Wednesday, October 29, 2008

Боли ли? (Does it Hurt?)


Болно парче македонска реалност

Кон „Боли ли?", режија и сценарио: Анета Лешниковска, фотографија: Ленарт Хилехе; монтажа: Игор Андреевски; улоги: Ирена Ристиќ, Висар Вишка, Бошко Бозаџиевски, Даниела Стојковска, Милијана Додевска, Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ; Македонија 2007 година

За премиерата на новиот македонски филм „Боли ли?" на Анета Лешниковска во Скопје имаше огромно интересирање. Едноставно, киносалата „Фросина" беше премала да ги прими сите кои беа дојдени на овој настан. А тоа и не беше чудно со оглед на интересирањето кое за овој филм владееше цело време. Како прва македонска, но и балканска „догма", која влезе во конкуренција во Ротердам, а освои и награда за иновативност на Бермудите, што на Анета и ја врачи Ричард Драјфус, овој филм доби внимание какво што на почетокот кога тргна, речиси без буџет и само со холандска поддршка, не можеше ни да сонува. Меѓутоа, мора да кажеме дека „Боли ли?" тоа и го заслужи или уште подобро си го заработи.

За оние кои го гледале „Идиоти" на Ларс фон Трир, со кој и беше инаугуриран „догма" стилот, овој филм има многу слична концепција и идеја. Но, додека во „Идиоти" Фон Трир според насловот гради и одредена замислена драматуршка структура, без оглед на тоа што целиот филм навидум тече спонтано и непредвидливо, во „Боли ли?" Лешниковска сепак се определува сценариото, за едно мало парче од македонската реалност, да го пишува напоредно со снимањето. Таа ги остава приказните на нејзините протагонисти да се испишуваат сами, во рамки на концептот на снимање филм во филм, дотаму што апсолутно се потпира на спонтаниот развој на нештата и на автентичноста на својата и на останатите приказни и карактери. Меѓутоа, таквиот развој на филмот, сепак, ќе се покаже како недоволен за да се заокружи една идеја.

Интересно е дека авторката на почетокот ќе успее да испровоцира една ситуација и да ја долови спонтаноста на атмосферата, додека на нејзиното друштво му ја кажува идејата за снимање на еден филм во кој сите ќе се играат самите себе. Филмот почнува и се развива многу добро се` до оној момент кога е потребна интервенција на режисерот или провокација за тие приказни да можат да ја задржат внатрешната тензија. Имено, се наметнува фактот дека и во еден ваков вид на филм работите сепак мора да се водат во одреден правец, навистина многу невидливо и суптилно но, сепак, без тоа развојот и сето она што се случува во него се разводнува.

Филмот не успева да се искачи горе, да достигне одредена кулминација и да ја исцрта својата поента. И тоа е она што ве остава без емоција или одредена реакција иако филмот има многу позитивни страни, и навистина успева да ја долови таа карактеристична атмосфера и тоа во своето автентично окружение, што не е ни малку лесно. Приказни има, некои повеќе развиени, некои помалку, но како што рековме, ја нема вистинската поента која сето тоа би го врзала.

Инаку, камерата (од рака) на Холанѓанецот Ленарт Хилехе е навистина одлично водена и во филмот има прекрасни кадри, особено кога си игра со ликовите и со нивните реакции. Кај актерите често се чувствува оној напор да глумат дека не глумат, но мора да се признае дека се исклучително експресивни што Хилехе добро ќе го искористи, посебно кај Ирена Ристиќ, Висар Вишка и Бошко Бозаџиевски. Тука, секако, мораме да ја издвоиме и сексуалната сцена која делува помалку откачено, смело и во секој случај многу симпатично во својата мешавина на спонтаност и креативност, а која според Лешниковска е и најзаслужна за наградата за иновативност.

„Боли ли?" е, секако, многу солидно деби на Анета Лешниковска, особено што се нафати со „догмата", која колку што е осободена од секакви вештачки интервенции, таа сепак од друга страна е многу тешко да се изведе. Првенствено поради апсолутната спонтаност која е многу тешко да се „фати“, а потоа и заради пресликувањето на стварноста која никогаш не може да се имитира самата себе и во сето тоа да го задржи природниот тек на нештата. Но, филмот носи една симпатична лежерност, досетливост и откаченост, успева да ја долови карактеристичната летаргична состојба со која сме опкружени, а прави и добра паралела со присуството на Холанѓанецот. Во секој случај, ова е вреден и интелигентен обид кој на Лешниковска и ги отвори вратите, и тоа заслужено. (2.05.2007)

No comments: