на терористите е сместена во една семејна куќа полна со жени и деца, кои се обучени не само за војна туку и за себежртвување.

Целиот актерски ансамбл предводен од Џејми Фокс, Џенифер Гарнер, Крис Купер и Џејсон Бејтмен доби номинација за наградата на американскиот актерски еснаф (SGA). А нивните улоги во целиот тој контекст на наместени игри, детали, предвидливост и патетичност е толку лош, што освен вешто изведените акциски сцени, всушност, не ви е јасно за што станува збор. Филмот бесрамно завршува со истата реченица кажана и кај Американците и кај Саудијците, дека се желни за одмазда. И да, мора да признаеме дека додека ги гледаме не придобиваат со својата вештина и храброст да влезат во осилото од стотина борци и сите да ги убијат, не фасцинираат со својата бестрашност и одење докрај, со својата жртва за нивните соборци, со својата жртва да го спасат светот, и со човечноста дури и кога се наоѓаат во најголемата опасност.

Вовлечени сме во осудувањето на Ал Каеда бидејќи, нели, она е секаде замешана, во осудувањето на милитантните Сауди и нивната подготвеност да ги жртвуваат своите деца, и во згрозеноста од нивниот фанатизам. За на крајот да се запрашате, до кога Американците ќе ни зборуваат за своите жртви во Виетнам, за своите жртви во Ирак, за својата невиност и суровост со која неправедно се нападнати во овој филм, во земјата на еден од „нивните ретките сојузници на Блискиот Исток"? До кога ние ќе им веруваме и ќе се одушевуваме на нивните филмови, до кога ќе сочувствуваме со нив? Веројатно, се додека нивната индустрија е толку доминантна и заводлива па во сето тоа не можеме да се снајдеме. А ако им веруваме на филмовите, тогаш зошто не чуди стварноста? (10.01.2008)

No comments: