Tuesday, October 28, 2008

Репортажа за Карлови Вари, Чешка (Reportage for Karlovy Vary, Czech Republic)


Карлови Вари е чешкиот скапоцен камен

Овој исклучителен град е парк, декорација, тој е богатство и стил, историја и сегашност, љубов и фасцинација. Карлови Вари дише со здивот на едно поинакво време, време преполно со убавина, со уметност, со фантазија, со силно пулсирање на животот, со отвореност, со независен дух

Во чешкиот град Карлови Вари се вљубувате на прв поглед и тоа првенствено заради неговата прекрасна архитектура, а потоа и заради духот што овој град го носи. Карлови Вари ве плени веднаш со боите, со особениот стил, со богатите декорации, кули и замоци сместени на различни нивоа, што го овозможува шумовитиот и планински предел. А се` заедно со својот фасцинантен изглед ве внесува во светот на сказните. Тој едноставно дише со здивот на едно поинакво време, време преполно со убавина, со уметност, со фантазија, со силно пулсирање на животот, со отвореност и со независен дух. Но, она што е интересно е дека Карлови Вари, градот кој го открил чешкиот крал Карло IV во 14 век, и покрај препознатливиот стил олицетворен во архитектурата и уметноста, сепак, суштински не се врзува само за едно време или уметнички правец, туку во себе инкорпорира повеќе изрази кои токму со својот спој ја создаваат неговата уникатност.

Овој град, кој се наоѓа на 130 километри северозападно од Прага, е пред се` бањски град кој целосно лежи на термални извори кои, пак, од своја страна го диктираат и неговиот начин на живеење. Во него има над 70 топли извори од кои 12 се користат во бањски третман и тоа за лекување на болести врзани со дигестивните органи и со метаболичките нарушувања. Но, иако овој град годишно го посетуваат 50.000 пациенти од 80 земји и уште 2 милиони посетители кои престојуваат пократко во него, тој воопшто не оддава впечаток на лекувалиште, напротив. Во него некако се` му е подредено на туризмот и на младите. Во Карлови Вари се живее и забавува интензивно и тој претставува познато собиралиште на младите од цела Европа.

И не случајно, бидејќи овој исклучителен град со царски изглед воопшто не пати од протоколи, туку на патниците им нуди секакви услови за да им овозможи и да им го олесни престојот. Така, на пример, за време на Филмскиот фестивал (кој се одржува на почетокот на јули) во Карлови Вари не е проблем да се спие по парковите, на клупите, по ходниците во хотелот „Термал“ каде што се одржува фестивалот, како и во кампот на крајот од градот или бројните хостели, апартмани, соби. Во него подеднакво како што имате ексклузивни места, така имате и народни места, пристапни за секого и можност да јадете и да слушате концерти на отворено, на најневообичаените катчиња што можете да ги замислите.

Во Карлови Вари имате ексклузивни хотели, ресторани или бањи, но и прекрасни градби достапни за сите. А во тоа е и неговата единственост, бидејќи во неговиот кралски театар можете да гледате филм во секое време, во импресивниот хотел „Пуп“ и во неговата исто така преубава и пребогата киносала може да влезе секој, а во неговите прекрасно декорирани ходници може да се седи на подот со часови. Во паркот „Колонада“, инаку познат како парк на Антонин Дворжак од крајот на 19 век, кој е преполн со раскошни и цветни декорации и кој дефинитивно има кралски изглед, може секој за миг да отпатува во времето. Можеби секој не може да престојува во познатиот хотел „Империјал“, во кој отседнуваат милионерите и филмските ѕвезди, или во бањата од почетокот на 20 век посветена на австриската царица Елизабета, но факт е дека секој може да ужива и да го почувствува духот на ова место, што со својата патина го создаваат сите овие градби заедно.

Дух присутен насекаде низ градот, кој својот израз го наоѓа низ многу препознатливи парчиња, како барокната архитектура и познатиот стил од крајот на 19 век „арт Нуво“ (во кој, на пример, е изграден неговиот театар кој се смета за скапоцен камен на овој град или главната пошта сместена на самиот плоштад, која на почетокот на 20 век имала најмодерна градба во тогашна Австро-Унгарија), потоа термалните извори кои во колонадата „Спрудел“ фасцинираат со својата моќ и необичност, нивниот жежок здив, но и слатката миризба на чешките вафли, како и особеноста на звуците на тишината, на водата и на извонредниот пулс на животот.

Во Карлови Вари имате многу куќи и споменици во чест на големите уметници кои престојувале тука. Така, во неговиот стар црковен двор се наоѓа Моцартовиот парк, каде што почива синот на Моцарт, потоа тука е куќата на Јоханес Брамс и на Штраус, улицата на Петар Велики, спомениците на Гете, на Бетовен, на Шилер, како и меморијалната плоча на Тургенев. Во него имате англиканска црква направена во неоготички стил, потоа руска ортодоксна црква или високи камбанарии кои се извишуваат од католичката црква „Марија Магдалена“. Но, во него го имате и викторијанскиот парк „Ричмонд“, во кој се наоѓа статуата на еленот, заштитното животно на градот или јапонската градина наречена „зен градина“, која уште еднаш потсетува на неговиот отворен и пријателски однос. Посебно интересно е и постоењето на Музејот на Карл Маркс, кој исто така престојувал овде, но кој по „Сомотската револуција“ во 1989 е заменет со изложба наречена „Свет на колонади“.

А колонадите се нешто што е карактеристично за овој град од 60.000 жители, каде што тоа е и името на нивните најпознати оплатки или кекси. Карактеристични се и плоснатите садови од кои се пие врелата вода, а негов дефинитивно препознатлив знак е слатко-горчливиот ликер „Бехеровка“ откриен од страна на Јан Бехер во 1807 година. Тука, се разбира, е и чешкото пиво кое се произведува веднаш до Карлови Вари, во Плзен и во Крушовице. Карактеристична е и статуата на дивокозата сместена на врвот на гранитната карпа наречена „Еленов скок“, според која е декорирана и амбалажата на „Бехеровка“.

А тука е и палатата на стаклото, чија уметничка изработка е исто така препознатлив знак за Чешка, како и прекрасните замоци и кули, кои се чини во Карлови Вари се споени со небото. Навечер под светлината на месечината целиот овој град добива нестварен изглед. Изглед и чувство кои ги понесувате со себе од ова волшебно место, во кое се споени историјата и сказната со „арт Нуво“ и со авангардниот дух што во него го носат и сите оние патници кои се во потрага по едно исклучително животно искуство.

Карлови Вари е остварување на сказните и отворање на вратите кон слободното живеење во кое може да се доживее се` што ќе посакате, зависно единствено од сопствените граници и лимити. Карлови Вари е парк, декорација, тој е богатство и стил, историја и сегашност, љубов и фасцинација, тој е уметност и филозофија, вера и надеж, Карлови Вари е се` што очекувате од т.н. Куќа на златниот клуч (која навистина постои и датира од 1960, каде што беше сместен и Музејот на Маркс), а која во соништата ве води токму онаму каде што се` е возможно. Бидејќи, овој исклучителен град во тоа навистина многу лесно може и да ве убеди. (18.07.2006)

No comments: