Saturday, January 3, 2009

Елизабета: Златно доба (Elizabeth: The Golden Age)


Елизабета I во светот на сапуниците

Кон „Елизабета: Златно доба“, режија: Шекар Капур; сценарио: Вилијам Николсон и Мајкл Херст; фотографија: Реми Адефарасин; музика: Крег Армстронг и А.Р.Раман; улоги: Кејт Бланшет, Клајв Овен, Џефри Раш, Аиме Кинг, Саманта Мортон; Лоренс Фокс, Џон Шрапнел; В.Британија 2007

„Елизабета: Златно доба“ на режисерот со индиско потекло Шекар Капур, кој по втор пат се обидува да го долови сложеното време и личноста на Елизабета I, прави многу амбициозен филм кој ни оддалеку не може да ја заокружи сопствената грандиозна идеја. Капур тргнува од тоа, низ личниот, психолошки свет на Елизабета I (Кејт Бланшет), низ сите стравови и сопствени сомневања, низ нејзините лични емоции и размисли да го долови времето, историјата, силата на една епоха и, воопшто, настаните кои ќе го одбележат времето на нејзиното владеење, па дури и нејзината личност. Но, сето тоа излегува далеку од саканата насока затоа што едноставно е погрешна. Имено, во овој филм не се работи само за амбициозност, која впрочем и не е воопшто лоша ако има своја вистинска смисла и цел, туку се работи за една наивност и немање чувство или дистанца колку таа амбиција навистина може да се реализира вака како што е замислена, бидејќи е сосем погрешно насочена.

Имено, Капур не се обидува во овој филм да проговори или да заокружи еден период од нејзиното 45-годишно владеење, не се обидува да проговори за одреден тек на настаните, односите или некои драматични случувања кои подоцна ќе го одредат текот на нештата, туку сака да опфати се` што го карактеризира познатото елизабетанско доба и тоа ни повеќе ни помалку туку низ дилемите околу мајчинството, низ нејзината слабост кон авантуристот сер Волтер Рали (Клајв Овен), низ нејзиното емотивно созревање кога ќе се почувствува предадена од Рали и од нејзината најблиска дворска дама. Едно наспроти друго, и тоа вака наивно и површно дадено (сценариото е на Вилијам Николсон и Мајкл Херст), како што е врпочем и во филмот, остава впечаток на недораснатост за идејата и на едно големо раскошно промашување, во кое единственото оправдание го носи Кејт Бланшет која успева на ликот на Елизабета I да и го даде сето она што недостига во сценариото, па и во самиот филм. Кејт Бланшет е силна, одлучна, разборита и умна, таа е емотивна, мудра и уплашена, подеднакво повредена и борбена и доволно достоинствена да се бори со сето тоа. Но за жал, и покрај се`, на крајот се прашувате што овој филм донесе или кажа, освен тоа дека моќта лежи во внатрешната сила и вербата (во смисла на актерската игра), па дури и кога нештата умеат да бидат комплетно невозможни.

Додека авторот се губи во небитните дијалози околу невиноста, додека се обидува многу патетично и во стил на сапуница да проговори за болката од неоствареното мајчинство, додека води „бескрајно мудри“ дијалози за филозофијата на живеењето на слободоумниот Рали и на самата кралица, од друга страна, сите други настани ги дава многу бледо и недовршено, а со оглед на тоа што секако сака да ги допре, создава само конфузија оставајќи ги работите нејасни и бесмислени. Епското е само назнака и желба која останува запретана некаде под надворешноста, која треба да не направи сочувствителни и да ни ја прикаже ранливоста на Елизабета како вљубена жена. „Сите смртници имаме слабости, премногу чувствуваме и повредуваме, но имаме шанса за љубов“, вели Рали искажувајќи ја поентата на авторот, кој истовремено сака да проговори за слабоста и сочувствителноста на Елизабета, но и за цврстината и решителноста тогаш кога тоа е потребно, и покрај болката и страдањето што ги чувствува длабоко во себе. „Се преправам дека има стаклен ѕид меѓу мене и нив, можат да ме видат, но не и да ме допрат“, му зборува Елизабета на Рали.

Шекар Капур е обземен со вечноста и големината, со силата и моќта, со слободниот дух, но и со потребата од разбирање и спознавање (како исконска потреба на секој од нас), тој е обземен со тоа да ни го покаже светот на Елизабета, но низ човечната призма, низ оној внатрешниот, кршлив свет својствен на човекот, мислејќи дека така ќе ја долови комплетноста и комплексноста на една личност, на еден силен владетел што ја одбележа епохата и ги постави темелите на британската империја. Но, низ предвидливите реакции на една повредена жена, низ начинот на кој ги води разговорите и ја очекува поддршката од човекот во кој ќе се вљуби, низ начинот на кој ќе биде предадена од тие на кои им веруваше, низ баналните сцени на зближување и оддалечување и црно-бели ситуации кои многу банално го одредуваат нејзиното однесување, Капур само ќе докаже дека е човек на своето време. Дека е под големо влијание на американските филмови и сапунски серијали и дека не може да се извлече од патетиката, ниту пак да се снајде во лавиринтот на комплексните и многу сложени чувства, односи, настани и реакции.

Се чини дека целиот проблем на овој филм е во фактот што Капур не разбира за што зборува. Едноставно, времето, состојбите, историските факти и одлуки кои Елизабета мора да ги донесе и суровиот свет со кој таа е соочена и во кој мора да најде начин да опстане, не може да се гледа низ поедноставената призма низ која тој сака толку „едноставно“ да ги види и долови нештата. Сценариото е толку избанализирано што е сведено на црно и бело, на добра и лоша страна, на созревање и страдање како во некој евтин љубовен филм. И во целиот тој контекст, неверојатна е желбата да се оживее визуелно тој свет, да се оживее епохата и текот на историјата и да се внесат сите битни нешта со кои Елизабета била опркужена, без некакво образложение или функција. И на крајот, како во сказните, како што всушност и е поставен овој филм, да ни каже дека потоа земјата влегува во период на мир и просперитет.

Елизабета I е олицетворение на сила, таа е мудрост, таа е вечност, енигма и фасцинација, токму заради начинот на кој ќе успее да се справи со се` што во тоа многу сложено време ја опкружува. Навистина, и тогаш како и секогаш имало интриги, предрасуди и затскриени игри, но, да се сведе сето тоа на банални изјави, совети и мудрости меѓу неа и Рали, на една симпатија која останува на ниво на платонска љубов, и на изјави од типот: „Ги дадов животот и душата за Англија“ или „Јас сум мајка на мојот народ, боже дај ми сила да ја издржам оваа силна слобода“ е навистина смешно. Шекар Капур е едноставно недораснат за еден ваков филм, недораснат е да навлезе во психологијата на времето и личноста, недораснат е да говори за една историја која не е само збир на факти. Емоциите, внатрешните дилеми и превирања, страв, неспокој и потреба од некој на кого ќе се потпре, секако, дека биле дел од нејзиниот живот и борба, но сигурно не онака како што тоа го прави Шекар Капур. Понекогаш е навистина жално кога ќе видите дека после се` што е направено работите се сведуваат на такви баналности, а со цел да се долови некоја суштина. Но, суштината прво треба да се разбере. (25.01.2008)

No comments: