Thursday, January 8, 2009

Шоуто на Труман (The Truman Show)


Алтернативен живот

Кон „Шоуто на Труман“, режија: Питер Вир; сценарио: Ендрју Никол; фотографија: Питер Бижу; музика: Буркард Далвиц; улоги: Џим Кери, Лора Лини, Ноа Емерих, Наташа Мекелхон, Холанд Тејлор; САД 1998 година

„Шоуто на Труман“ е необичен филм бидејќи нуди една фикција, една идеја која е невозможна, а сепак звучи толку реалистично, што застрашува. Светот на измислениот остров Хејвен, сместен во едно огромно студио, е изграден врз база или поточно манипулирајќи со сето она што е карактеристика на 20 век, на крајот од векот во кој живееме. А тоа е моќта на медиумот, односно можноста за алтернативен живот која медиумот извонредно ја препознава и искористува, а во склопот на сето тоа, и глобалната потреба од воајеризам, потреба да се погледне зад туѓата врата, а својата љубоморно да се чува и на крајот, дволичноста која се подразбира.

Имено, овој филм почнува со една огромна дволичност, која плаши токму поради својата простодушност и ненамерност. Протагонистите и авторот на режираното шоу за животот на обичниот граѓанин Труман се особено горди на тоа што го прават, бидејќи „овој свет е фалсификат, доста ни е од лажни емоции, кај Труман нема ништо лажно, се` е вистинито“, „Шоуто на Труман е стил на живот, тоа е благороден живот“, „тој им носи радост, надеж и инспирација на милиони“. И се` е добро, сите се среќни и задоволни, живеат со животот на Труман, без нималку злоба во себе, се радуваат на неговите успеси, тагуваат кога тој е несреќен, навиваат да успее, го сакаат, тие му посакуваат се` најдобро. Се' е идилично, невино, благородно. А Труман? Па Труман (Џим Кери) е ѕвезда, која им носи утеха на луѓето, кои одбираат да живеат во измислен свет во кој само тој нема право на избор, само тој е вистинит, а останатите постојано го следат неговиот живот преку моќната телевизија.

Филмот ги дели луѓето на два света, на марионети и оние кои со нив управуваат, извонредно доловувајќи ја реалноста во која луѓето препуштени на инерцијата на случувањата, стануваат бесчувствителни. Тие во потрага по задоволување на своите потреби некаде попатно ја загубиле совеста, длабочината и отвореноста кон другиот. Потенцирајќи ја сета таа „исправност и наивност“ режисерот Питер Вир, авторот на прекрасните филмови „Друштво на мртви поети“, „Години на опасно живеење“, „Сведок“, „Зелена карта“, создава една стилизирана драма, која дискретно во себе носи голема спротивставеност.

Од една страна, таа е идилична, едноставна, со многу задоволни луѓе, без негативна енергија, весела, полна со светлина, со еден збор надреална, но од друга страна таа е мрачна, вознемирувачка, па дури и злокобна. Меѓутоа, таа спротивставеност не предизвикува ниту некаков судир, ниту пак драстичен пресврт во филмот. Напротив, Питер Вир врз основа на остроумното, компактно и необично сценарио на Ендрју Никол („Гатака“) на совршено едноставен, лежерен начин, помалку како сказна го прикажува островот Хејвен, секојдневието, луѓето, случувањата.

Се` всушност се врти околу Труман, но филмот искористувајќи ја моќта на медиумот и зависноста од него, го прави тоа и со нас, манипулира и постапно преку невообичаениот пејзаж и настани не внесува во вистинската слика на нештата. А тоа е огромна сцена, како алтернатива на животната сцена, каде што се` е измислено, сите се актери, се` е прецизно испланирано и подготвено, без можност за непредвидливост, само Труман е вистински т.е. несвесен субјект во таа драма. Значи, како што гласат изјавите на оние кои учествуваат во филмот, а особено на неговиот творец Кристоф (Ед Харис), борејќи се против лагата, преправањето и немањето вистински емоции, тие создаваат нешто вистинско, „најдоброто место на земјата“, најголемата можна лага. Токму затоа критиката на современиот начин на живеење, посебно на „западниот свет“ е толку поголема колку што е понезабележлива, како и за протагонистите во самиот филм во филмот.

Питер Вир мајсторски градејќи една прецизна конструкција, полна со бизарни детали, го наметнува прашањето за жртвите и манипулаторите, но не на филмот, туку во реалноста. И кој има право да манипулира, да изигрува Господ, без оглед со каква намера? А уште полошо, консументите на таа фарса, оние кои го добиваат тоа што го сакаат, тоа што им е потребно и во својата пасивност, во која тивко се лулаат, заштитени во светот во кој не се протагонисти, во кој не мора да се ангажираат и не можат да бидат повредени, забораваат да го осудат оној кој смета дека има право да одземе нечија слобода, да контролира нечиј живот и да го претвори во затвореник. Тоа е дволичност, дволичност која е толку голема, толку потребна и толку добронамерна, што е застрашувачка. Затоа што оди до најсуптилните нешта.

До режирање на љубовта, на пријателството, на родителската љубов, приврзаност и пожртвуваност, до семејните трагедии, значи до најсветите и најболните нешта. Она што ги дава темелите на било чие битисување. И уште повеќе, сето тоа нема крај. Ексклузивната серија ја има својата неприкосновена цел, за да биде повозбудлива постојано се измислувани нови, емотивни возбуди и потреси во животот на Труман, кои режисерот Кристоф извонредно ги потенцира расплакувајќи ги гледачите. И додека Трумановото патење е проследено со величествени (класични) звуци, гледачите се одушевени, потресени, Кристоф е мајстор, виртуоз, тој умее да ја создаде и предизвика еуфоријата. А што останува после неа? Останува празнина, очај, мачнина, изневереност, нешто неповратно загубено, целиот живот. Нешто што е сосем неверојатно да се случи, па сепак супериорно ги наметнува емоциите, прашањата, стравот, вистината.

Филмот „Шоуто на Труман“ во суштина е драма, а во формата има елементи на детективска приказна, и за гледачите, а особено за Труман, што му дава на филмот доза на провокација и забава. Имено, Труман, а и ние донекаде, постепено откриваме, дека е во „планетарна“ стапица, дека во неа учествуваат сите, тој станува параноичен сфаќајќи дека е толку изманипулиран што ниту една секунда од неговиот живот не била само негова. Филмот е направен со исклучително темпо, во кое низ окото на камерата се разоткрива животот на Труман, кој за него го измислил режисерот и творецот Кристоф, во совршената, сугестивна, дистанцирана и патолошка улога на исклучителниот Ед Харис, „најголемиот светски телевизионер, дизајнер и архитект на идеалниот свет во светот“.

Во филмот се случуваат нејасни, чудни работи, кои му даваат чувство на загрозеност на Труман и негов лајтмотив станува желбата да побегне на островот Фиџи, во потрага по својата единствена љубов Силвија (Наташа Мекелхон). Во тоа секојдневие полно со иронија Питер Вир ја потенцира нестварната слика на пејзажот, во која доминира розевата боја, си поигрува со мноштвото реклами, на кои се базира денешното живеење и со доминацијата на психолошките проблеми, фобии и трауми, масовно користени во филмовите. Тој и дава пародичност на причината поради која Труман не може да побегне од островот, односно стравот од водата поради давењето на неговиот татко, давење кое исто така не постои во режираниот живот на Труман.

Филмот има своја извонредна драматуршка цврстина, но и визуелна атрактивност, која иако пародична доловува еден калеидоскоп на ефектно вклопени бои, една слика со толку прецизно изработени детали што и` даваат совршенство, преку фотографијата на Питер Бижу. Џим Кери се вклопува во ликот на Труман Бурбенк со својата наивност, комичност која овде Питер Вир успева да ја преобрази во ироничност, со својата меланхоличност и благородност, меѓутоа во драмските моменти тој губи секаква убедливост. Неговата жена и најдобриот пријател, Лора Лини и Ноа Емерих одлично ги носат своите улоги, издржано и доследно.

Moже да се каже дека филмот е извонредна посвета на крајот од 20-от век, на животот во кој единката го изгуби своето неприкосновено значење, во кој единката се губи во вителот што го создава секојдневието, што го создава трката по задоволување на надворешните потреби, а внатрешното, односно духовното останува запретано некаде длабоко внатре и води до тоа, ослободувањето од фрустрациите да не избира цена. Тоа е прекрасен филм во кој на простодушен начин се зборува за денешната драматичност, за векот на медиумите, во кој исто така наивно, невино и од невнимание се губи она највредното, можноста да се види. (1999 година)

No comments: