Sunday, December 28, 2008

Американски гангстер (American Gangster)


„Американски гангстер“ како парадигма на американското општество

Кон „Американски гангстер“, режија: Ридли Скот; Стивен Зеилијан; фотографија: Харис Севидес; музика: Марк Страјтенфелд; улоги: Дензел Вашингтон, Расел Кроу, Џош Бролин, Чиветел Еџиофор, Тед Левин, Руби Ди; САД 2007 година

Ридли Скот и Дензел Вашингтон годинава (2008) немаа номинација за „Оскар“ иако нивниот филм „Американски гангстер“, дефинитивно, е едно од најдобрите остварувања од изминатата година. Различен од се` што досега работел Ридли Скот, снимен многу смирено, елегантно и вешто, ова е еден класичен гангстерски филм кој во себе ги антиципирал сите карактеристики на овој жанр, но давајќи им сосем поинаков призвук, динамика и ритам. „Американски гангстер“ делува како да е дојден од друго време, па сепак, совршено кореспондира со денешното и во психологијата, и во односот кон работите, па дури и во самото милје. Бидејќи во него ја имате дефинираноста на времињата, но дадена многу повеќе низ призмата на човекот и неговото место во општеството, отколку низ фактографијата.

Ридли Скот овој пат се нафаќа со вистинската приказна за црниот наркобос Френк Лукас, кој при крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите изградил цела империја надвор од сите правила и познати шеми. Интересно е дека тој совршено ја следи шемата на италијанските мафијашки организации, па сепак, успева да се издигне над мафијата и да направи такво невидливо царство во кое никој нема да сака да поверува. Френк Лукас го испекол занаетот работејќи како возач и телохранител на познатиот мафијаш Бампи Џонсон, од кој сепак го зема најдоброто но со една разлика, да биде независен и никој да не го поседува. Тој успева да набавува дрога сам, директно од Југоисточна Азија, бескомпромисно следејќи ја шемата на создавање бренд и замислата по секоја цена да се остане во сенка, успевајќи да ги претвори во свои вработени дури и италијанските мафијаши. Неговата тактика и однесување се совршени, тој нималку не наликува на црн гангстер, напротив.

Приказната во филмот која ја потпишува Стивен Зеилијан („Шиндлеровата листа“), а која се базира на написот на Марк Јакобсон „The Return of Superfly“, се претвора во една фантастична, неверојатна сторија за успехот, чие траење и крај се подеднакво неверојатни. Приказната за Френк Лукас останува мистерија, која и денес е интригантна и невозможна, исто како што мислеа и тогаш кога се соочија со неа. А Френк Лукас, кој првично беше осуден на 70 години, денеска е слободен.

Режисерот Ридли Скот создава една фантастична наративна структура во која вметнува се` што е карактеристично за времето, но која за цело време го задржува одличниот тек на раскажување на две паралелни стории, едната за подемот и падот на Френк Лукас (Дензел Вашингтон), а другата за чесниот, жесток и упорен капетан Ричи Робертс, кого исто така одлично го игра Расел Кроу. Нивните приказни се подеднакво чудни, особени и поинакви, и Ридли Скот од сето тоа создава уште еден фантастичен поттекст во кој се судираат тие два лика, а кој што судир во суштина не завршува со пораз за никого, туку со соработка и пресврт што тотално ќе ги измени нивните животи. Сето тоа резултира со најголемата корупциска полициска афера, бидејќи Лукас ќе ја прифати понудата за соработка, низ која се разоткрива дека дури три четвртини од полицијата која работи со наркотици е корумпирана.

Но, сите овие неверојатни податоци ја добиваат својата вистинска форма и тежина токму низ оваа интелигентно филмувана сторија, која има епски димензии и која претставува едно фантастично огледало не само на времето, туку и на американскиот начин на успех или на отелотворување на американскиот сон. Во неа Скот низ приказната за градењето на нарко-царството говори и за војната во Виетнам, за американската политика и војска, жестоко ја критикува американската полиција, а истовремено говори и за моралните, деловни и човечки димензии во сооднос со успехот и опстанокот. Тука се многу мудро вклопени и сите стереотипи врзани со Црнците во Америка, фантастично изработувајќи ги деталите во се` она што е карактеристично за нивното однесување и се` она што Лукас ќе умее во тој стереотип да го избегне. Една од фантастичните реченици е кога Ричи Робертс му вели на Лукас дека проблемот е што тој го претставува прогресот кој им нанесува многу парична штета на другите, но она што обично е непростливо е дрскоста да излезете од стереотипот што другите ви го наметнуваат. А Лукас успева да биде над се` што од еден црн гангстер не се очекува, и се чини дека оваа навреда никој нема да може да му ја прости.

Но, што се случува? Тој и невообичаено чесниот полицаец со кој никој не сака да работи бидејќи неговата чесност им влева недоверба, ќе се препознаат некаде во тој невозможен виртуелен свет, и кога по оваа огромна афера Ричи Робертс станува адвокат негов прв клиент е токму Френк Лукас. Има една фантастична симбиоза меѓу овие два лика, која го предизвикува времето и луѓето на многу провокативен начин, а од која Скот создава еден филозофски трактат. Но, трактат кој е многу животен и проверен директно на улица. Затоа на крајот, тие и двајцата се морални победници, бидејќи тие ќе раскринкаат се` што е зачмаено и непроменливо. Лукас и Ричи беа над тоа, тие не играа по востановените правила.

Интересно е дека на крајот и Лукас во целиот тој корумпиран џган се претвора во позитивен лик, кој по 15 години излегува од затвор. Неговиот начин на работење многумина го сметаат за пример во американското претприемаштво, за што еден критичар дури ќе напише дека, да не се работи за криминал и да не беше Лукас дилер на дрога, тоа би бил пример кој би можел да се изучува во училиштата за менаџмент. Скот некако магично успева да создаде напоредно неколку одлични приказни во овој филм кои говорат за луѓето, за предрасудите, за проблемот на времето и сфаќањата, за погрешните потези на американската политика, за полицијата, за се` што е база на едно општество ставајќи ги еден наспроти друг овие два лика, кои само играат по своите правила, едниот за да биде некој, а другиот следејќи го бескомпромисно својот карактер. И двајцата претворајќи се во парадигма на американското општество, низ која Ридли Скот ќе направи еден неверојатен гангстерски филм кој е различен од се` останато или како и Френк Лукас, кој се издигнува над сите други гангстерски филмови. Затоа што со сите елементи, со сценариото, фотографијата, музиката и монтажата, но и со моќта за фантастично склопување приказни ќе создаде нешто многу повеќе од филмско дело. Ќе создаде една парадигма за комплексниот и сложен свет од 1960-тите години, кој остави големо наследство зад себе во сите пори на живеењето, во Америка, но и во светот. (10.03.2008)

No comments: