Monday, January 19, 2009

Снег (Snow)


Топлината на снегот

Кон „Снег“, режија и сценарио: Аида Бегиќ; фотографија: Ерол Зубчевиќ; музика: Игор Чамо; улоги: Зана Марјановиќ, Јелена Кордиќ, Јасна Бери, Емир Хаџихафизбеговиќ, Весна Машиќ, Саџида Сетиќ, Ирена Муламухиќ, Босна и Херцеговина 2008 година

Босанскиот филм „Снег“ на Аида Бегиќ уште од премиерата во Кан минатата година, каде што ја освои наградата во програмата „Недела на критиката“, направи голем успех одејќи на бројни фестивали и освојувајќи уште десетина награди. Меѓу другите, тој ја освои и наградата на Советот на Европа, кој го сочинуваат седуммина амбасадори и кој доделува само две почесни награди на фестивалот „Ѕвезди и филмови на европската кинематографија“ посветен исклучиво на филмови поддржани од големиот европски фонд „Еуроимаж“. Покрај тоа, овој дебитантски филм на Бегиќ беше и номиниран меѓу четирите филма за европската филмска награда во категоријата „европско откритие“. Кај нас овој филм дистрибутерот „Манаки филм“ го донесе релативно брзо, уште пред да отиде во повеќе земји во соседството, но како и се` друго, тој во Скопје помина незабележано. Додека, на пример, во Србија го очекуваат со големо интересирање, бидејќи успеа да освои и награда на нивниот Фестивал на авторски филм. А на фестивалот во Солун, каде исто имаше награда, беше прикажан три пати и тоа во преполни киносали.

„Снег“ е една мала непретенциозна приказна сместена во мало село во Босна во кое има само жени, некаде во 1997 година веднаш по војната. Зошто непретенциозна? Затоа што Бегиќ во овој филм, и покрај контекстот, и покрај товарот на тукушто завршената војна, и покрај тоа што во селото речиси нема мажи, сепак, успева за цело време да остане фокусирана на човекот, на топлината и заедништвото, и сето тоа да го стопи на многу инспиративен начин со живописната околина, со убавината на пејзажот. Затоа овој филм некако многу лесно успеа насекаде да допре до публиката, затоа што не падна во стапицата на осуда на војната или било каква критика, не навлезе во патетика или некаква реминисценција на воените трагедии, не се препушти на сеќавањата на жителите на селото, на нивната тага или стравувања за тоа што се случило со нивните сакани мажи или синови, за чија судбина не знаат ништо.

Напротив. Она што провејува во филмот на Бегиќ е оптимизмот. Некои од жените веруваат дека нивните мажи успеале некако да се спасат, да побегнат, и дека можеби се на некое друго место. Симпатична е таа нивна заедничка приказна во која има многу топлина, поддршка и блискост, во која на забавен начин, низ нивниот дијалог и низ нивните карактери се прикажани многу карактеристични особини за овој народ и за нивното однесување. Во својата приказна Бегиќ користи многу симболи, многу алузии и на моменти многу надреални моменти или моменти кои се на границата на сонот и јавето, доловувајќи ја на тој начин целата психологија на времето и на жителите на ова село. Интересно е дека ова провокативно место напати изгледа како да е надвор од стварноста, како да е надвор од реалноста, па сепак, успева многу живо да ги наслика своите ликови.

Главниот лик е Алма (Зана Марјановиќ), млада вдовица, која и единствена во селото е облечена традиционално со шамија, инаку, многу интересен и силен лик, која за разлика од некои повозрасни, има голем авторитет. Тука има уште неколку жени на различна возраст, од кој едната слуша рок и сонува да побегне, друга ја наоѓа смислата во чување сирачиња, свекрвата на Алма е толерантна и многу необична жена, па главната жена во селото која посветено работи на ткаење еден килим, итн. Алма е убедена дека тие треба да работат, да прават зимница со нивното овошје и зеленчук, со кое како што верува можат да нахранат пола Босна. И во целата оваа надреална ситуација, таа и нејзината пријателка одат на автопатот, седнуваат и се обидуваат да ги продадат подготвените тегли.

Животот во селото си тече по еден востановен ритам се` додека во него не пристигнат двајца странци, кои ќе сакаат да ја купат нивната земја. Многу од жените дури и ќе се согласат сакајќи да побегнат, но не и Алма, не и дедото кој го игра Емир Хаџихафизбеговиќ, кој е некој вид духовен столб на ова мало место. Аида Бегиќ сосем добро ја структурира својата приказна, водејќи ја полека кон кулминацијата. Во разрешницата, таа повторно ќе се послужи со симболи, соочувајќи ги странците со една неверојатна временска непогода, како кога во некое библиско време небото ќе ја испрати својата порака. На моменти таа и претерува со претчувството, со симболиката и со некои предупредувачки назнаки, со некоја предвидлива порака, но сепак филмот е убаво насликан и останува чувството на нешто што е позитивно и хумано. Нешто што пред се` сака да ги задржи убавите спомени, и да го потенцира она што е вредно, да алудира на трајните вредности, на нештата кои ја сочинуваат базата, без оглед на се`.

Но, нема во тоа многу патетика, туку многу повеќе фокусираност на едноставното, на изворното, па дури и на исконското. Затоа на моменти и делува претерано, но факт е дека тоа не ја нарушува нејзината, да речеме, симетрија која во целината овој филм ја постигнува. Во смисла на својата структура, во смисла на убавите и ефектни слики, добро водени карактери и приказна, едноставно и симпатично сценарио надополнето со интересна музичка подлога. Еден критичар ќе напише дека можеби во овој филм нема златен снег, но има сребрен. И навистина е така, ова не е голем филм, ова е мало, симпатично и вредно дело, кое ги заслужи своите признанија и кое пред се` му е наменето на човекот и човечкото во него, и затоа секако треба да се види. (17.01.2009)

No comments: