Monday, January 19, 2009

Омаж: Богдан Тирнаниќ (Tribute: Bogdan Tirnanic)


Со Богдан Тирнаниќ замина и духот на едно време

Општеството кое со репресии се бранеше од своите најдобри филмови беше осудено да помине така како што тие предвидуваа, напиша познатиот југословенски новинар, есеист, публицист и филмски критичар Богдан Тирнаниќ

Во исто време кога почина Богдан Тирнаниќ (1941-2009) во српска „Политика“ излезе еден напис со наслов „Дали историјата на српскиот филм е осудена на умирање“. Но, иако индикативен овој текст немаше никаква врска со познатиот југословенски новинар, есеист, публицист и филмски критичар, кој почина во петокот на 16 јануари на 67-годишна возраст. Овој текст има врска со времето во кое се наоѓаме и во кое филмот, како и многу други уметнички вредности константно го губат своето значење. Впрочем, и самиот Тирнаниќ уште на почетокот на 1990-тите запрашан зошто престана да пишува за филмот изјави дека ова е време во кое ако не пишувате за политика тогаш не сте ништо. За жал, тоа негово предвидување, како и редица други, со оглед на тоа што секогаш беше пред своето време, се оствари целосно. И филмот заедно со сите други вредности изгуби сосем на значење, барем на овие наши простори. И се чини дека немаше подобар ламент, иако случаен, токму во исто време со Тирнаниќ да се зборува за опасноста од целосното исчезнување на историјата на српскиот филм.

Всушност, еден ваков вовед во нашиот омаж посветен на овој карактеристичен хроничар на своето време најмногу и би одговарал на начинот на кој Тирнаниќ, кој беше роден во Белград 1941 година, гледаше на настаните. Тој секогаш умееше на многу необичен начин да ги поврзе луѓето и настаните и на еден духовит, луциден и дефинитивно единствен начин низ сето тоа да го долови духот на времето. Затоа и не беше доволно за Тирнаниќ, човекот кој го обележа времето на 1970-тите и 1980-тите години во нашата поранешна Југославија, да се каже дека беше новинар, публицист, културолог, актер, есеист, сценарист, филмски критичар и како што би рекол самиот „Белграѓанец по занимање“, бидејќи тој беше повеќе од тоа. За генерациите во тогашна Југославија, Богдан Тирнаниќ го одбележа времето, тој беше олицетворение на духот на времето тогаш, и на духот на едно изминато време денес, кое се чини пополека заминува засекогаш.

А беше тоа време на страст, на новини, време на уривање на табуа, време на побуна и на вистински вредности. Тирнаниќ беше еден од тогашните најкарактеристични пишувачи, кои на сосем поинаков начин ја гледаа стварноста и без влакна на јазикот пишуваа за филмот, за литературата и политиката, за сите феномени, од стрипот и поп-културата до шпагети-вестерн и рокенролот. Иако работеше за голем број весници, како „Политика“, „Борба“, „Дневен телеграф“, сепак најголем печат остави неговата работа како главен уредник на тогашниот исклучетелен неделник НИН. Многумина велат дека се` што напишал на својот особен стил, полн со луцидност и самоиронија, се претворало во урбана легенда...

Во тоа време тој беше доволно одважен во НИН да почне да ја објавува „Паралелната историја на југословенската кинематографија“ пишувајќи за сите оние филмови кои ја скандализираа тогашната јавност. Но, со оглед на тоа што тогаш, сепак, не можеше се` да се објави, тој дури лани ја објави својата последна книга „Црниот бран“ направена врз база на овој фељтон. Издаде уште неколку книги, меѓу кои „Белград за почетници“ и „Кока кола-арт“. Инаку, со филмот не се занимаваше само како критичар, туку во 1968 и играше во култниот филм на Желимир Жилник „Рани трудови“, кој освои “Златна мечка“ во Берлин. Беше коавтор на сценариото за филмот „Дечко кој ветува“ на Миша Радивоевиќ, а играше и во филмовите „Да се живее како сиот нормален свет“ на Радивоевиќ и во уште едно култно дело, „Црниот бомбардер“ од 1992 на Дарко Баиќ.

„Општеството кое со репресии се бранеше од своите најдобри филмови беше осудено да помине онака како што тие филмови предвидуваа“, напиша Тирнаниќ, човекот кој и самиот се претвори во урбана легенда. Низ неговите текстови го препознававме индивидуализмот, независноста, отпорот, вистинските вредности, време кое од 1990-тите години наваму, кога се ослободивме од комунизмот се чини дека засекогаш го загубивме. Александар Тијаниќ ќе напише: „Зошто му е на едно вакво време потребен Тирнаниќ? Тој едноставно се разијде со оваа епоха“. Тирнаниќ замина, а со него и уште една вистинска врска со едно друго време, барем онаа живата, урбаната. Пишаниот збор останува, но тоа е нешто друго. (20.01.2009)

No comments: