Tuesday, January 27, 2009

Морето однатре (The Sea Inside)


Кој има право да не` осуди на живот

Кон „Морето однатре“, режија: Алехандро Аменабар; сценарио: Алехандро Аменабар и Матео Гил; фотографија: Хавиер Агуиресаробе; музика: Алехандро Аменабар; улоги: Хавиер Бардем, Белен Руеда, Лола Дуенас, Мабел Ривера, Клара Сегура, Алберто Хименез; Шпанија 2004 година

Едно од исклучителните остварувања на младиот чилеански автор Алехандро Аменабар, кое само уште еднаш ги оправда неговите многубројни награди и го потврди неговото место на врвот со актуелните европски автори, е шпанскиот филм „Морето однатре“. И тоа од повеќе причини, прво заради тоа што станува збор за автор кој го одбележа изминатото десетлетие и тоа со само три филма, затоа што станува збор за една од најинтересните појави во светот на филмот денес, која носи големо ветување за иднината, а на крајот и затоа што на особен начин говори за животот и за смртта, за една тема многу експлоатирана, но тема која е обработена така, што откако ќе го видите филмот, не ви дава мир. Алехандро Аменабар е човекот за кого веќе со првиот филм „Теза“ во 1996 година, ќе стане јасно дека се работи за една особена појава, за човек кој на свој начин ќе го одбележи филмот и ќе донесе нешто кое ќе успее преку ноќ да се издвои. Тој тоа го докажа и со „Отвори ги своите очи“ или американскиот римејк на „Небо од ванила“, потоа со „Другите“, еден навистина посебен поглед на живите и мртвите и сега со „Морето однатре“, кој повторно говори за животот и смртта, но како и во „Другите“, на еден навистина оригинален начин.

Алехандро Аменабар е познат по својата храброст и одважност да ги помери границите и да си игра со надреалното, со психолошкото и фантазмагоричното, и тоа на тој начин што се однесува како сето тоа да е нормално. Тој во својот свет на духовите е толку искрен и единствен, што се прашувате која е вистината, чиј свет да ја добие вашата симпатија, и на крајот навистина, постои ли страната на духовите која е загрозена од луѓето. Исто како и светот во „Небо од ванила“, кој си игра со здравиот разум и со страста, со страста за животот, за љубовта, со страста за себепронаоѓањето. А неговата цел, како што самиот вели, е играта, но серизоната игра. „Небо од ванила“ е неговиот римејк на „Вртоглавица“. Интересно е дека тој, всушност, сака да си игра со животот и смртта ставајќи ги на работ на своето егзистирање. Имено, ако направиме споредба со „Вртоглавица“, неговата игра не е наивна, логична или лесно објаснива, неговата игра влегува онаму каде што не смее, менувајќи ги нештата и луѓето од корен, менувајќи ги нештата така што веќе никогаш не можат да бидат исти.

„Морето однатре“ е можеби филм кој се занимава со толку приземна тема како што е евтаназијата, но неговиот приод е сосем поинаков. Тој прави филм во кој Рамон Сампедро е човекот на кој му се одушевувате, не затоа што ја поднесува целата своја несреќа и многу успешно живее со неа, туку затоа што тој е над се`. Затоа што многу едноставно тој знае каде е неговото место, каде е местото на оние кои имаат потреба од неговата болест, затоа што точно знае се` и, што е најважно, со сето тоа знае да се носи. Не на начин патетичен и храбар, бидејќи Аменабар не зборува за тоа, туку за силата на мислата, за силата на психата, кога човек умее работите да ги постави на свое место, кога умее да ја види нивната слабост, причина или потреба, а сето тоа да го прифати. Рамон Сампедро е неговиот и нашиот херој, кој многу ненаметливо го наметнува прашањето за смислата на животот, за бесмисленоста на некои морални принципи кога животот едноставно се коси со нивните начела, за тоа кој има право некого да го осуди на смрт, но и на живот, за тоа зошто принципот на животот би бил над принципот на достоинството.

И, се разбира, не може а да не не` погоди, не може а да не не` помести сосем од место или да не не` разувери во сопствените убедувања. Бидејќи, тој едноставно ги знае вредностите не нештата, сосем ја знае смислата и бесмислата бидејќи ја живее, сосем ја знае вредноста на моралот кога тој се судира со она од кое произлегува. Токму затоа Аменабар вознемирува, затоа што не соочува со она кое во суштина ни дава мир. Со едноставната поделба на добро и лошо, со едноставната поделба на црно и бело, со едноставната поделба на моралот и неморалот покажувајќи ни дека ништо не е толку едноставно, дека понекогаш моралот е неморален, дека понекогаш доброто е лошо и обратно, дека нашето добро не е исто со доброто на некој друг итн.

„Морето однатре“ го носи немирот, немирот на морето, немирот на човечката душа, го носи немирот во кој не сакаме да гледаме се додека не мораме. А сето тоа Аменабар го прави многу достоинствено, без нималку патетика, без да ни даде било какво оправдание кое би ги оправдало нашите морални ставови, без нимала желба да ни олесни. „Морето однатре“ е импресивен филм, филм кој стои на работ, а во себе ја акумулира целата животна енергија, филм кој се движи на работ терајќи не` да им погледнеме на нештата в очи, па и без оглед каде сето тоа ќе заврши. Велејќи во еден момент дека ако некој ме сака тогаш ќе ми помогне, односно ако некој ме сака ќе ги почитува моите желби. А што е животот, дали тоа е обврска, дали тоа е право, морално право, дали тоа е осуда, дали тоа е принцип над принципите.

Затоа Аменабар вознемирува, затоа што си игра со прашањата кои немаат одговор или кои имаат, но кои не сакаме да ги прифатиме. Тој не тера во нив да погледнеме, особено што Хавиер Бардем е еден таков фасцинантен избор, чија харизма, моќ и препознавање се нешто од кое не можете да побегнете. Хавиер Бардем ќе ја одигра својата животна улога борејќи се со демоните, присутни и неприсутни, борејќи се со своите емоции, напуштени или вистински. Рамон Сампедро е фасцинација која животот го претвора во убавина, во поезија, која на животот му дава смисла, не поради болката или немоќта, туку обратно, затоа што животот е полн ако умеете да видите, а празен ако не умеете, без оглед на фактичката или физичка моќ и немоќ.

Интересното е и она со кое не соочуваат Аменабар и Бардем со својата несекојдневна изведба, со фактот дека токму тогаш кога умеете да видите болката е поголема. А кој има право да ве осуди на тоа? Тоа се прашања сега и засекогаш, прашања кои овој филм го претвораат во поезија, која секој различно ќе ја чита, а факт е дека токму во тоа и е убавината на стиховите. (03.2005)

No comments: