Wednesday, October 29, 2008

Мама миа! (Mamma Mia!)


Песните на АББА во тин-амбалажа

Кон „Мама миа", режија: Филида Лојд; сценарио: Кетрин Џонсон; музика: Бени Андерсон; фотографија: Харис Замбарлукос; извршни продуценти: Бени Андерсон и Бјорн Улвеус од АББА; улоги: Мерил Стрип, Аманда Сејфрид, Џули Волтерс, Кристин Барански, Пирс Броснан, Колин Фирт, Стелан Скарсгард, САД/Велика Британија 2008 година

Мјузиклот „Мама миа", во кој Мерил Стрип, Џули Волтерс, Пирс Броснан и Колин Фирт ги пеат песните на АББА, направи огромна гледаност во светот. Во Скопје помина речиси незабележано, како и се` друго. Иако, кога станува збор за овој филм, кој го режираше британската театарска режисерка Филида Лојд, донекаде и оправдано, бидејќи се работи за многу слабо остварување. Тоа што филмот се претвори во феномен и во огромен хит заслужни се, пред се`, актерите и атмосферата во него, забавна, оптимистична, урнебесна, весела, заразно поттикнувајќи ве да ги пеете познатите стихови од светските хитови на шведската група АББА. Уште на неговата светска премиера во Карлови Вари овој филм направи бум, создавајќи одлична атмосфера на самото затворање на фестивалот и предизвикувајќи урнебесни реакции поради изведбите на познатите актери, кои не глумат туку навистина ги пеат песните.

Но, освен атракцијата, прекрасните локации на еден од грчките острови, освен убавите бои и пејзажи, музиката и забавата овој филм не нуди ништо повеќе. Целата приказна околу младата Софи (Аманда Сејфрид), која сака да се мажи и нејзината мајка Дона (Мерил Стрип), која на прекрасниот грчки остров држи хотел, е сладникава и површна, без никаква издржана подлога. Се` во филмот, и средбите со пријателките (и кога станува збор за генерацијата на мајката и на ќерката), и настаните кои се` повеќе се вжештуваат со подготвувањето на свадбата, и доаѓањето на островот на тројцата потенцијални татковци на Софи, која се надева дека ќе го најде вистинскиот, е направено на некое тинејџерско ниво. Воопшто не е искористена добрата спрега меѓу времето од кое потекнуваат хитовите на АББА и хипиевската приказна, која се развива околу минатото на мајката на Софи. Сето тоа во овој филм нема никакво значење и не е искористено ниту како приказна раскажана низ музиката или надвор од неа, како нејзино дополнение, ниту низ визуелниот израз. Овде сите тие нешта кои даваат одлични можности за развој на една интересна нарација, се искористени само како некоја комична и еуфорична подлога во чиј контекст ќе се сместат песните на АББА.

Филмот во суштина е бесцелен и празен и освен забавата со изведбите на големите хитови: I have a Dream, Money, Money, Money, Chiquitita, Dancing Queen, Super Trouper, Take a Chance on Me, како и ексклузивноста да се слушнат овие песни од Мерил Стрип, Џули Волтерс или Пирс Броснан, тој не нуди ништо друго освен еден заразен розов оптимизам. Токму поради тоа многу е интересен неверојатниот успех на овој филм, кој досега заработи 150 милиони долари. Интересно е дека студиото „Универзал" му ја даде довербата на истиот тим кој работеше и на театарската адаптација, каде што покрај режисерката Филида Лојд, се и сценаристката Кетрин Џонсон и продуцентката Џуди Крејмер. Навистина тие имаа огромен успех со театарската адаптација, но кога станува збор за филмот, очигледно е дека овој тим нема никакво искуство.

Бидејќи, освен што во филмот нема никаква базична подлога, нема ни емотивен развој, нема поврзаност на настаните, нема значења, нема симболика, нема ништо што би доловило или навестило некаква заокружена идеја. Во него нема концепт ни кога станува збор за музичките точки или за кореографијата. Се` е сведено на некакви адолесцентски штосови, се` е незрело и розово. Единствено неодоливи, како и секогаш, се песните на АББА, по ништо друго филмот не се издвојува. Неговиот голем успех веројатно најдобро зборува за времето во кое живееме и за она што публиката го бара на платното. А се чини дека не бара ништо, освен плакатна забава која трае додека ја гледате и толку.

Мерил Стрип е исклучителна и овде како и секаде. Таа умее да ја донесе емоцијата и во најневозможниот контекст. Џули Волтерс и Кристин Барански се забавни, а на Пирс Броснан оваа улога, дефинитивно, не му стои. Тоа што донекаде е добро, е можеби начинот на кој обичните жители од островот стануваат дел од овие урнебесни музички точки, спонтано, едноставно и симпатично, што на масовните сцени им дава одреден шарм и дух. Убави се пејзажите и носталгијата која лебди во воздухот, исчекувањето и некои нови видици, барањето и неизвесноста исцртани некаде во далечината, над отвореното море или во зајдисонцето. Но, тој предизвик го носи самото место, не и умешноста тој навистина да се долови. Овој мјузикл не носи ништо ново и по ништо нема да се памети, освен по оптимизмот, забавата и ведрото расположение. И веројатно тоа е неговиот придонес, бидејќи тој на одличен начин зборува за нас и за времето во кое живееме. (26.10.2008)

No comments: