Friday, October 3, 2008

Грбавица (Grbavica)



„Грбавица“ е филм за трагедијата, но и за убавината

Кон „Грбавица“, режија и сценарио Јасмила Жбаниќ; фотографија Кристина Маер; музика Енес Златар; улоги: Мирјана Карановиќ, Луна Мијовиќ, Леон Лучев, Дејан Ачимовиќ, Богдан Диклиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Босна и Херцеговина 2005 година

„Грбавица“ е филм кој во својата суштина зборува за системот на вредности, но не оној систем кој треба да е даден или кој се подразбира, туку за човечкиот систем на вредности кој го одредува неговиот став кон живеењето. Таквиот однос во оваа приказна, инаку фокусирана на врската меѓу мајката и ќерката, се наметнува не случајно, бидејќи Јасмила Жбаниќ сето тоа го сместува во контекстот на повоена Босна. На една земја која се опоравува од сето тоа што го преживеала, на земја во која луѓето повторно треба да си ги најдат своето место кое е загубено или сосем изместено од своето лежиште. Токму затоа во него имате една лепеза на настани сосем реална и автентична, лепеза во која се меша минатото и сегашноста, во која се мешаат различните стилови на живеење и начин на мислење. Во која на најлош можен начин продира кичот и турбо-фолкот, додека од друга страна, ја имате носталгијата и таква музика или гледање на нештата кои отсликуваат еден сосем поинаков сенс и потреба.

Затоа „Грбавица“ во никој случај не е само филм за љубовта, за приврзаноста, за припадноста или за семејството, тоа не е само филм за спротивставените или за играта на емоции меѓу мајката и ќерката кои животот ќе ги спои на најневозможниот начин. „Грбавица“ се претвора во филм кој говори за најсуштественото, за сопствениот однос кон сето она што ви го дава чувството на човек, чувството на достоинството во него. Емотивноста која се наметнува до болка, кога станува збор за љубовта кон своето дете, со своите осцилации толку многу провоцира што неизбежно го тера гледачот на интроспекција. На поглед во себе, на прашањето како понатаму, како да се биде повторно искрен, целосен, чист, како да се верува, со еден збор како да се носите со болката, а да не ги повредите другите. „Грбавица“ е филм за заздравување на раните, но филм кој сепак вешто ви кажува дека и да заздрават, раните никогаш не исчезнуваат. Со нив мора да се живее.

Јасмила Жбаниќ, дефинитивно, прави добар филм ако зборуваме за темата, за емоциите, за човечките приказни, за атмосферата на едно повоено време. И иако филмот има доста пропусти тој е така воден што се гледа во еден здив и што, секако, емотивно понесува. Би можело да се каже дека во целата нејзина топлина и позитивност има една навистина интересна наивност, кога говориме за сите оние сомнителни нешта што се случуваат паралелно, за сите сомнителни луѓе, зделки, договори. Факт е дека повоеното време ги создава тие можности и факт е дека тие не се нималку наивни, па Жбаниќ не можејќи да ги избегне се обидува сепак да ги вклопи во својата, пред се, позитивно водена приказна.

Има тука доста недовршености кога станува збор за ликовите, има доста неприродни сцени и би рекле незаокружени „парчиња“, има дури и видлива тенденција и извештаченост во пријателството на младата Сара со момчето од училиштето. Но, филмот е така воден до целта, што тие елементи и назнаки, сепак, ја доловуваат потребната поента, макар и индиректно и некако сигурно водат кон одредената замисла.

Она што на филмот, исто така, му ја дава возбудата и исчекувањето е што така е направен што не ја знаете целата вистина од самиот почеток. За оние кои филмот го гледаат првпат, тој навистина ја има потребната мистерија, ја има непознаницата и исчекувањето, ја носи возбудата во исчекувањето на неговата разрешница, па и надежта до самиот крај. Дури и во некои свои мали наивности, па на моменти и помалку детски пристап, сепак, тој успева да ја добие саканата кулминативност во развојот на приказната.

Во сето тоа, се разбира, многу помага извонредната улога на Мирјана Карановиќ и природноста на малата Луна Мијовиќ. Се друго би рекле дека е далеку послабо и далеку од заокружувањето на една зрела приказна. Контрастите кои овој филм ги носи, генерално делуваат автентично и му ја даваат потребната тензија, па дури и болка, барем за оние кои сакаат и очекуваат животот повторно да почне да тече нормално.

Тоа што е исто така големина, а која се наметнува на крајот, е дека всушност ништо не е изменето, ниту поправено, ниту подобрено, ниту пак може да биде. Напротив, сите прашања остануваат, целата атмосфера е таква, какво што е и бегството - само еден од начините, но се разбира не за секого. Ранетата Босна продолжува да живее, да тоне, да бара спас, да се радува или тагува, нештата течат понатаму, а неговите ликови се обидуваат да се пронајдат во својот свет или надвор од него.

Затоа „Грбавица“ е добар филм, затоа што прави одлична паралела, затоа што автентично ја доловува сегашноста, затоа што навлегува во душата, затоа што говори за нејзините рани и нивното заздравување во една сулуда атмосфера од која ќе треба време и сила да се излезе. А емоциите, љубовта, вредноста и достоинството или потрагата по нив се вечни, непроменливи и многу, многу ранливи. Тегобната атмосфера некогаш е силна, некогаш мрачна, некогаш многу натежнува, а некогаш успева да помине на другата страна, да го разоткрие видикот. Нејзиниот дослух со душата е присутен секогаш иако не секогаш ја има истата сила, впрочем, „Грбавица“ е филм за трагедијата, но и за убавината, тоа е филм кој докажува дека дури и тие две нешта одат заедно, особено кога е во прашање човекот и неговото достоинство.

Затоа „Грбавица“ го заслужи тоа што го доби, бидејќи ова дебитантско дело на Жбаниќ навистина не е само филм, тој е повеќе од тоа, токму онака како што таа сакаше и да биде (надминувајќи ги дури и сопствените политички импликации). (8.05.2006)

No comments: