Thursday, January 8, 2009

Стигмата (Stigmata)


Стигмата е провокација и предизвик за неверниците

Кон „Стигмата“, режија: Руперт Веинрајт; сценарио: Том Лазарус и Рик Рамаж; фотографија: Џефри Кимбал; музика: Елија Кмирал и Били Корган; улоги:Патриша Аркет, Габриел Брн, Џонатан Прајс, Раде Шербеџија, Ниа Лонг, Порша де Роси, Ен Кузак, Енрико Колантони; САД 1999 година

Режисерот Руперт Веинрајт и сценаристите Том Лазарус и Рик Рамаж во филмот „Стигмата“ од 1999 година си поигруваат со сите оние вкоренети верувања во поглед на црквата, во поглед на верата и вербата, со сите предрасуди и убедувања, со се` што е свето. Уште поинтересно, особено за оние кои во сето тоа не се упатени, звучи токму занимавањето со некое спротивно верување од вообичаеното, кое на директен начин ја обвинува црквата и неговото реално постоење. Направен како трилер „Стигмата“ е филм кој е возбудлив до крајот, необичен и изненадувачки, на што уште поголем предизвик му даваат и исклучителните визуелни ефекти.

Верниците и оние повозрасните веројатно би рекле дека тоа е премногу смело, дури и дека тоа е сквернавење, но овој филм навистина нуди една авантура, нуди еден поинаков поглед кон светоста на црквата, нуди тези кои ве тераат да се замислите над автентичноста и доследноста на сопствените верувања, и кога станува збор за верата, но и во поглед на својот однос кон животот. Стигмата е провокација, предизвик за неверниците, Стигмата е дилема за верниците, Стигмата е игра со очекувањата, верба во чудата кои им се случуваат на оние кои во нив веруваат. Таа нуди интересно патување без оглед на соптвениот став, нуди можност да го пронајдете своето вистинско место во сето тоа, да го дефинирате, да заземете став, бидејќи на маса ги става екстремностите. А таквото соочување не може да ве остави рамнодушни и изборот станува неминовен.

Суптилните нишки вплетени зад главната приказна во овој филм, да се биде верен на Исус Христос или да се изигрува Господ, во кои е содржана страната на вербата и сомнежот, на љубовта и измамата, на отвореноста и крутоста, се нешта кои ненаметливо го прошируваат опсегот на филмот. Тој е применлив и може да се прифати како една современа игра во која се вткаени сите аспекти. Иако филмот за цело време говори за црквата, евангелијата, за можноста и историјата на добивање стигми, разоткривајќи ја борбата меѓу правата и лажната вера, сепак, сето она со што е проследена ваквата тема, не може да не предизвика на преиспитување, не мислејќи овде само на верата и односот кон црквата, преиспитување кое оди многу, многу подлабоко.

Тука е вербата во чудата, опозитноста или заедништвото на науката и свештенството, сопствениот страв, евангелијата како израз на сопствената интерпретација, која може да биде многу различна, како израз на спомените, соништата, размислувањата, тука е контрадикцијата со појавувањето на стигмите кај неверник... Но, како што ќе се открие подоцна, тука е и главната поента, што е верник? Тука се оние кои веруваат во оригиналното евангелие кое проповеда дека верата е во себе и околу себе, и оние останати „интерпретации“ кои вербата ја врзуваат со црквата, со институциите, со длабоката религиозност.

Ендрју Кирнан (Габриел Брн) е свештеник и научник, тој ги истражува чудата и верува во нивната непредвидливост. На нештата не им приоѓа како на веќе дадени, истоветни, затоа вели станал свештеник, заменувајќи една теза со друга, но верувајќи во нивната оригиналност, во нивната различност. Отвореноста и желбата да се разбере го носат на патувањата низ времето кои никогаш, впрочем, не си личат едни на други. Не само дека се различни, дека секогаш има нешто кое ги одвојува од другите, туку уште повеќе затоа што тој е неуморен во својата подготвеност како такви да ги гледа и упорно да истражува.

„Стигмата“, филмот во кој стигмите се закануваат да ја убијат фризерката Френки Пејџ (Патриша Аркет), вели дека гласникот не е важен, но сепак важно е да има верба, а не само сомнеж. Имено, гласникот не е важен, важна е пораката. А пораката во овој, пред се`, атрактивен филм, е дека вербата е во себе, не во црквата, не во симболите, не во светците, вербата ќе ја најде оној кој со својата волја ќе го расцепи дрвото, ќе го подигне каменот... Пораката е дека ништо не е свето, казната ги стигнува и оние кои во името најзино лажат, кои својата правичност ја кријат под превезот на светоста на црквата, под превезот на она чија застрашувачка алузија сакаат да ја претворат во своја сила. Но превезот е само дамка од оксидација, превезот е само привид, кој силната верба може да го проѕре.

Во секој случај „Стигмата“ е атрактивен и провокативен филм, но не повеќе од тоа. Визуелно совршено направен, со извонредна музичка подлога, со одличен кастинг „Стигмата“ станува синоним за мистеријата, за уривањето на предрасудите, за храбороста да се игра со недозволеното, синоним за возбудливото, за предизвикот. Патриша Аркет, Габриел Брн, Џонатан Прајс, Раде Шербеџија, се протагонистите на приказната која тргнува од една друга приказна, за фамата околу документот кој Хамади го наоѓа во 1945 година, документот кој се смета за најблиско евангелие до оригиналната проповед на Исус Христос, а кој што Ватикан го прогласува за ерес. И од сето тоа сценаристите создаваат трилер, еден лавиринт преполн со податоци за верувањата, чудата, евангелијата, за оригиналноста и лажноста, за потрагата по совршенството. За фанатизмот во својата предодреденост да се сочува улогата на Господ, да се сочува пиететот и реномето на „својата црква“. Изградена токму за да ја негува дистанцата и моќта, криејќи го најбесрамно документот што тоа може да го загрози, документот во кој се вели дека не се потребни институции за човекот да комуницира со Господ. „Кралството божје е во тебе и насекаде околу тебе, а не во згради од дрво и камен. Расцепи го дрвото, подигни го каменот, и ќе ме најдеш“, порачува Исус Христос...

Рековме дека филмот е фасцинантно визуелно доловен и мистериозно конципиран, пополека разоткривајќи ги своите тези и делчиња од приказната, а со што успева да го задржи вниманието и интересот докрај. Во него има динамика, има силина, има борба, има безброј елементи кои го окупираат вниманието, има бои, движења, халуцинации, звуци. Неговата цел е да биде интересен, возбудлив, необичен, да го спојува неспоивото, како современиот техно стил и изразот додека ги кажуваат своите молитви длабоко религиозните луѓе. Тој сака да биде нов, провокативен, да ја разбива фамата и предрасудите, да внесе сомнеж.

И во тоа успева, филмот се гледа во еден здив, повлекува во темните неистражени ходници носејќи страв, отпор, несогласување, одушевување, неверување, а од друга страна логично објаснение на она во кое и самиот не верува. Така што, сето тоа резултира со забава и интерес додека се гледа, а можеби и потоа, ако прашањето на вербата и верата умее да ве испровоцира. Но, не повеќе од тоа. Бидејќи, сепак „Стигмата“ е просечен филм, просечен и во поглед на сценариото и во поглед на „придобивките“, ако можеме воопшто за тоа да зборуваме. Се` повеќе потврдувајќи ја присутноста и доминантноста на ерата на технологијата, а се` помалку приматот на вистинските теми, кои емотивно и реално ќе се залепат. Од таму и не е случајно, патувањето кон прапочетоците, кон изворите, кон минатото, се` повеќе барајќи подрачје кое ќе успее да биде оригинално во време презаситено од оригиналноста на копиите. (2000 година)

No comments: