Thursday, January 22, 2009

Чоколадо (Chocolat)


Спојување на небесното и земјеното

Кон „Чоколадо“, режија: Ласе Халстром; сценарио: Роберт Нелсон Џејкобс; фотографија: Роџер Прат; музика: Рејчел Портман; улоги: Жилиет Бинош, Викторија Тивисол, Лена Олин, Џуди Денч, Алфред Молина, Кери Ен Мос, Џони Деп, Хју О’Конор, Питер Стормеар, Лесли Карон; Велика Британија 2000 година

Филмот „Чоколадо“ треба да ги обедини приказните за старите мудрости, за легендите и за симболите со реалноста на една средина, зачмаена под товарот на предрасудите, ограниченоста и религиозните убедувања, но и со фантазијата во која совршениот спој и страста кон животот се олицетворени во предизвикувачката убавина на чоколадото. Режисерот Ласе Халстром, инаку познат по филмовите „Што се случи со Гилберт Грејп“ и „Животот нема правила“, кој имаше номинација за „Оскар“ за најдобар филм, како на моменти да се двоуми меѓу драмата и мелодрамата, за на крајот на ваквиот спој да му го даде сказновидниот изглед, во кој единствено тој и би можел да биде сместен.

Сакајќи да си поигра со предизвикот на животот тој влегува во силен предизвик да ги помести границите на филмската форма или жанровската определеност, за да создаде филм кој не е ниту вода, ниту вино. Во филмот „Чоколадо“, направен по сценариото на Роберт Нелсон Џејкобс, а инаку базиран на романот на Џоана Харис, всушност, се поместени многу интересни нешта (сами за себе), кои треба да го донесат спојот на прекрасната идеја за животот во дослух со својата внатрешност, со својата потсвест и најскриени мечтаења, што за жал преку потребната карикатуралност во ваквиот контекст на моменти се претвора во комедија, а на моменти во сказна, која и покрај сериозноста на темите на кои алудира, сепак, не претендира да биде реална.

Некако, сето ова делува доста комплицирано и невозможно, наспроти благоста и приемливоста на филмот „Чоколадо“, но неговото течение, отвореност и очигледност, иако без иронија, без асоцијативност, без скриени значења, сепак, не го прават филмот толку едноставен колку што изгледа. Дури и покрај тоа што целта на авторот е, всушност, длабочината и различните нивоа да ги смести токму во една многу едноставна приказна, Халстром не успева во тоа, не успева ниту заедно со богот на ветрот да ги придвижи нештата кон нивната промена, барем не кон онаа вистинската.

Имено, во приказната за постојаното патување на Вијан (Жилиет Бинош) и Анук (Викторија Тивисол), во чии имиња веќе е проткаена онаа легенда, која треба и на овој филм и на малото француско гратче да му вдахне живот. Легендата не води дури до Маите, до древната мудрост на проникнувањето на душата, споено со традиционалните рецепти во подготовка на чоколадото. Всушност, би рекле дека премногуте симболи на крајот и не водат до никаков ефект, напротив, остануваат интересни и предизвикувачки сами за себе, но дури и непотребни или да речеме неврзани со онаа „едноставна“ вистина до која води се` во овој филм, дека всушност се зависи од сопствената волја и желба нештата да се променат.

Маите, богот на ветерот што вдахнува живот, симболиката која во ветерот го носи небесното, оној принцип на будење, на движење, наспроти инертноста на Земјата и наспроти природните сили се` да остане пасивно, неподвижно и заспано, е прекрасна симболика која ова мало гратче ќе го разбуди од зимскиот сон некаде во 1960-тите, но и сосем неупотреблива. Освен ако говориме за сказните, што авторот веќе со самиот почеток на наративното „Си беше еднаш“ и се обидува да го направи, заборавајќи дека силината сказните ја носат токму во онаа стриктна поделба на доброто и лошото која овде ја нема. Па дури и оние легенди и принципи од земјата на Маите со кои кокетира авторот тргнуваат токму од двојноста, принципите на Земјата наспроти оние на небото, неподвижното наспроти страста за движење, убавината наспроти страдањето кое, како што се вели во овие принципи „ништо на светот не може да го избегне“. Дека силата всушност лежи во соединувањето на небесното и земјеното, во патувањето од темнината кон светлината, силата лежи во љубовта која човекот го проникнува со живот.

Во еден момент Вијан ќе рече дека за неа љубовта може да биде насочена кон многу нешта, што потоа се отелотворува во будењето, во откривањето на сопствената страст кон животот кај многу жители во гратчето, во откривањето на копнежот, љубовта, слободата, долго посакувана, долго потиснувана. За подоцна тоа проникнување со живот да се претвори во своја спротивност, која северниот ветер, култот кон предметите од мајка и` (која го носи потеклото од Маите) кои Вијан љубоморно ги чува, и опсесивната потреба да го следи нејзиниот дух, не ја покажат својата тежина која ја унесреќува Анук, а ја збунува Вијан, бидејќи без нив таа не може да го препознае своето место. Имено, наместо да ги препознаеме оние два принципа кои го движат светот, значи движењето наспроти зачмаеноста, убавината наспроти страдањето, слободата наспроти ограниченоста, храброста наспроти плашливоста, овде го добиваме спротивното, недефинираноста, или збунетоста многу слична на онаа на Вијан.

Но, да се вратиме на симболите, односно на главниот симбол во филмот, на чоколадото. Во целата оваа приказна, во хедонистичкото задоволство во јадењето чоколадо, преку сетилното задоволство е упатена целата симболика на скриеното, потиснатото, страсното, посакуваното. Имено, преку можноста да се почувствува, преку отворањето на сопствените сетила влегува животот, преку допирот, вкусот, преку препуштањето. Чоколадото ја носи страста, ја носи љубовта, го носи предизвикот, преиспитувањето, чоколадото го олицетворува животот. Тоа умее да го предизвикува чекорењето по скриените ходници на сопствената душа. Токму затоа гофот Рено (Алфред Молина), градоначалникот на градот, во чоколадото го гледа непријателот, го гледа гревот, неморалот, непринципиелноста, разузданоста.

И сето тоа е во ред, се` до онаму до каде што оваа симболика не се претвори во фетиш, што рековме, дури и со сказновидноста на овој филм е премногу нагласена. Малите дози, предизвикот и асоцијативноста кои чоколадото и прекрасната сладострасност можат да ја донесат со себе, би можеле да дадат интересна подлога за една таква приказна, но не вака, бидејќи чоколадото поткрепено со таинствените древни рецепти се претвора во нешто што не е. Нешто што движи, наместо да тера на движење, нешто што открива наместо да ве натера тоа да го препознаете, нешто што носи задоволство пред, а не во дослух со потребите, нешто што ја симболизира страста, но не ја изразува.

И како што во овој филм со премногу добри и идилични луѓе и намери, чиј што фокус или кулминација се наоѓа во пренагласените особини на чоколадото, така и сето она за кое претходно зборувавме, слободата, предрасудите, желбата за движење која ја носи и можноста за бескомпромисност, повторно е донесена, повторена и преповторена во номадската група на Цигани која патува по реката. А потоа и во бојкотот на граѓаните кон дојденците што го иницира грофот, и во неговиот очај во судирот со уште еден предизвик. Сето тоа навистина е премногу, непотребно, патетично. Можеби не како приказна, која се следи, која е позитивна, приемлива, но која го носи вкусот на блуткавото како идеја која само треба да го засили или потврди претходното.

На некој начин целата добра волја се претвора во своја спротивност. Овој сладок (не само поради чоколадото) и симпатичен филм забавува и расположува додека го гледате, или со други зборови заведува, а всушност работите ги поставува сосем наопаку. И што е „најлошо“ тој се наметнува и дури успева да ве натера да размислите за забраните, за предрасудите, за она што го носите во себе, а немате храброст да си го признаете. Ве тера да сфатите дека вистинската сила е во прифаќањето, а сето тоа го прави идилично, до степен на карикатуралност, и кога тоа е намерно и кога не е, истовремено исмевајќи се со католицизмот без вистинска причина или оправдание. Рековме, комичното или карикатуралното или сказновидното многу итро треба да ги оправдаат сите недостатоци, и навидум успеваат, успеваат барем на прва топка, што е и резултат на сценариото кое буквално кажува се`, дури и сето она што е очигледно, па едноставно ја тера публиката да го следи во емоциите што невидливо и ги наметнува. И тоа резултира со филм што е забавен, приемлив, лесен, оптимистичен.

Дури не ја забележувате ниту безличноста на инаку извонредните актери Жилиет Бинош, Џони Деп, Џуди Денч, па и Лена Олин. Подобри улоги носат Алфред Молина, кој и покрај целата карикатуралност успева да ја долови страста и да ги обои емоциите, Кери Ен Мос, Хју О'Конор како младиот свештеник и малата Викторија Тивисол. Интересно со овој филм е тоа што се` е позитивно и на крајот на краиштата не ви е ни важно како тоа е направено, погрешно или не. Но, во тоа и е неговата негативност, како што би рекол кутриот гроф Рено. Заведува и извртува. Навистина е убаво проникнувањето со живот, со љубов, со храброст да се види и прифати, со тенденција за движење кон светлината, но сето тоа има две страни. Дури и во сказните.

Светлината не би го имала својот сјај ако на спротивната страна не лежи темнината, движењето не би го имало предизвикот во себе ако не го носи будењето, ако не го прекине пасивното, неподвижното, „ништо на светот не може да ја избегне двојноста на материјата - нејзината убавина и нејзиното страдање“, се вели во легендата. Ласе Халстром како и самата оваа книга или сценарио, тргнале од легендите и симболиката сакајќи дури да бидат „посеопфатни од животот“, но иронично, тие не успеале него ниту да го допрат. Не во неговата суштина. (2001)

No comments: