Wednesday, January 21, 2009

Омаж: Пол Њумен (Tribute: Paul Newman)





Пол Њумен - бедемот на „златното време“ на Холивуд

Од Бен Квик преку Буч Касиди и Били Кид, па се` до ладнокрвниот хазардер, Пол Њумен (1925-2008) одбележа една филмска, но и животна ера

Легендата на американскиот филм, Пол Њумен, еден од последните бедеми на „златниот“ Холивуд почина на 83-годишна возраст од рак на белите дробови. Со смртта на Пол Њумен се чини дека пополека се затвора книгата на блескавиот Холивуд и една сосем поинаква ера на филмот и во животот. Бидејќи, Пол Њумен дефинитивно беше една од американските икони, олицетворение на оној Холивуд во кој ѕвездите беа од поинаков материјал, но и олицетворение на едно време и начин на живеење кои се градеа врз некои сосем поинакви вредности.

Актерот од легендарните филмови: „Буч Касиди и Санденс Кид“, „Леворакиот револвераш“, „Хазардер“, „Пресуда“ или „Осило“ не само што остави зад себе импресивна кариера и галерија ликови, туку и исклучителна хуманитарна работа која на многумина им донесе утеха и спас. Тоа што Пол Њумен го карактеризираше во неговите безброј ликови, го карактеризираше и надвор од екранот, бунтовноста, смелоста, борбата за правата на другите, самосвојноста, искреноста и одлучноста секогаш да се бори за она во што верува. А тие карактерни особини не само што му ја донесоа славата, туку придонесоа и неговото наследство како уметник и како човек да биде огромно.

Бројни се улогите по кои Пол Њумен се памети, тргнувајќи од неприспособениот Бен Квик во „Долго топло лето“, кој во 1958 му ја донесе „Златната палма“ во Кан, па преку фрустрираниот, но неодоливо привлечен партнер на Елизабет Тејлор од „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“, кој исто во 1958 му ја донесе првата номинација за „Оскар“, преку една од неговите најдобри улоги како професионален играч на билијар во „Хазардер“ (1961), како „Ладнокрвниот затвореник“ (1967), како одметникот Буч Касиди (1969) или гангстерот во „Осило“ (1973), како Рој Бин во „Судија за бесење“ (1972) или адвокатот кој очајно се бори против американскиот судски систем во „Пресуда“ (1982). Интересно е дека Пол Њумен подеднакво беше убедлив и фасцинантен и како одметник, и како човек од законот или како заводник, лесно преминувајќи од вестерн милјето во она на современата американска драма.

Вкупно имаше девет номинации за „Оскар“, но не го доби за многу улоги кои ја одбележаа неговата кариера, за по иронијата на нештата да го добие дури 1987 година откако претходната година го доби „Оскарот“ за животно дело. Наградата му ја донесе „Бојата на парите“ на Мартин Скорсезе, во кој повторно е играч на билијар и кој се смета за своевидно продолжение на „Хазардер“. Во 1990 заедно со Џоан Вудворд повторно ќе блеснат во филмот „Господин и госпоѓа Бриџ“, а номинации за „Оскар“ ќе му донесат и филмовите „Ничија будала“ од 1994 и последниот „Пат без враќање“ од 2002.

Пол Њумен е роден на 26 јануари 1925 година во предградието на Кливленд, Охајо во еврејско семејство со потекло од Полска, Словачка и Унгарија. Неговиот татко имал продавница за спортска опрема, но Пол Њумен немал намера да се занимава со трговија иако отпрвин студирал економија. Неговата желба да биде професионален автомобилски тркач (што беше негова голема страст цел живот), како и да учи за воен пилот за време на Втората светска војна, не се остварија поради тоа што Пол Њумен бил далтонист. Она што останува како шега е фактот дека неговите легендарни сини очи, кои подоцна беа во голем дел заслужни за неговата слава, барем кај понежниот пол, всушност, му беа пречка да го работи тоа што го сака.

Дури и познатиот Ли Стразберг, во чие студио и Пол Њумен ќе учи глума, покрај студиите на „Јејл“, ќе рече дека тој е талентиран, но има голем недостаток, премногу е згоден. Но, на почетокот неговиот изглед, всушност, и нема толку да му помогне. Многумина отпрвин ќе го споредуваат со Марлон Брандо. Студиото „Ворнер брос“ ќе сака од него да направи втор Марлон Брандо, а кружи легенда дека тој потпишал 500 автограми како Марлон Брандо. А, она што е особено интересно е дека негова голема конкуренција во 1950-тите бил и Џемс Дин, со кого заедно биле на аудиција за филмот „Источно од рајот“. Улога добива Дин, но не и Пол Њумен. А првата голема шанса е повторно врзана со Џемс Дин поради чие загинување тој ќе ги добие улогите на боксерот Роки Грацијано во „Некој таму горе ме сака“ и Били Кид во “Леворакиот револвераш“ на Артур Пен.

Пол Њумен се занимаваше и со продукција и режија. За неговиот филм „Рејчел, Рејчел“, во кој игра неговата втора сопруга Џоан Вудворд, во 1968 година ќе добие номинација за „Оскар“ за најдобар филм. А улогата во неговиот филм „Влијанието на гама зраците на сенишните невени“ (1973) на Џоан Вудворд ќе и донесе „Златна палма“. Пол Њумен и Џоан Вудворд се една од легендарните холивудски двојки, која беше во брак цели 50 години.

А освен по многуте легендарни улоги Пол Њумен, секако, ќе се памети и по својот политички ангажман и неверојатна хуманитарна работа. Силно се залагаше за разоружување во Америка, како и за промена на системот на здравстевно осигурување. Заедно со неговата сопруга ќе ги основаат и камповите за деца болни од малигни заболувања, центарот за борба против наркоманијата (неговиот син почина од дрога), а сите средства од нивната фирма за производство на храна ги вложува во хуманитарни цели. Она што кај Пол Њумен плени е неговата чесност и искрена желба да им помогне на другите. Тој е вечниот борец за правда, кој и покрај огромната слава и статус на ѕвезда, никогаш не го загуби тлото под нозете. Напротив, како ретко кој тој својата слава ја стави во служба на правичноста и хуманоста. Затоа и не е чудна неговата стабилност и успешност на екранот и надвор од него, бидејќи едноставноста е она што неверојатно го краси овој преубав и талентиран актер и човек. (28.09.2008)

No comments: