Friday, October 31, 2008

Кинг Конг (King Kong)


Убавицата и ѕверот и (не)променливоста на човечките заблуди

Кон „Кинг Конг“; режија: Питер Џексон; сценарио: Френ Волш и Филипа Боенс; фотографија: Ендрју Лесни; музика: Џемс Њутон Хауард; визуелни ефекти: Џереми Бенет; улоги: Наоми Вотс, Адриен Броди, Џек Блек, Енди Серкис, Томас Кречман, Џејми Бел; Нов Зеланд/САД 2005 година

Новата филмска верзија на „Кинг Конг“ во рацете на волшебникот од Нов Зеланд, Питер Џексон, се претвори во вистинска авантура. Страшниот горила Кинг Конг, овој пат сместен на Островот на черепите, го означува влезот во еден друг свет, влезот во непознатото, онаму каде што се споени различните периоди од историјата на оваа планета, а каде што сепак природата и луѓето останале недопрени од развојот и се` што тој носи со себе. На тој начин Питер Џексон оваа приказна за љубовта, предрасудите и (не)цивилизираноста ја прави многу покомплексна и посложена, а можеби и многу појасна и посимболична исцртувајќи го светот од другата страна, оној свет за кој се говори, а кој всушност го претпоставуваме, не го гледаме. Тој со своето волшебништво ќе го направи токму тоа, ќе ни го оживее светот кој несвесно во овој, во суштина едноставен филм, треба да го замислиме, збогатувајќи го со многу визуелни, но и психолошки настани и исправајќи не пред вистинска енигма. Каде е, всушност, нашето место?

Целата псилошка енигма која филмот за Кинг Конг ја содржи, Питер Џексон извонредно ќе ја разработи, прошири и надгради. Тој тука ќе ги задржи оние два света, светот на дивината и на цивилизацијата, но така ќе ги надополни што филмот, од една страна, станува преполн со значења, карактери, судбини и симболи, а од друга, преполн со авантури. Сместен во времето на депресијата во Америка овој филм има фантастична лепеза на ликови, секој од нив одлично разработен, изграден како лик и дефиниран.

Но, од друга страна, сите тие ликови пластично опишани наеднаш ќе се најдат втурнати во дивината, исправени пред борба која човекот едноставно го соголува, бидејќи тука може да биде само тоа што во суштина е, и ништо повеќе. И иако во таа дивина се случуваат страшни работи, многу несреќи, умирања и соочувања со најневозможните суштества, сепак, таа во себе носи една недопрена и чиста убавина, наспроти Њујорк, наспроти цивилизацијата, наспроти луѓето чии амбиции и предрасуди ќе ги пореметат нејзините закони.

Питер Џексон по трилогијата „Господарот на прстените“ навистина се потврдува како епски автор, како еден од ретките виртуози кој може да ги спои времињата, кој може да ги снима најлудите авантури, кој може во своја служба да ги стави сите најнови технолошки достигнувања, а никако да не го заборави човекот. Тој дефинитивно е мајстор за епските приказни во кои измислените суштества си ја добиваат својата реална историја, а вистинските се ставени пред такви искушенија во кои нестварното не им е прибежиште, напротив, пред нестварното тие се ставени на испит.

Во делата на Џексон човекот е дел од најфасцинантните авантури, но не заборавајќи да го соочи со вистинската слика за човечката природа. Тогаш и не е чудно што овој мајстор на современиот авантуристички филм бил обземен со приказната за Кинг Конг. Тој знаел дека овој филм морал да го направи, само го чекал вистинското време. Интересно е дека тој во оваа своја верзија ќе ја испочитува целосно нејзината оригинална верзија од 1933 година, а повторно ќе направи филм кој е адекватен на времето, филм кој ве понесува и кој никако не ве остава рамнодушни.

И времето на депресијата тој ќе го искористи за да го исцрта својот длабок психолошки одраз, ставајќи ги луѓето пред уште посложена задача. Бидејќи, и покрај несреќата со која се соочени, и покрај страшниот пад на човекот во услови на безработица и сиромаштија, сепак, ништо не се менува. Човечката природа си ги има своите заблуди, кои впрочем не ги диктира времето, туку само она што го носиме во себе. Додека наспроти човекот, оптоварен со својата надмоќ кон светот околу себе и со искривеното гледање на работите, тука е Кинг Конг, горилата кој умее да ја препознае убавината, чистината и недопрената човечка душа.

Иако во овој филм ќе се случи и обратното, и тоа е најверојатно најголемата разлика од претходните верзии, и Ен Дероу ќе го препознае истото во ѕверот. Таа фантастична игра Питер Џексон ќе ја развие така што бескомпромисно ќе не соочи со самата суштина на природата, која и покрај целата своја едноставност за многумина и понатаму останува енигма. Се` друго, целата авантура која ќе се случи на Островот на черепите е нејзината надградба, база, нејзиното минато и иднина, се` друго ја зголемува возбудата и очекувањата за на крајот да сфатите или не, дека суштината е всушност многу едноставна.

Со други зборови „Кинг Конг“ е фантастично направен филм. Формално Питер Џексон него ќе го претвори во еден од најубавите авантуристички филмови, додека во суштина тој така ќе ја развие неговата драма давајќи и повеќе нивоа. И тука не говориме само за дивина и цивилизација, говориме за човечката, но и за самата природа, говориме за законитостите кои се подеднакво предвидливи и во двата света. Но додека суровото го има својот логичен тек на настаните, кај софистицираното тоа не е случај. Неговиот тек на настаните е предвидлив, но не и логичен, бидејќи честопати знае да оди против природните закони. Иронијата кон која цело време Питер Џексон не води, на крајот ќе ја искаже во само една единствена реченица, кога и после се` она единственото кое Џек Блек ќе го сфати ќе биде, дека убавицата го убила ѕверот.

А всушност, убавината навистина го уби ѕверот, но онаа неочекувана убавина која тој и покрај се` ја носи во себе, наспроти нехуманоста која станува одбранбен механизам тогаш кога работите излегуваат од нашата контрола или тогаш кога природните закони се противат на она што го очекуваме од нив. „Кинг Конг“ е одлично направен филм, сосем добро дозиран па дури и кога станува збор за мелодраматичноста пренагласена на крајот, свесно и сосем ефектно преку исклучивата комуникација на ѕверот и убавицата. Тоа е филм со прекрасна визуелност преполна со значења, тоа е филм преполн со возбуда, драматичност и истражување, надворешно и внатрешно, истражување кое и денес, како и секогаш, ги има своите закони и заблуди. А Питер Џексон докажува дека нив можете да ги најдете секаде само ако не се поведете и ако не им поверувате на стереотипите. Бидејќи тие, впрочем како и се` друго, ни оддалеку не се тоа во што луѓето сакаат да веруваат. (28.12.2005)

No comments: